Платото Путорана: Како настанал овој вонземски пејзаж на Арктикот?

Река Хибарба

Река Хибарба

Вјачеслав Шут, Максим Шаповалов
Тоа е цела планета со бескрајни долини и кањони, осамена и зафрлена далеку на север, над Северниот поларен круг. И во исто време тоа е и географскиот центар на Русија.

Кањон Оран

Платото Путорана на Тајмир навистина изгледа како друга планета. Замислете фантастични пејзажи во кои доминираат високи брегови со рамни врвови, избраздени од водопади и длабоки кањони. И сето тоа се наоѓа среде арктичката тундра.

Што вреди да се види на платото Путорана?

Архипелаг со карпести острови во западниот дел на езерото Кета.

Платото е всушност огромен планински масив со површина од 250 илјади квадратни километри, т.е. отприлика колку цела Велика Британија, Нов Зеланд или речиси колку Еквадор.

Езеро Лама

Цел човечки век не е доволен да се посетат сите убави места на платото. Но, сепак има неколку главни знаменитости кои туристите се трудат да ги посетат.

Акирма

На платото се наоѓа езерото Виви, „сувиот центар“ на Русија во географска смисла. Тоа е најголемото слатководно езеро во овој регион, локалното население го нарекува дури и „нашиот Бајкал“. Има издолжена форма – во должина се протега 90 километри, а на најшироката точка е широко 4 километри. Поголемиот дел од годината е покриено со мраз, бидејќи температурите овде се многу ниски. Дури и во јули водата во езерото е студеникава.

Река Дулисмар

Платото Путорана има најголема густина на водопади во Русија. Кандинскиот водопад е највисок во земјата. Тоа е всушност цела каскада од водопади по кои водата бучно се влева во реката. Најдолгата делница на „слободниот пад“ изнесува 108 метри. За водопадот е поврзана и една мистична, т.е. необјаснива појава. Имено, на крајот на декември и почетокот на јануари, локалната метеоролошка станица периодично бележи светлечки спирални кругови на небото во близина на водопадот. Што би можело да биде тоа?

Ачин, река Моја, водопад

Езерото Лама е една од најдостапните знаменитости (се разбира, само во споредба со останатите на платото).

Езеро Лама

Истражувачите го откриле на почетокот на ХХ век. Од Норилск може да се стигне со моторен чамец за само 5 часа. Длабоко е преку 200 метри и е едно од најдлабоките езера во Русија. А во исто време и едно од најживописните, бидејќи е сместено среде планински врвови и кањони.

Ламски планини

Територијата на Путоранскиот резерват се протега на околу 19000 км2. Тука се под заштита ретки животински видови (на пример, снежната овца и дивиот ирвас) и уникатните амбиенти на тундрата.

Траги од човек

Подножјето на Путорана

Платото Путорана сè уште е слабо проучено. На него има многу места каде што ниту една човечка нога никогаш не стапнала (или така им изгледа на луѓето денес). А сепак, понекогаш овде може да се пронајдат неверојатни работи. На пример, има траги од старите живеалишта на номадскиот народ Евенки, како и стари артефакти од нивниот култ (идоли) и нивниот секојдневен живот (поларни санки влечени од ирваси). Особено ги има на подрачјето на езерата Лама, Мелкое („Плитко“) и Глубокое („Длабоко“).

Река Хибарба

Неочекувано „откритие“ меѓу другото се и две пруги. Секоја е долга по 5 километри. Не е сосема јасно која била нивната дестинација и зошто се изградени. Истражувачите на платото сметаат дека тие можеби се поврзани со воздушната траса Алсиб (Алјаска - Сибир) од ерата на Втората светска војна.

Како да дојдете до платото Путорана?

Путоранскиот резерват е едно од најнепристапните места на Евроазискиот континент, но и покрај тоа, многу луѓе имаат силна желба да го посетат овој крај. Атрактивен е како за љубителите на пешачки походи и сплаварење по брзите реки, така и за фотографите кои ги привлекува дивината.

Најблискиот град е Норилск. Оттаму до платото може да се дојде со хеликоптер или моторен чамец, а некои делови се достапни и за теренски возила и пешаци. Подрачјето надвор од населбата (околу 30 км од градот) не е покриено со мобилна мрежа. И таму, секако, нема ни јавен превоз. Затоа е најбезбедно да се посети платото Путорана во состав на туристичка група, односно организирана екскурзија. Имајте на ум дека странските државјани мора да извадат специјална дозвола за да дојдат во Норилск и да го посетат платото. А секој што сака да стапне на територијата на Путоранскиот резерват мора да извади дозвола во Норилск.

Фотографиите се добиени благодарение на Одделот за односи со јавноста на филијалата на Заполарја на „Норникељ“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња