Дали можат да се припитомат амурските шумски мачки?

Виталиј Ањков/Sputnik
Знаат да пливаат, се качуваат по карпи и ловат риба. Само што тешко ќе го видете тоа.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

„Маче, се загреа, можеш ли барем да излезеш еднаш? Морам да си одам дома“, вака вели Светлана, жителка на руското Приморје, во видеото на кое убедува млада пругаста мачка да излезе од под автомобилот. Преговорите траеја повеќе од еден час, а мачката на крај дипломатски исчезна во шумата.

И покрај пријатниот изглед, мачката со огромни очи и меки шепи, која реши да ја исконтролира шасијата, не е домашно, туку диво животно кое е запишано во Црвената книга на загрозени видови. Запознајте ја амурската или далекоисточната шумска мачка.

Ја сакаат водата

Амурската дива мачка е северен роднина на бенгалската мачка која живее во тропските предели на Индонезија и јапонските острови. Понекогаш се нарекува и амурска леопард мачка, поради шарата на нејзиното крзно.

Како и бенгалските, и амурските мачки ја обожуваат водата и живеат во близина на водени површини.

Во Приморјето, голем дел од популацијата е сконцентриран на бреговите на големото езеро Ханка опкружено со шуми. Фотографите на природата ги регистрираа и во националниот парк „Земјата на леопардот“.

За разлика од многу други мачки, амурските пливаат одлично и ловат не само глодари, туку и риба кога е потребно. Исто така, шумските мачки не се качуваат само по дрвја, туку и по карпи, организирајќи заседа на врвот.

Оригинални пруги

Како и кај тигрите и леопардите, шарата на крзното кај амурските мачки се разликува од животно до животно и е слична на отпечатокот од прсти на луѓето. Може да биде во разни бои, од светло жолта до кафена со различни дамки. Како по правило, овие мачки долж грбот имаат три ленти и две долж челото.

За разлика од другите помали мачки (европската шумска, степската), амурската мачка има подолги нозе и трча многу брзо, практично „лебдејќи“ над земјата.

Никој не го знае нивниот точен број

Шансите да ја видите оваа мачка во природа се помали отколку да сретнете тигар, иако таа живее во соседството. Далекоисточната шумска мачка е внесена во Црвената книга и се смета за толку ретка што никој не сака да се нафати да ги пребројува. Меѓутоа, локалното население верува дека бројот на овие мачки во последно време е зголемен.

„Ретко се среќаваа порано, само две-три годишно, и тоа ако имате среќа. Меѓутоа, последниве два месеци видов триесетина. Носеа кокошки и патки на мештаните. Во полињата има повеќе храна, а годинава има и многу фазани, па очигледно затоа има и повеќе мачки“, ја коментира Светлана својата видеоснимка со мачката „автомеханичар“.

Овие мачки се многу ретки во зоолошките градини. Во Русија живеат во Барнаул, Владивосток, Иркутск, Нижни Новгород и Москва, а во странство во Хелсинки. Живеат помеѓу 14 и 18 години.

Фатена во кражба

Дивите животни најчесто избираат живеалишта подалеку од шумите и луѓето, но амурските шумски мачки понекогаш навлегуваат во селата, со цел да ја намалат популацијата на кокошки и гуски. Во локалниот печат постојано се појавуваат вести за нивното фаќање, најчесто на млади мачки, кои се одлучиле за лесен плен. Во тие моменти изгледаат крајно незадоволни и се слуша како шиштат.

По фаќањето на мачка, неа ја прегледуваат ветеринари, а потоа стручњаците од локалните центри за спасување животни ги носат в шума, поблиску до природата и подалеку од домашните гуски.

Погрешно се смета за домашно животно

Кога ќе ја погледнете, мачката е иста како обична домашна мачка. Меки шепи, изразени пруги, мека опашка. Сепак, малку е поголема (тежи околу 5-6 килограми, зиме малку повеќе), има поинаков облик на муцката, огромни очи и вилица на грабливец. Додека се мали, предизвикуваат нежност, па дури можете и да ги погалите.

Се случувало жителите на Далечниот Исток да соберат мачиња покрај патот мислејќи дека се обични. Мачето по име Забава кое умирало од глад имало само две недели кога го зеле, а потоа го хранеле од шише. Но, кога пораснало, се видело дека е поинакво, па го однеле на ветеринар. Испаднало дека мештаните спасиле примерок заведен во Црвената книга. Погледнете само колку симпатично си игра со ветеринарот, а потоа да ‘ржи кога ќе ја здогледа храната. А сè уште е бебе.

Чувањето на оваа мачка дома е кривично дело. Покрај тоа што е внесена во Црвената книга, а нејзиниот лов законски забранет, исклучително е важно шумската мачка да живее во дивината. Сепак, мета се на ловокрадците кои ги продаваат мачињата како домашни миленици.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња