Црквата-кула во Коломенское: Благодарност за раѓањето на Иван Грозни

Вилијем Брумфилд
Историчарот на архитектура и фотограф Вилијем Брумфилд се обидува да реши една од најинтригантните тајни во историјата на руската архитектура – што послужило како извор за инспирација за легендарната црква Василиј Блажени на Црвениот плоштад?

Црквата Вознесение Господово, февруари 1972 година

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски осмислил комплексен процес на фотографирање во боја. Неговата визија за фотографијата како едукативна и просветителска форма е просведочена на неговите фотографии на историски споменици ширум руската провинција.

Основниот дел на колекцијата на Прокудин-Горски влегол во составот на Конгресната библиотека во САД, но овој руски фотограф во Америка исто така развил бизнис со производство на разгледници во боја и со илустрации во книги. Во 1914 година неговата компанија го сменила називот во Биохром.

Народ се колне во верноста на новоизбраниот цар Михаил на Црвениот плоштад во 1613 година.

Меѓу публикациите со неговите колор фотографии е и голем албум објавен во 1913 година по повод тристагодишнината од династијата Романови. Илустрациите опфаќале негови репродукции на гравури направени за албумот претставен во 1673 година на царот Алексеј Михајлович во спомен на неговиот татко Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови.

Гравурата го прикажува свечениот настан од 21 февруари во 1613 година, кога народот се заколнал во верноста на новоизбраниот цар Михаил на Црвениот плоштад. Деталите од овој настан се предмет на историски дискусии, а приказот на народот е креативна реконструкција.

Храмот на Василиј Блажени на Црвениот плоштад, јануари 1980 година.

Сепак, сликата прикажува градби кои постојат до нашите дни, како што е црквата на Василиј Блажени со бројните куполи, некогаш позната како црква Покров на Пресвета Богородица на Ров. Во 17 век била позната и како „Ерусалим“.

Таинствен средновековен храм

Храмот на Василиј Блажени, познат ширум светот, долго претставувал загатка кога станува збор за неговото потекло и за сложениот дизајн. Меѓутоа, сѐ укажува на тоа дека инспирација за високата централна кула е пронајдена во еден извонреден претходник – црквата на Вознесението Господово во Коломенское, едно од местата во Русија под заштита на УНЕСКО.

Денешниот парк Коломенское, на живописно возвишување над реката Москва на југоистокот од градот, опфаќа 390 хектари и е поделен на неколку сегменти. Централното место го зазема некогашната царска резиденција и црквата на Вознесението Господово од 16 век чија изградба ја нарачал великиот кнез Василиј Трети (1479-1533), а осветена е во 1532 година.

Првото споменување на селото Коломенское датира од 1336 година. Називот можеби го добил по доселениците од градот Коломна на устието на Москва и Ока, околу 110 километри југоисточно од руската престолнина.

Во текот на 14 век Коломенское било омилено место за одмор и за лов на великиот московски кнез и на неговата свита. Иако многу малку нешта се познати за раниот изглед на ова место, имотот и градбите во селото веројатно биле направени од трупци на традиционален начин.

За време на владеењето на Василиј Трети (1479-1533) овој рурален крај станал место за изградба на една од најпрепознатливите руски цркви, за која се смета дека претставува благодарност на Бога за раѓањето машки наследник. Пригодно посветена на Вознесението, оваа прва голема кула-црква во Московското кнежевство е висока 62 метри и била меѓу највисоките градби во средновековната држава.

Благодарност за раѓањето на Иван Грозни

Работата на огромните темели за црквата се направени есента 1528 година, додека изградбата на централната кула започнала следната година. Синот, за кога Василиј и неговата втора сопруга Елена Глинскаја (околу 1510-1538) толку многу мечтаеле, роден е на 25 август 1530 година.

Со раѓањето на Иван Четврти (подоцна познат како Грозни) црквата Вознесение од молитвена жртва станала жртва на благодарност. Во септември 1532 година градбата ја осветил митрополитот Данил, тогашен духовен поглавар на Руската православна црква. На церемонијата присуствувале великиот кнез Василиј, неговата сопруга и неговиот двегодишен син.

Следната година Василиј починал поради ненадејна болест и неговата сопруга станала регентка наместо тригодишниот Иван. Нејзината смрт речиси пет години подоцна – можеби поради труење – ги најавила бурните времиња во текот на владеењето на Иван како цар, од 1547 до 1584 година.

Впечатливиот изглед на црквата на Вознесението Господово се должи пред сѐ на величествената зашилена осмоаголна кула која се нарекува „шатор“ и се базира на издолжена осмоаголна конструкција. Овој облик наведува на споредба со руските дрвени цркви за кои исто така е карактеристичен покрив во облик на „шатор“. Меѓутоа, идејата дека црквата во Коломенское за прототип го имала дрвените цркви ја отфрлиле многумина историчари. Не само што не постојат никакви докази дека дрвените „шаторски“ цркви ѝ претходеле на црквата на Вознесението во Коломенское, ами, напротив, постои барем една камена црква со таква форма која е изградена пред неа, а тоа е Покровската црква подигната околу 1510 година на имотот на великиот кнез во Александровска Слобода, северно од Москва.

Италијански корени

Скокот на имагинацијата направен во смелиот дизајн на црквата Вознесение Господово останува историска енигма. Техничкиот предизвик на балансирањето на толкава вертикална тежина го решил италијански архитект, во Русија познат како Бон Брајзин, во проектот Камбанаријата на Иван Велики, доминантата на московскиот Кремљ. Меѓутоа, структурата на камбанаријата е поедноставна од црквата на Вознесението со нејзината основа во облик на крст и покомпликуваната кула.

Сведоштвата упатуваат на тоа дека еден друг италијански мајстор – можеби оној во пишаните извори познат како Петрок Мали – го предводел решението на овој структурен предизвик. Тој бил искусен инженер, а црквата на Вознесението инзвонредно ги демонстрира вештините потребни на архитектот за проектирање тврдина, како и оние потребни за изградба на импозантен храм.

Нејзините ѕидови, кои се засновани на масивни подрумски сводови од тула зајакнати со железни шипки, се со дебелина од 2,5 до 3 метри, се мошне подебели одошто е потребно за тежината на „шатор“. Ѕидовите, исто така ги поддржуваат потпорни конструкции во облик на три скалила, од кои секое има свртување под прав агол, што ја зголемува визуелната драматичност на ритуалните процесии.

Главниот блок на кулата, обвиен со јаки столбови, води нагоре кон тројно зашилените калкани или кокошници (името го добиле по народните свечени женски шапки). Овој орнамент се рефлектира и на горниот дел од осмоаголниот облик. Над осмоаголниот „шатор“ се издигнува осмострана пирамидална форма со варовнички рабови. Вертикално е нагласена со ромбоидни орнаменти, исто така во варовник, кои се стеснуваат кон врвот. Кулата завршува со осмоаголна тамбура, купола и висок железен крст.

Фотографски сведоштва

Кога за првпат ја фотографирав црквата Вознесение Господово во февруари 1972 година овој орнамент беше јасно воочлив во контрастот меѓу белите варовнички елементи и деловите од црвена тула. Целата кула инаку беше обоена во бело наспроти Олимпијадата во 1980 година, по што оставаше впечаток на блескава монолитна структура.

Впечатлива промена може да се види на моите фотографии од септември 1972 година и од март 1980 година. Белата боја со текот на времето неизбежно избледе под влијание на силните зимски ветрови, што е забележено на моите фотографии во текот на следните две децении. Во процесот на одржување и на зачувување на споменикот, свежата бела боја повторно е нанесена, како што може да се види на моите фотографии од 2012 година.

Фотографиите на ентериерот направени во 1984 година прикажуваат тмурен, слабо осветлен простор кој не е наменет за голем број верници, ами за великиот кнез, за неговото семејство и за свитата. Ова ограничување не одело во прилог на сликањето на ѕидовите како што се појавува во црквите со поотворена структура.

Ентериерот е исто така невообичаен зашто во него не постои апсида вообичаена за олтар. Има само вдлабнатина на источниот ѕид. Таа, секако, била скриена со иконостасот.

Во долниот дел се наоѓа простор со тешки сводови коишто ја носат огромната тежина на кулата. Кога го фотографирав овој простор во 1984 година, сѐ уште служеше како магацин за декоративни варовнички елементи останати од црквите кои биле урнати во триесеттите години од минатиот век.

Подигната високо над реката Москва

Величествениот впечаток на вертикалата што го остава црквата на Вознесението го интензивира стрмото возвишување над реката Москва со поглед на кнежевските имоти, на кои се наоѓа таа. Нејзината положба среде комплексот дрвени градби, вклучувајќи го и големиот двор (кој изгорел во 1571 година и оттогаш бил двапати обновен), би пружил поинтересна силуета на пејзажот одошто е тоа случај денес, кога преживеаната градба е прилично изолирана.

Меѓу блиските објекти се наоѓа и мала камбанарија од средината на 16 век. Откако во 17 век ѝ е сменета намената, претворена е во мала црква на свети Георгиј и доѕидана е дрвена трпезарија. Покрај црквата на свети Георгиј се наоѓа и поедноставна, но импозантна градба од тули подигната кон крајот на 17 век како водна кула за царската резиденција.

Во архитектонскиот комплекс над реката Москва се влегува низ градбата којашто се нарекува Предна порта, изградена во периодот од 1671 до 1673 година, со бараки за стража од обете страни. На врвот на портата се наоѓа покривна конструкција со камбанарија, чии камбани се поврзани со механизам за часовник.

Денес имаше среќа што овој редок архитектонски комплекс е зачуван. Најпрво така што во 1923 година е трансформиран во музеј. Понатамошната реставрација (искомплицирана со појавата на свлечишта) направена е во доцните седумдесеттите и на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. Во 1994 година историскиот комплекс се најде под заштита на УНЕСКО, а во 2000 година црквата на Вознесението Господово беше повторно отворена за богослужба. Денес е дел од музејски комплекс, а само на големите православни празници во неа се служи литургија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња