Кој бил Александар Невски, легендарниот руски кнез?

Третјаковска галерија, Сергеј Ејзенштејн, Мосфилм, 1938.
„Битката на мраз“ во која Александар Невски, руски кнез, ги победил витезите на Ливонскиот ред, се смета за пресвртница во руската историја. Во продолжение следува објаснување на овој и на други важни факти за Александар Невски.

Опкружени со Руси предводени од Александар Невски, витезите на Ливонскиот ред (автономен огранок на Тевтонскиот ред), носејќи тешки метални оклопи, со својата тежина разбиваат мраз на езерото и се дават. Ова е традиционална приказна за Битката на мраз од 1242 година и така е прикажана, да кажеме, во филмската класика на Сергеј Ејзенштејн од 1938 година.

Филмот беше дел од пропагандата и оваа сцена со години ја обликуваше перцепцијата за Александар Невски. Тоа беше во 1938 година, војната со Германија беше близу. Во филмот на Ејзенштејн, снимен под надзор на Политбирото, главниот орган на КПСС, витезите на Тевтонскиот ред ги симболизираа Германците, а ставот на Александар Невски беше несомнено патриотски.

„Одете и кажете им на сите во странските земји дека Русија е жива. Без страв нека ни дојдат на посета. Но, ако некој дојде со меч, од меч ќе загине. Руската земја стои и ќе остане на тоа!“, вели Невски во филмот. Но, тој никогаш не би рекол вакво нешто во стварноста. Во тие 1230-ти – 40-ти години, кога се случила Битката на мраз, руска држава сѐ уште немало. Александар всушност се борел на страната на Новгородското кнежевство.

Битката на мраз

Битката на мраз. Кадар од филмот „Александар Невски“ на Сергеј Ејзенштејн

Кон крајот на 1230-тите руските земји биле опустошени од монголо-татарската инвазија. Швеѓаните и витезите на Ливонскиот и на Тевтонскиот ред сакале да го искористат овој период на слабеење за напад на руските земји. Во 1240 година витезите на Ливонскиот ред ги опколија и ги зазедоа Изборск и Псков. Но, луѓето од соседното Новгородско кнежевство, од страв Ливонците да не ги нападнат и нив, го повикале моќниот кнез да ги заштити. Тоа бил Александар Јарославович (1221-1263), подоцна познат како Александар Невски.

Во 1240 година Александар и неговите војници за првпат се нашле на неколку шведски воени бродови на устието на реката Нева. Откако ги повикале силите од Новгород и Ладога, Александар ги победил Швеѓаните во таканаречената битка на Нева (јули 1240). Подоцна, започнувајќи од 15 век, Александар поради оваа битка станал познат во хрониките како „Невски“.

Во 1241 година Александар дошол во Новгородската област и со својата чета воини ги протерал Ливонските витези од оваа област. Во 1242 година се вратил во Псков, убивајќи околу 70 витези. Во април 1242 година Александар, предводувајќи ја војската на Новгород и Владимир, наишол на ливонските витези кај Чудското езеро на границата помеѓу денешна Русија и Естонија.

Чудско езеро

Според современите историчари, на Ливонската страна имало околу 40 витези, потпомогнати со околу 150 пешадинци, а на Александровата околу 800 воини.

Легендата вели дека Александар и неговите воини се бореле со витезите на површината на замрзнато езеро, мразот напукнал, а десетици витези се удавиле. Меѓутоа, Ливонската хроника наведува дека „мечевите ѕвонеле, шлемовите се сечеле, додека воините од обете страни паѓале на трева“, сугерирајќи дека битката се одвивала на цврсто тло. Руската хроника тврди дека Русите ги совладале Ливонците и ги бркале речиси 7,5 километри по замрзнатото езеро до спротивниот брег. Веројатно некои витези можеби се удавиле во текот на потерата, но за тоа не постојат пишани докази.

Руски извори велат дека во битката загинале 400 Ливонци. Меѓутоа, Ливонската хроника вели дека 20 витези биле убиени, а 6 заробени од страна на Русите. Изворите, меѓутоа, се прилично оскудни. Знаеме дека Александар победил во битката, одржувајќи го ветувањето дека ќе го заштити Новгородското кнежевство од Тевтонскиот и од Ливонскиот ред.

Соработка со Монголо-татари?

„Александар Невски” на Павел Корин

По битката Ливонскиот ред бил во дефанзива. Александар го продолжил походот. Во исто време, во 1246 година, неговиот татко, владимирскиот кнез Јарослав, бил повикан од страна на Бату-хан, внукот на Џинхис-хан, во престолнината на тогашното Монголско Царство Каракору и таму го отрул.

Александар и неговиот брат Андреј, по волја на нивниот татко, ги наследиле „руските земји“ – Андреј станал кнез на Владимир, а Александар кнез на Киев и Новгород. Меѓутоа, Киев, престолнина на Киевска Русија, бил запален до темел во текот на монголската инвазија и го изгубил своето значење. Александар останал во Новгород.

Кнезот Александар Невски

Во 1251 година кнезот Андреј избегал поради сериозен судир со Монголо-татарите, а Александар станал велики кнез на Владимир – всушност, најмоќен кнез на руските земји во тоа време. Како таков, морал да комуницира и да соработува со Монголо-татарите за да го заштити својот народ. На пример, во 1259 година ги присилил новгородците да почнат да им плаќаат данок на монголските ханови.

Во 1263 година Александар се враќал од патување во Златната Орда каде што се обидел да го убеди Берк-хан (брат на Бату-хан и негов наследник) да не ги зема Русите во својата војска. На враќање Александар се разболел и починал. Најинтересн дел од неговата приказна, меѓутоа, доаѓа по неговата смрт.

Легенди за Александар Невски: од Иван Грозни до Петар Велики

Александар Невски на престол

Во тестаментот на Александар имало важен детаљ – тој на својот најмлад син Даниил (1261-1303) му го подарил Московското кнежевство, па така Даниил станал основач на московската династија.

Во 1547 година Иван Грозни станал првиот цар на Московското Царство. Истата година Руската православна црква го прогласила Александар Невски за светец. Тоа е направено по налог на Макариј, митрополитот московски. Славејќи го Александар како светец во Москва, Макариј создал идеолошка врска за основа на новата држава.

Исто така било важно тоа што Москва во 1540-тите години ја продолжила војната со Ливонската конфедерација. Имиџот на Александар Невски како прв руски кнез кој го поразил Ливонскиот ред исто така придонел за таквите идеолошки цели.

За подвигот на Александар повторно се зборува на почетокот на 18 век кога Петар Велики ја победил Шведска во Големата северна војна. Во 1710 година, кога војната била во полн ек, Петар наредил во Санкт Петербург да се подигне манастир на Свети Александар Невски (подоцна Александро-Невска лавра). Петар го изградил онаму каде што верувал дека се одиграла битката на Нева во 1240 година (всушност се одиграла 19 километри од местото на Александро-Невската лавра).

Александар Невски полага монашка заклетва непосредно пред смртта. Дело на Василиј Верешчагин, 1896 година.

Две години по прославата на победата над Швеѓаните, во 1723 година, Петар наредил моштите на Александар да се пренесат од Владимир во Санкт Петербург и како симбол на победата на Русија над Шведска, да се чуваат во Александро-Невскиот манастир.

Александар станал заштитник на Санкт Петербург, а Петар намерно го прогласил 30 август (според стариот календар) за свој празник – денот кога е потпишан Ништадскиот договор од 1721 година, со што е завршена Големата северна војна. Исто така е важно тоа што Александар се замонашил на смртна постела, како што традиционално правеле руските кнезови. Меѓутоа, откако Петар Велики ги пренел моштите на Невски во Санкт Петербург, ѝ наредил на Руската православна црква да се сеќава и да го слави Александар како војсководец, а не како монах. Од тоа време Александар Невски се смета за небесен покровител на руската војска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња