Чукотка: Етеричната природа на најоддалечениот руски регион (ФОТО)

Sylvain CORDIER/Gamma-Rapho via Getty Images
Најисточниот регион на Русија изгледа како предел од друга планета! Погледнете ги овие „марсовски“ пејзажи, разнобојната тундра од воздух и недопрената дивина која со векови ги опкружува човечките населби.

Чукотскиот автономен округ е најисточниот регион на Русија и Евроазија, вистинскиот крај на светот. И многу е различен од сите други делови на земјата. Тоа е полуостров покриен со тундра и вечен мраз помеѓу Чукотското и Беринговото море. Поголемиот дел од регионот се наоѓа зад Северениот поларен круг, каде владеат постојан студ, ветер и дожд, но непријатното време регионот го надоместува со неверојатно живописно опкружување какво што нема да ја најдете на ниедно друго место во светот.

Можеби мислите дека тундрата е здодевна, монотона рамница? Размислете малку подобро! Погледнете, има ридови, реки и многу растителен свет. Тундрата е место каде одгледувачите на ирваси живеат номадски живот.

Студена река тече меѓу ридовите во тундрата со мочуришта и езера во близина.

Берингово море во магла. Студеното и бурно море ја дели Азија од Северна Америка. Неговите води можете да ги видите само во лето. Останатиот дел од годината е покриено со мраз.

Огромните моржеви се домаќините во Беринговото Море. Имаат омилени места каде што се собираат во групи и рикаат, разговарајќи меѓу себе. Не, тоа не се места на брегот, туку во самото море.

Чукотското море, кое го заплиснува полуостровот на североисток и е дел од Северниот леден океан, е уште постудено од Беринговото. Таму мразот не се топи дури ни во лето, но на поларните мечки тоа не им пречи.

На Чукотка се наоѓа најисточната точка на Русија (и Азија), ‘ртот Дежнев. Името го добил по козачкиот истражувач Семјон Дежнев. Дознајте повеќе за тоа како изгледа крајот на светот овде.

Можеби изгледа неверојатно, но среде тундрата и вечниот мраз се наоѓаат врели подземни извори. Тие се наоѓаат на 15 километри од селото Лорино на истокот на Чукотскиот полуостров. Двата извора се наоѓаат еден до друг и имаат различна температура, која варира од 40 до 60 степени Целзиусови.

Островот Врангел на североистокот на Чукотка се наоѓа помеѓу западната и источната хемисфера. Преку него минува 180 меридијан, кој го дели времето на денес и утре (официјално датумската линија е поместена на руско-американската граница). Меѓутоа, не можете да се прошетате од едниот до другиот крај на островот, бидејќи е ненаселен. Островот Врангел често се нарекува „Островот на белите мечки“.

Меѓутоа, 180 меридијан поминува и преку Чукотка. Вака изгледа тој крај.

Пресушено корито на река по должината на ридовите во близина на 180 меридијан.

Чукотските ридови во тундрата од хеликоптер.

Ова е Алејата на китови на островот Итигран во Беринговото море. Местото е покриено со остатоци од черепи и вилични коски на  гренландски китови. Алејата датира од XIV-XVI век и се смета дека тоа било старо светилиште на Ескимите. Откриено е дури во 1976 година.

Патот до напуштеното село Иуљтин, кое се наоѓа зад поларникот. Во 1930-тите таму беше откриено едно од најголемите наоѓалишта на калај, волфрам и молибден во светот. Во 1990-тите, поради кризата поврзана со распадот на СССР, индустриското производство беше прекинато, претпријатијата банкротираа, а луѓето го напуштија селото.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња