Како и за другите облакодери на Сталин, камен-темелникот за солитерот на Кудринскиот плоштад беше поставен во 1947 година по повод одбележувањето на 800-годишнината на Москва. Сталин беше лично заинтересиран за овој грандиозен проект и сакаше со помош на величествена градба да ја покаже моќта на Советскиот Сојуз. Дури му се припишуваат следните зборови: „Нашите заминуваат за Америка, потоа се враќаат и воздивнуваат - ах, колку огромни згради! Нека дојдат сега во Москва да видат какви згради имаме и нека воздивнуваат“.
Кудринскиот плоштад до 1950-тите беше предградие. Сталин сакаше да ја обнови земјата што е можно поскоро по Втората светска војна, па одлуките за изградба на бараки во градските реони се носеа мошне брзо. Локацијата на идниот облакодер беше избрана во однос на најамбициозниот (нереализиран) архитектонски проект на СССР - Дворецот на Советите. Џиновското здание, високо речиси 500 метри, требаше да биде опкружено со ништо помалку величествени облакодери за различна намена.
Изградба на облакодерот на плоштадот на Востанието, денес Кудрински плоштад, 1952.
Иван Шагин/SputnikПрвично архитектите Михаил Посохин и Ашот Мндојанц планираа не само изградба на облакодер, туку и кардинална промена на целата негова околина. Токму затоа најпрвин околу зградата беше „прочистена“ територијата од станбени згради од времето на „стара“ Москва, а пред главната фасада се појави голем сквер.
На местото на срушените згради се планираше да се изгради нов архитектонски комплекс кој ќе го „опаша“ облакодерот. Меѓутоа, во 1953 година Сталин умре и тој проект не беше завршен. Современиците подоцна зборуваа дека таков огромен облакодер нема простор да „дише“ меѓу сокаците на Нов Арбат и дрвените куќи.
Кога Никита Хрушчов дојде на власт, раководството на земјата престана да издвојува огромни трошоци за изградба „заради облакодерот“ и ја осуди прекумерната декоративност, која претходникот толку многу ја сакаше. Така облакодерот остана без архитектонска „поддршка“.
Зградата висока 156 метри (заедно со препознатливиот шилец) е малку пониска од другите „Сталинови облакодери“. Меѓутоа, сепак се истакнуваше на позадината на предградијата на Москва, потсетувајќи во исто време на Вавилонската кула, њујоршки солитери и готска катедрала.
Зградата почна да се користи во 1954 година. Ентериерот на внатрешните простории беше многу пораскошен отколку кај останатите „сталински сестри“: мермерни столбови во фоајето, витражи и дабови паркети во становите.
Освен естетско уредување, облакодерот имаше и многу модерна (според стандардите од 1950-тите) техничка опременост. Зградата имаше 14 лифтови, подземен паркинг на две нивоа, како и најголем супермаркет во земјата „Гастроном бр. 15“. Тој, исто така, беше еден од ретките каде што секогаш беше достапна дефицитарна стока. „Гастроном“, како и главниот дел од зградата, беше украсен со столбови, витражи и тешки лустери.
Вкупно во зградата имаше 452 стана. Иако можеше да има и повеќе. Подоцна, кога стручњаците ја анализираа функционалноста на градбата, заклучија дека ѕидовите и техничките простории заземаат значително поголема површина од самите станови.
Патем, облакодерот на Кудринскиот плоштад има уште едно неофицијално име: „Зграда на авијатичарите“. Имено, по неговото отворање, во него често престојуваа конструктори на авиони, пилоти и високопозиционирани вработени во воздухопловните претпријатија.
Во 1950-тите Сталин се подготвуваше за уште една голема војна и затоа Кудринскиот облакодер беше единствената од „сестрите“ која имаше свое засолниште. Иако не беше премногу длабоко под земја, се протегаше многу подалеку од видливиот дел на зградата.
Засолништето не можеше да ги заштити станарите од нуклеарна експлозија, но можеше да им обезбеди три месеци живот во случај на природна или техногена катастрофа. Навикнати сме засолништата да ги замислуваме како огромни бетонски хали во кои луѓето седат еден до друг и се обидуваат да преживеат. Но, ова засолниште беше поинакво: практично секој станар имаше посебна соба, опремена со исто така скапи материјали како и становите.
Засолништето, фала богу, никогаш не послужи за својата намена. Постепено беше заборавено, а кон крајот на деведесеттите беше целосно запечатено. Поради недостиг на техничко одржување, просториите на засолништето постепено ги поплавија подземни води. Тој проблем ни до ден-денес не е решен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче