Зошто на Чукотка времето губи на значење?

Legion Media
Времето овде, се разбира, постои, а часовникот покажува 9 часа повеќе отколку во Москва. Но, штом почнете да планирате да патувате некаде по регионот, немојте особено да сметате на времето. Затоа што во тој случај пресудни се временските услови.

Чукотка е најоддалечениот регион на Русија во кој почнува новиот ден, како што поетски ја опишуваат новинарите. Токму тука поминува датумската граница, а стрелката покажува 9 часа повеќе отколку во Москва. Но, времето овде тече сосем поинаку, особено за оние кои пристигнале од големите градови и се навикнати да прават планови.

Растојанието не се мери во часови

Веќе разговаравме за тоа како се живее во главниот град на Чукотка, градот Анадир, најскапиот во земјата. Исто така укажавме на домородните народи во националните населби. Ако ја погледнете мапата, можеби ќе помислите дека населбите во регионот не се толку оддалечени една од друга. На пример, меѓу градовите Певек и Билибино има 240 километри. Можете ли да замислите дека за да го поминете ова растојание ќе ви требаат една недела или дури две? Но, може да се случи да го поминете за само два часа или за три дена. Тоа не зависи од вас.

Чукотскиот полуостров е огромна територија со големина на неколку европски земји, на која живеат само 50 илјади луѓе. Поголемиот дел од тоа пространство го зазема бескрајна тундра, прошарана со високи ридови. Патишта има само во населбите, а од една до друга може да се стигне со хеликоптер или теренско возило (тука ќе најдете преглед на локалниот сообраќај). Колку време ќе ви треба за тоа не одлучувате вие, туку временските услови. А тие на Чукотка знаат да бидат многу ќудливи.

На пример, во местото од каде што тргнувате и во местото каде што сте упатиле времето е ведро и без ветер, но сепак нема летови, бидејќи меѓу нив има страшна виулица и магла. Го гледате времето надвор, ги гледате веб-страниците на аеродромите и не разбирате зошто авионите не летаат. А понекогаш ќе треба да чекате за лет не еден или два дена, туку неколку недели.

„Секогаш кога ќе дојдете на аеродром, ве чека игра на тема: ќе полетате - нема да полетате“, вели Ана од Анадир. „Не можете да се пријавите за лет по телефон, мора да бидете на местото. Така што луѓето стојат до благајната цел работен ден со надеж дека денеска ќе имаат среќа! И тоа може да потрае една недела или повеќе“.

За Певек, најсеверниот град во Русија, жителите пишуваат вака: „Одлагањето на летовите се секојдневна појава. Пред да одите на аеродром јавете се за информации, летот најверојатно е откажан и не треба ни да тргнете“.

Тогаш како се патува овде?  

Русите кои живеат во централните и јужните делови на земјата се навикнати да купуваат авионски билети преку интернет секогаш кога им е потребно, шест месеци однапред или неколку часа пред летот. Покрај тоа, тие можат да бираат со која авиокомпанија ќе патуваат. Во овој регион такво нешто не може да се очекува.

Сообраќаат само две-три авиокомпании, а ако се случи да пуштат билети во продажба еден месец однапред, веднаш ги разграбуваат. Исто така, тука може да се види феноменот на пријавување на листата за бординг на денот на летот. Истата ситуација е и со копнениот сообраќај.

„Тие имаат такси, а тоа се моторните санки“, вели алтајскиот патник Алексеј Котелников, кој и самиот се соочил со долги чекања за превоз за време на неговата експедиција. „Бев сведок кога еден локален жител убеди друг да го одвезе до село оддалечено 250 километри. Беше подготвен да плати 60 илјади рубли (околу 1.000 долари), но таксистот не се согласи бидејќи цената беше прениска“.

Но, тоа не значи дека тамошните луѓе не патуваат никаде. Тие едноставно се навикнати на тоа и умеат да чекаат. Сфаќаат дека е бесмислено да се тркаат со времето.

„Само два дена подоцна (ако не сте во градот) ќе престанете да ги броите деновите во неделата, нема да ви требаат“, пишува туристичкиот водич од Анадир Евгениј Басов на својот блог и им препорачува на посетителите за патување по овој регион да издвојат повеќе „класично механичко време“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња