Архангељска соборна црква: Истражување на царската некропола на московскиот Кремљ

Патувања
ВИЛИЈЕМ БРУМФИЛД
Историчарот на архитектура и фотограф Вилијем Брумфилд ја проучи главната царска некропола во Русија која ја вршела својата улога сѐ до префрлувањето на престолнината во Санкт Петербург.

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски осмислил комплексен процес на фотографирање во боја кој дава исклучително живописни фотографии со мноштво детали. Неговата визија за фотографијата како едукативна и просветителска форма просведочена е со посебна јасност на неговите фотографии на архитектонските споменици од историските локации ширум Русија.

Основен дел од колекцијата на Прокудин-Горски влезе во состав на американската Конгресна библиотека, а овој руски фотограф во Америка исто така разви бизнис со производство на разгледници во боја и илустрации во книги. Во 1914 година неговата компанија го промени називот во Biochrome.

Првите прикази

Меѓу публикациите со колор-фотографии на Прокудин-Горски се наоѓа и голем албум објавен во 1913 година по повод тристагодишнината на династијата Романови. Илустрациите опфаќале негови репродукции на гравури направени за албумот кој во 1673 година му е врачен на царот Алексеј Михајлович во спомен на неговиот татко Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови.

Една гравура го прикажува свечениот настан од 21 февруари 1613 година кога народот му се заколна на верност на новоизбраниот цар Михаил на Црвениот плоштад. Детали од овој настан се предмет на историски дискусии, а приказот на народот е имагинативна реконструкција.

Сепак, гравурата прикажува градби кои постојат до денешен ден. Главната архитектонска структура, секако, е храмот на Василиј Блажени со бројните куполи. Во позадина се ѕидините на Кремљ со високата Спаска кула, која првобитно се нарекувала Фроловска, а во 17 век позната е и како „Ерусалимска“.

Зад ѕидините се шематски прикажани Камбанаријата на Иван Велики и куполите кои го сочинуваат Соборниот плоштад во центарот на московскиот Кремљ. Како еден од најкарактеристичните архитектонски ансамбли на светот овој комплекс градбата ја опфаќа и Успенската црква, централниот храм на Русија до 1917 година.

Архангел Михаил

Секој споменик на архитектонскиот ансамбл на московскиот Кремљ има специјална улога, но ниту еден не е повеличествен од црквата Архангел Михаил, царската некропола. Михаил се почитува како заповедник на небеската војска и обичен е прикажан со меч. Архангел Михаил како претставник на највисоката божествена моќ е избран за заштитник на московските владетели.

Архагељската црква е подигната во периодот од 1505 до 1508 година. Започнала на врвот на градителската активност на Иван Трети Василевич во седумдесеттите години од 15 век, а ја завршил неговиот син, великиот кнез Василиј Трети Иванович (владеел од 1505 до 1533 година). Црквата е подигната на местото на претходниот храм со истото име, изграден во 1333 година за време на владеењето на великиот кнез Иван Калита. Зазема посебно истакнато место на јужната страна на Соборниот плоштад со поглед на реката Москва.

Како архитект на новата Архангељска црква во руските летописи се наведува Алевиз Нови за да се разликува од „постариот“ Алевиз, кој ги изградил североисточните ѕидини на московскиот Кремљ. Неговиот идентитет неодамна со голема веројатност е утврден како Алоизио Ламберти да Монтањана, ученик на Мауро Кодусиј од Венеција. Постојат јасни сличност помеѓу архитектурата на доцниот 15 век во реонот на Венеција и работата на Алевиз во Москва.

Алевиз се упатил во Русија благодарение на пратеничката мисија на Дмитриј Ралев во Венеција и во други северни италијански градови во 1500 година. Во Москва стасал во 1504 година откако во Бахчисарај подигнал палата за кримскиот хан Менгли-Гиреј. На почетокот на 1505 година работел на храмот кој во текот на речиси два века ќе биде гробница на руските велики кнезови и цареви, сѐ до Петар Велики, кој е погребан во црквата свети Петар и Павле во Санкт Петербург.

Руско-италијанска мешавина на стилот

На прв поглед Архангељската соборна црква претставува јасен пример на италијанскиот период на архитектурата на московскиот Кремљ. Декоративните детали на фасадата се особено блиски на она што може да се види на венециските споменици од крајот на 15 век, како што се трабеациите и забатите на Великата школа на Сан Марко. Италијанските црти се воочливи и на четири богато украсени со резба и насликани портали од варовник, од кои три се наоѓаат на западната фасада. Централниот портал е опкружен со фрески на тема на Страшниот суд и прифаќањето на христијанството во Русија.

И покрај „модерните“ западњачки елементи, Архангељската црква во споредба со нешто постарата Успенска црква претставува враќање на традиционалниот тлоцрт во облик на крст впишан во квадрат, при што краците од крстот во ентериерот се претставени со широките бродови на црквата. За ентериерот се исто така карактеристични масивни четириаголни столбови како што се среќаваат во раните цркви на Новгород и Владимир.

Меѓутоа, овој наизглед архаичен тлоцрт потсетува на дизајнот на венециските градби, како што е црквата свети Марко, на пример, кои исто така трпат влијание од византиската архитектура. Сличностите се уште повоочливи доколку се споредат со помалите венециски цркви од ренесансниот период.

Овие мотиви од италијанската архитектура на 15 век се уште повидливи на почетокот на 16 век, кога црквата Архангел Михаил имала отворена галерија со столбови по должината на сите ѕидови освен на источната фасада. Ваквите галерии во екстериерот биле карактеристични за северната италијанска архитектура, иако се појавуваат и кај црквите од 12 век, исчезнати во епохата на Владимиро-Суздаљското кнежевство.

Постојана доработка

Од времето на изградбата црквата Архангел Михаил има претрпено значајни модификации. Тие опфаќаат измена на покривот, чиј првобитен облик, во црвена и црна тула, почивал директно на контурите на цилиндричните сводови. Сегашниот метален покрив ги покрива заватите во облик на школки и ги засенува орнаментите на врвот на забатите.

Сепак, изрезбаните школки во варовник – венециски мотив на кој подоцна му се восхитувале руските архитекти – останале недопрени. Нивните рафинирани круни ги украсуваат ѕидовите од тула кои хоризонтално се поделени на две нивоa со комплекс лакови, пиластер и карнизи.

Долното ниво на фасадата изгледа како аркатура подигната над остро окованата основа од варовник. Двете нивоа ги разделува карнизот на класични столбови. Оваа необична примена на класични елементи на фасадата создава скулптиралност на архитектонската форма.

Трабеацијата на горното ниво ги издвојува забатите во облик на школки и раскошно украсениот покрив го засилува впечатокот на импозантната правоаголна конструкција. Контрастот меѓу ѕидовите од тула и декоративните елементи во варовник првобитно бил акцентиран со нанесување црвена боја на тулата, што е карактеристика изгубена во 18 век кога ѕидовите се покриени со штукатура.

Ритмичката сегментација на структурата е нагласена со помош на пет травеи (наместо вообичаените четири) со нееднакви должини на северната и на јужната фасадата. Помалиот петти травеј на западниот крај го опфаќа третото ниво со специјална галерија за сопругата на великиот кнез и за нејзината свита.

Декор на ентериерот

Најстарите фрески на внатрешните ѕидови на црквата исчезнале кон крајот на 16 век, за време на владеењето на Иван Грозни. Само определени фрагменти на фреските од тој период се зачувани до денес.

Во својот сегашен изглед фреските датираат од средината на 17 век (1652-1666) и ги има направено група мајстори на чело со Симон Ушаков, најпознат руски иконописец од тој период. Западниот ѕид го опфаќа особено живописен приказ на Судниот ден.

Освен религиските теми, сликите прикажуваат и познати руски владетели. На пример, масивните столбови содржат ликови на великиот кнез Владимир, кнегињата Ољга, мачениците Борис и Глеб, како и други личности од раното средновековие на Русија. Во долниот дел на ѕидовите, прикажани се „портрети“ на владетелите погребани во црквата.

На источната страна се наоѓа голем иконостас кој го одвојува централниот простор на црквата од олтарот. Денешниот изглед на иконостасот потекнува од 1679-1681 година, од времето на краткото владеење на царот Фјодор Трети. Долната низа на иконостасот содржи особено вредни икони од раниот период, вклучувајќи и приказ на Архангел Михаил од 1399 година.

На прв поглед ентериерот на Архангељската цркна може на набљудувачот да му остави импозантен, па дури и оптоварувачки впечаток со своето богатство од визуелни прикази во сеновитите бродови на градбата. Меѓутоа, по внимателно, бавно набљудување тој може да добие подлабок увид во смислата на средновековниот споменик на руската култура кој преживеал странски инвазии и револуционерни преврати.