- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Кољскиот полуостров е студена и пуста тундра, која практично го претставува крајот на светот. Понатаму е само Северниот леден океан. Токму на ова најоддалечено место на копното се наоѓа селото Териберка, едно од јапопуларните туристички дестинации во Русија. Секој ден го посетуваат куп луѓе: едни за да ги видат напуштените куќи во кои неодамна живееле луѓе, други во потрага по поларната светлина, трети сакајќи средба со величествената дивина.
Павел Кузмичов
Најмногу луѓе тука доаѓаат на главниот настан на годината – арктичкиот фестивал „Териберка“.
Павел Кузмичов
Тие минуваат стотици (а, некои и илјадници) километри за да поминат викенд на брегот на Баренцовото Море, да ги слушнат омилените музичари и да пробаат необична храна од поларните краишта.
Најпристапен дел од Арктикот
Териберка е единственото место на брегот на Баренцовото море до кое се стасува со кола. До Мурманск оттука има околу 120 километри. Патот, инаку, е направен дури во 1984 година, а претходно дотука се стасувало само преку вода.
Кон крајот на 16 век на ова место почнале да се доселуваат Поморите, традиционални рибари кои создале цивилизација на Рускиот Север. Во 19 се сметало дека ова е најголема населба во регионот.
Павел Кузмичов
Во советско време тука имало два риболовни колхози и фабрики за преработка на риба, животинска фарма, работилници за бродоградба, интензивно се граделе куќи. Териберка била затворено село, а за да се посети била потребна специјална дозвола. Во шеесеттите години од минатиот век во земјата се појавиле големи бродови коишто риболовот го префрлиле во океанот, подалеку од брегот на Териберка. Оттогаш селото почнало да пропаѓа. Луѓето масовно го напуштале во потрага по работа. Додека во најдобрите години во него живееле околу 5 илјади луѓе, денес се помалу од 900 (според други извори околу 500).
Павел Кузмичов
Практично повеќе немало кој да ги одржува градбите. Затоа типични глетки во ова село се полуурнатите дрвени куќи истрошени од старост, а тука е и осаменото училиште на подножјето на ридот со прозорци без стакла.
Кога во 2009 година селото беше отворено за посети, тука почнаа да доаѓаат љубителите на напуштени места за да фотографираат згради и куќи во кои не така одамна се одвивал живот. Додека назима овие краишта ги посетуваат луѓе во потрага по поларната светлина. Популарност на локацијата ѝ даде и играниот филм „Левијатан“ (2014) на режисерот Андреј Звјагинцев, кој е снимен тука.
Павел Кузмичов
Секоја година има сѐ повеќе туристи. На брегот е отворен ресторан, достапни се бунгалови за живеење, нишалки со поглед на море (секој солиден блогер веќе поседува таква фотографија).
Павел Кузмичов
Но, најголем настан на годината е арктичкиот фестивал „Триберка“ кој се одржува од 2014 година. Оваа година се одржа на 15 и на 16 јули и собра рекорни 15 илјади гости, што за едно мало село е огромна бројка.
Да се почувствува Арктикот
Павел Кузмичов
Мобилните киосци со необична поларна храна и пијалак без сомнение го прават срцето на фестивалот. Претставени се над 30 ресторани со северен колорит од Мурманската област, како и од Далечниот Исток. Во сите јадења се користат само локални производи: месо од ирвас, диви бобинки и билки, многу риба и кавијар.
Павел Кузмичов
„Рестораните излегуваат на улиците – тоа е нашата идеја“, вели Екатерина Шаповалова од „Гастрономска мапа на Русија“, која сите главни готвачи на ресторани ги собра во Териберка. „На секој киоск може да се пробаат јадења кои инаку се наоѓаат на мени, само сега во облик на улична храна“.
Павел Кузмичов
Чипсот од лишај „јагељ“ е препознатлив специјалитет на арктичката кујна. Чипсот е навистина направен од лишај и сварен во сируп од бобинки. А, тука се и специфичните печива: калитки, рибники, кулебјака, растегај...
Павел Кузмичов
Меѓутоа, најголемо воодушевување кај гостите веројатно предизвикува традиционалното поморско јадење „зајебурига“, вид рагу од свежа риба со густ булјон.
Павел Кузмичов
Трка околу паркот со ветерници
Териберскиот фестивал годинава започна масовна трка околу Кољската ветроелектрана, најголема зад поларникот. Таа се наоѓа на патот до селото. Секој учесник може да ја избере должината на трасата што му годи: од 3 до 50 километри. Во поларната трка учествуваа над 500 натпреварувачи од 25 региони од земјата.
Павел Кузмичов
Николај Сугробов за трката стаса од Москва заедно со колегите. „Одлучив да совладам 20 километри за да стасам и до Териберка за да го чујам концертот и да каснам нешто“.
Павел Кузмичов
Иако има богато искуство во трчање маратон, за првпат ќе се проба зад поларникот. „Важно зедов две средства против комарци, едно за облеката, а друго за откриените делови кожа“.
Павел Кузмичов
Навечер го сретнавме Николај на брегот на Баренцовото Море. Трасата ја минал за нешто повеќе од два часа и стасал на концерт!
Во шатор на плажа
Павел Кузмичов
На фестивалот на гостите не им се нудат само храна и концерти на омилените музичари. Тие имаат можност и да се возат со кану или на суп-штица, да ја играат друштвената игра „Фати ја поларната светлина“ во Домот на културата, да извадат „пасош на поларен патник“ со печат за преминат поларник. Многумина преноќуваат во шатор на самиот брег за да успеат и да се прошетаат по камената плажа „Змееви јајца“ и до водопадот меѓу двете црвени карпи.
Павел Кузмичов
Луѓето коишто се сеќаваат како изгледала Териберка во 2014 година велат дека местото многу се изменило. Тоа била осамена локација што ретко кој ја знаел. А, сега во напуштената зграда на училиштето има повеќе луѓе одошто во Третјаковска галерија, додека за фотографирање на нишалката или покрај стариот брод на брегот треба да се чека во редица. Самата Териберка од година в година не се симнува од листата на најдобри места за патување.
Павел Кузмичов
Арктичкиот фестивал „Териберка“ се одржа на 15 и на 16 јули во рамките на планот за претседавање на Русија со Арктичкиот совет од 2021 до 2023 година. Организатор на настанот беше Фондацијата Росконгрес.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа