Главната зграда на „Ломоносов“ – првиот советски универзитетски кампус кој чинеше колку цел град

Legion Media
Што ги инспирирало авторите на највисокиот Сталински облакодер? Зошто го граделе робијаши? Може ли денес обичен човек да влезе во него?

Адреса: Ленински Гори, 1. Најблиски метро-станици: „Универзитет“, „Воробјови Гори“

Година на изградба: 1949-1953.

Што се наоѓа во него? Во главната зграда на Московскиот државен универзитет (МГУ) сместени се геолошкиот, механичко-математичкиот и географскиот факултет, а исто така и ректоратот, научна библиотека, Музејот на физичка географија, Дворецот на културата и студентски дом, односно соби во коишто живеат студенти, постдипломци и предавачи.

Како настанал?

Изградбата на главната зграда на Московскиот државен универзитет. Комсомолци-обложувачи на ѕидови, ученици од работната младина. Лево со фотоапаратот – дописникот Јаков Халип.

Облакодерот на Ленински Гори (сега ова место се нарекува Воробјови Гори) беше еден од осумте планирани облакодери во рамките на реконструкцијата на Москва, од кои изградени беа седум. Според одлуката од 1947 година, идејата за подигнување на облакодерите е на Сталин (или барем така е претставено), па затоа тие се и наречени „Сталинови“. Првобитно било планирано во оваа зграда да има станови и хотел. Меѓутоа, во март 1948 година беше одлучено во неа да се пресели Московскиот државен универзитет (МГУ), кој веќе подолго време имаше потреба од нов простор.

МГУ на Ленински Гори. Работник заварувач.

Сите пресметки во проектот на главната зграда беа направени „од нула“ зашто Советскиот Сојуз во тоа време практично немаше искуство во успешно проектирање облакодери. Единствено искуство беше грандиозниот проект Палатата на Советите кој не беше реализиран. Во услови на планска економија, кога сѐ мораше да биде испланирано однапред, да биде одобрено и нарачано (и тоа до наситни детали како што се штекери и брави), изградбата на ваков моќен објект за 4 години беше, благо речено, амбициозна задача. Но, целиот процес лично го контролираше другарот Сталин, дури и доаѓаше на градилиштето, така што немаше каде да се бега.

Медиумите во тие години пишуваа дека оваа зграда ја гради целата земја, зашто мермерот беше донесен од Урал, светилките од Рига, металот од Украина итн. Вкупно на градилиштето работеа 10.000 луѓе, а згора на тоа уште 2.500 службеници во администрацијата и техничари, и над 1.000 инженери. Покрај ентузијастите-комсомолци и обичните работници, во изградбата учествуваа и робијаши од советските затвори, и тие понекогаш изнесуваа речиси половина од вкупниот број работници. Не беа забележани обиди за бегство. Пред сѐ, затворениците ги чуваа неколку илјади војници. А, како второ, сите знаеја дека по завршената работа ќе бидат амнестирани. Така и се случи.

Изградбата на МГУ

Државата не штедеше пари за изградбата на помпезниот облакодер. За зградата на МГУ со нејзините столбови, гипсени украси и мозаици од буџетот беа издвоени 2.631.200.000 советски рубли. За тие пари можеше да се изгради помал град со четирикатни панелни згради за 40.000 жители.

Зградата свечено беше отворена на 1 септември 1953 година на самиот почеток на академската година. И овој Сталинов облакодер, како и сите останати, завршен е по смртта на Сталин. Набргу потоа започна борбата на Хрушчов против Сталиновиот ампир во архитектурата, и против неговите излишни декоративни детали. Никој, меѓутоа, не смееше да ја гиба зградата на МГУ како највпечатлив примерок на овој стил.

Зошто изгледа вака?

Главната зграда на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Градена 1949-1953, архитект Л. В. Руднев. Фасадните скулптури се изработени во работилницата на Вера Мухина 1961.

Главната зграда на МГУ е највисоката од седумте Сталинови облакодери во Москва. Висока е 183,2 метри (а заедно со шилецот 235 метри). Главниот корпус има 25 ката, а околу него има „кули“, односно крилја со по 17 ката. Неполни 40 години ова беше највисоката градба во Европа. Дури во 1990 година ја надмина саемската кула Месетурм во Франкфурт на Мајна.

Симболичкото значење на овој објект беше уште поважен од неговата функционалност (за тоа малку подоцна). Станува збор за вистински споменик на советскиот архитектонски гигантизам. По централизацијата на власта во рацете на Сталин се појави потреба за архитект кој би ја одразил величината на водачот и на државата која цути под неговата управа. Тоа стана особено актуелно по Втората светска војна кога идејата за советскиот триумф го зазеде најважното место во сите сфери на животот.

Се зборува дека американските облакодери од времето на стилот ар-деко послужиле како прототип за овој и за другите Сталинови облакодери. Меѓутоа, архитектите на овие здание ја отфрлаа и самата идеја за споредување на нивните проекти со американската архитектура. Еден од нив, Дмитриј Чечулим, како прототип во своите спомени ја споменува руската средновековна архитектура и нејзините високи камбанарии и кулите на ѕидините.

Кој е авторот?

Главната зграда на МГУ

Главниот архитект на првиот проект на оваа зграда беше Борис Иофан, специјалист за ар-деко и автор на нереализираната Палата на Светите. Меѓутоа, непосредно пред почетокот на изградбата тој беше сменет и наместо него беше поставен Лев Руднев.

Борис Михајлович Иофан, еден од водечките претставници на сталинистичката архитектура. Автор на Палатата на Советите, нереализиран грандиозен проект (на сликата од десна страна).

Имено, Иофан бил непопустлив во својата желба облакодерот да се подигне непосредно над падините на Ленинските гори, така што огромни скалила ќе го поврзуваат зданието со кејот на реката Москва. Со тоа, според него, уште повеќе ќе биде истакната грандизоноста на проектот. Поради тоа Иофан беше подготвен и на ризици, поврзани со сложениот состав на земјиштето на работ на падината. И одби да ја помести згрдата поназад.

Лев Руднев беше попопустлив, така што објектот беше „вовлечен“, односно поместен 800 метри од стрмнината.

По што е специфичен?

Поглед на главната зграда на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“

Зградата на МГУ стана „пробен полигон“ за цела низа нови технологии. Токму тие овозможија на проблематичен терен да се појават градби со толку грандиозна висина. Творецот на овие технологии Николај Никитин потоа проектираше и една друга московска знаменитост – телевизиската кула „Останкино“ висока 540 метри.

Поглед на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ и на Московскиот меѓународен бизнис-центар во густа магла (видливоста е намалена на 200-700 метри).

Покрај останатите комплицирани задачи беше и онаа во една зграда фактички да се направи град за 10.000 жители. Комплексот МГУ беше првиот советски универзитетски кампус. На неговата територија е направена целата инфраструктура што им е потребна на студентите – студентски домови, библиотеки, пошта, продавница, менза, базен, телеграф итн. Студентот не мораше до крајот на академската година да ја напушта оваа зграда доколку немаше потреба од тоа.

Студенти

Треба да се истакне дека првобитно не постоел план за користење на облакодерот во функција на студентски дом. Меѓутоа, уште во фазата на проектирањето се сфати дека облакодерот не е погоден за многу факултети од егзактните науки. На хемискиот факултет, на пример, му беше потребна одделна вентилација и канализација, на физичкиот факултет му беше потребна пониска зграда со добри темели за прецизни мерења итн. Така се дојде до ситуација големата зграда да не се пополни до крајот. Тогаш преостанатите простории беа искористени за музеј, за студентски соби и за професорски станови. Потребата за студентски домови е образложена со намерата учењето да не се одвојува од приватниот живот на студентот.

Како денес да се влезе во зградата?

Влезниот хол на главната зграда на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

Во овој објект функционира строг режим на пропусници, но можат да ве внесат ваши познаници доколку се студенти или предавачи на МГУ така што ќе извадат пропусница за гостин. Собите во студентските домови се мошне мали и понекаде дури и денес е зачуван оригиналниот мебел од тоа време, односно бироа со витрина и столови, но затоа низ прозорците има прекрасен поглед на Москва.

Статуа на рускиот научник Николај Жуковски во главната зграда на Московсниот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

Друг начин е да одите на екскурзија во Музејот за физичка географија на МГУ. Во него, на пример, е претставена уникатна колекција минерали и метеорити. Но, за оваа екскурзија морате да се пријавите еден и пол месец однапред, и тоа само во состав на некоја образовна група (училиште, институт или универзитет). Влез за поединечни посетители не е предвиден. Музејот нуди дополнителни општообразовни програми во неколку термини.

Амфитеатар во главната зграда на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

На крајот на краиштата, секој може да ужива во разгледување на зградата на МГУ однадвор. Околу неа има огромна убаво уредена територија, на неа речиси и да нема минувачи и пристапот е слободен. Тука е убаво да се прошетате или да се повозите со велосипед.

Студенти во амфитеатар во главната зграда на МГУ „М.В. Ломоносов“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња