- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Денес храмот „Св. Василиј Блажени“ е едно од најпрепознатливите зданија во Москва и Русија, своевиден симбол на руската престолнина. Изграден е на барање на царот Иван Грозни во средината на XVI век по повод заземањето на Казан и припојувањето на Казанскиот канат кон Московското царство.
Не се знае со сигурност кој ја изградил црквата. Според една верзија, тоа биле руските неимари Барма и Постник (или извесен Постник со прекар Барма), според друга, тоа бил еден од бројните италијански архитекти кои работеле на изградбата на кулите и црквите на Кремљ.
Токму храмот „Св. Василиј Блажени“ ќе ја предодреди модата во архитектурата кон крајот на XIX век. Имено, тогаш заживеал таканаречениот „руски стил“: многу црвени тули, шарени декоративни елементи, украсни калкани, релјефи. Според современите архитекти, изгледот на овој храм е толку длабоко врежан во свеста на секој Русин што буквално ги предодредува неговите естетски склоности (и поттикнува љубов кон сé што е експресивно и впечатливо).
Се разбира, ваквата значајна зграда има инспирирано голем број „имитации“. Во Русија, најмалку три други зданија очигледно пронаоѓаат инспирација во московскиот храм.
1. Храмот „Спас на Крвта“ во Санкт Петербург
Бројни шарени куполи, украси околу прозорците, лаковидни куполи и украсни калкани. Со површен поглед на фотографијата од некои агли на гледање можете дури и да го помешате овој петербуршки храм со московскиот постар брат. „Спас на Крвта“ се издвојува во општиот барокно-класичен амбиент на Санкт Петербург. Храмот е изграден 1883-1907 година на местото на загинувањето на Александар II, чија кочија беше крената во воздух од терористи-револуционери.
Синот на покојниот владетел, новиот цар Александар III, лично сакал храмот да личи на старата руска црковна архитектура. За него градбата имала посебно значење, затоа тој лично го коригирал проектот во руски стил.
2. Црквата „Ублажи ги моите жалости“ во Саратов
Храмот е посветен на локалната икона на Богородица „Ублажи ги моите жалости“, а изграден е 1904-1906 година. Во Русија има и други цркви со декор од голем број полукружни или зашилени врвови на ѕидовите, но мноштвото мали разнобојни куполи нас нè асоцира на храмот „Св. Василиј Блажени“. Додека во другите храмови бројот на куполи одговара на бројот на дополнителни олтари, овде тие имаат чисто декоративна функција. Имено, црквата отсекогаш имала само еден олтар (а дури во 90-тите е доѕидан уште еден). Инаку, во советско време, во овој храм беше сместен... планетариум!
3. Црквата „Св. Игор Черниговски“ во Москва
Овој храм во Ново Переделкино е сосема нов. Изграден е во 2009-2012 година и се наоѓа недалеку од летната резиденција на патријархот. Храмот е изграден во неоруски стил и комбинирајќи елементи од различни стилови на црковната архитектура наликува на палата од бајка. Разнобојните куполи се направени од порцелан и украсени со огромни крстови. Архитектите не се обиделе да го копираат храмот „Св. Василиј Блажени“, овде нема обилно украсување ниту голем број украсни калкани, но сличноста е сепак очигледна.
4. Храмот „Благовештение на Пресвета Богородица“ во градот Јошкар-Ола
Во 2016 година во главниот град на републиката Мариј Ел беше отворена црквата Благовештенската црква. Куполите не ѝ се разнобојни, туку златни, но општата архитектонска форма веднаш јасно потсетува на храмот „Св. Василиј Блажени“ и храмот „Спас на крвта“. Општо земено, градот Јошкар-Ола е познат по своите реплики. Има и копија од Спаската кула на московскиот Кремљ и ѕидините на Кремљ, а има дури и кеј „како во Бриж“, кој потсетува на ова белгиско гратче.
5. Преображенската црква во Карелија
Ако погледнете малку повнимателно, ќе пронајдете сличност помеѓу храмот „Св. Василиј Блажени“ и најпознатиот дрвен храм во Русија – Преображенската црква на островот Кижи во Карелија. Овој извонреден храм бил изграден на почетокот на XVIII век без ниту една шајка. Притоа има 22 куполи, што е двојно повеќе од храмот „Св. Василиј Блажени“. Куполите се поставени на различни нивоа, а нивната основа ја сочинуваат покриви во облик на луковица.
6. Вознесенскиот храм во Тамбов
Главниот храм на Вознесенискиот манастир во Тамбов бил срушен за време на советската ера, а на негово место во 2007 година беше изграден овој прекрасен нов храм со камбанарија висока 70 метри. Странците често го споредуваат оригиналниот храм „Св. Василиј Блажени“ со Дизниленд, но оваа црква подобро одговара на таа споредба.
Реплики во други земји
Копија на храмот „Св. Василиј Блажени“ има и во... Турција. Во хотелот Kremlin Palace во Анталија можете да се чувствувате како да сте на Црвениот плоштад во Москва. Тука има реплики на Кремљ, Историскиот музеј и храмот „Св. Василиј Блажени“.
Шарените куполи на храмот „Св. Василиј Блажени“ се репродуцирани (иако прилично произволно) и на плоштадот Матрјошка во кинескиот град Манжули, недалеку од границата со Русија.
Како и во соседниот кинески град Џалајнур.