- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
На Урал и во Сибир, можете да сретнете необични креации на природата - камени реки. Руските експерти ги нарекуваат „куруми“ или „курумник“. Обично настануваат во планинските предели каде има големи разлики во надморската височина. Тоа се купишта камења кои полека се движат од врвовите и формираат „корито“.
Ги запознавме за време на походот до висорамнината Путорана (тука можете да дознаете повеќе за едно од најживописните места на платото, езерото Лама), но тоа беа само куруми со скромни димензии. Излегува дека најголемата камена река во светот се наоѓа на Урал!
Каде можат да се видат камени реки?
На Урал, во националниот парк Таганај, камената река се протега дури 6 километри, додека на одделни делници достигнува ширина од 700 метри. Најкрупните камења во неа тежат десет тони. Тоа е најголемата камена река на светот. Притоа, Големата камена река е слична на обична река по тоа што во неа има вода. На длабочина од неколку метри веднаш под камењата течат стотици потоци, така што човек, одејќи по каменот, го слуша жуборот на водата.
Патем, да напоменеме дека меѓу овие камења во Таганај може да се најде и полускапоцениот камен авантурин.
Камени реки постојат и во други делови на Урал и Сибир, многу од нив се наоѓаат на тешко достапни места меѓу планините во тајгата. На пример, во подножјето на планините Голем Иремел во Башкирија (исто така Јужен Урал, на границата со Чељабинската област) се наоѓа необичната река Тиган. Нејзината специфичност лежи во тоа што најголемиот дел тече под курумник - околу 6 километри. И после тоа станува обична река. Слични камени реки постојат во Пермскиот крај, кај планината Мартај и Сајанските планини во Јужен Сибир.
Но, освен тоа, куруми понекогаш се среќаваат и во европскиот дел на земјата. На северозападот на Русија се наоѓа оддалечениот остров Гогланд во Финскиот залив. Таму живеат неколку семејства кои работат на светилниците и на метеоролошката станица. Камени реки се среќаваат низ целиот остров. Се состојат од заоблени камења без вегетација.
Како настанале камените реки?
Постојат неколку толкувања за потеклото на овој природен феномен. Најраспространетата верзија го поврзува нивното настанување со последното ледено доба.
Имено, пред околу 10 илјади години врвовите на планините биле покриени со ледници, а кога тие почнале да се топат, планинските камења полека почнале да се спуштаат по падините. Потоа камењата паѓале со голема брзина, настанувале парчиња врз кои повторно паѓале камења и така натаму.
Камењата и денес се движат со брзина од неколку сантиметри до половина метар годишно.
Имајте на ум дека речиси ниту едно дрво не расте покрај овие реки.
Токму затоа треба многу внимателно да одите по карпестите реки. Подобро е да газете по камења кои се обраснати со мов, бидејќи тие се постабилни.