5 руски пророци кои предвидувале камени дождови, реки крв и смрт на царевите

Russia Beyond (Legion Media, Public Domain)
Сите тие живееле пред 1917 година, некои од нив се канонизирани како блажени, а некои црквата ги отфрлила, но сите ја предвидувале иднината на Русија. Некои претскажувања, секако, и се оствариле.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Прокофиј Устјушки Чудотворец

Прокофиј Устјушки од 13 век бил познат како јуродив (луд ради Христа). Живеел најпрво во Новгород, а потоа во Велики Устјуг. Одел во партали, ноќевал надвор: спиел на земја, на камења, на купишта отпад. Ги повикувал граѓаните да се молат и да се покајат за Велики Устјуг да не го снајде судбината на Содома и Гомора.

Иако Прокофиј претскажувал небески казни, на нему не му обрнувале особено внимание. Меѓутоа, летото 1290 година почнал усрдно да ги моли жителите на Велики Устјуг да се покајат. Една недела подоцна навистина започнала страшна бура. Жителите на градот побрзале во црква, каде го нашле Прокофиј како се моли. Според преданието, тој го спасил Велики Устјуг, штитејќи го градот од „камен дожд“.

„Напладне над градот Устјуг ненадејно се појави темен облак и стана мрачно како ноќе. Потоа се појавија и од сите четири страни се наместија големи црни облаци, од кои непрекинато избиваа огнени молњи, и страшни грмежи и страшно беше над градот Устјуг, така што не можеше да се разбере што зборуваат луѓето“. Но, Прокофиј, заедно со народот ѝ се молеше на Богородица и „се промени воздухот и облаците страшни со молњи и громови заминаа во пустите краишта, оддалечени од градот 20 попришта (околу 30 километри), и таму од небото како дожд паднаа големи вжештени камења, палејќи многу шуми и ридови, но ниту луѓето, ниту стоката не настрадаа поради заштитата на Пресвета Богородица и молитвите на свети Прокофиј“, вака во Житието за Прокофиј Устјушки се опишува неговиот подвиг, по кој се здобил со уште поголема почит кај народот.

Прокофиј Устјушки Чудотворец

Прокофиј не бил Русин по потекло. По смртта на неговиот татко со товарен брод ја напуштил Источна Прусија и стасал во Новгород. Во житието се наведува дека потекнувал од богато трговско семејство од градот Либек. Во Новгород, под впечаток на големиот број цркви и манастири, ја примил православната вера, го поделил сето богатство и станал јуродив. Неговиот премин од Новгород во Велики Устјуг е поврзан со тоа што новгородците почнале многу да го почитуваат поради тоа што се откажал од каков и да е имот.

Соборен храм на Прокофиј Праведен во Велики Устјуг

По пророштвото за камениот дожд Прокофиј живеел уште околу 13 години. Се претпоставува дека паднал метеоритот „Велики Устјуг“, некаде околу 25 јуни 1290 година кај селото Котовалово, на околу 20 километри северозападно од Велики Устјуг. Меѓутоа, до денес не се пронајдени никакви остатоци од „камениот дожд“. Затоа во меѓународниот регистар на метеорити стои под знак прашалник. Местото кај селото Олбово, каде се смета дека паднале камењата од небо, од дамнина го посетуваат аџии. Во шеесеттите години од 19 век на жителите на Велики Устјуг дури и официјално им е дозволено „на 25 ден од јуни да заминат во литија од устјушката Успенска црква“ до капелата во близина на Олбово, „каде во 1290 година според старото предание паднал камен дожд“.

Василиј Блажени

Познатиот московски јуродив, свети Василиј Блажени, рано се прославил како пророк. Василиј служел како калфа кај еден чевлар. Еднаш кај неговиот газда дошол еден човек кој сакал да нарача чизми кои би „траеле неколку години“, како што им објаснил. Во тој момент Василиј мистериозно се насмевнал. Кога заминал купувачот, мајсторот го запрашал Василиј што значела таа насмевка. Тој му одговорил дека на човекот нема да му бидат потребни чизми за неколку години зашто веќе наредниот ден ќе почине. Така и се случило. Ова било едно од помалите пророштва на Василиј.

Летото 1547 година Василиј дошол во московскиот Вознесенски манастир и усрдно се молел пред иконите. Следниот ден токму од црквата на овој манастир започнал разорниот московски пожар кој опустошил една третина од градот. Според легендата, уште кога бил млад Василиј во 1521 година исто така ја претскажал наездата на ханот Мехмед Гирај кој ги уништил Нижни Новгород, Владимир и други градови на централна Русија. Пред неговото доаѓање Василиј во Успенската црква имал „огнена визија“.

Василиј Блажени (лево) на икона

Иван Грозни го почитувал и го ценел Василиј поради неговата моќ за пророштва. Познато е дека царот му дозволувал на Василиј да се шегува на негова смета и да го нарекува „Иванушка“. Богобојазливиот Иван Грозни не смеел да го казни или да ги прекори овој јуродив. Легендата вели дека, откако добил од царот за подарок пијалак, Василиј го излил од пехарот на земја (или низ прозорец), а кога му го дополниле, сметајќи дека тоа го направил случајно, Василиј виното повторно го истурил и објаснил дека тој така го гаси пожарот во Новгород. Излегло дека тој ден во Новгород навистина бил изгаснат голем градски пожар.

Откако Василиј починал, царот Иван лично го носел неговиот ковчег на гробишта, а опелото го служел московскиот митрополит Макариј. Василиј бил канонизиран во 1588 година, набргу по смртта на Иван.

Ксенија Петербуршка

Блажена Ксенија (1731-1802) е јуродива за чиј живот и смрт документите не се зачувани, но сеќавањето за неа е толку живо во преданијата за Санкт Петербург што не може да постои сомнеж во нејзиното постоење. Таа била жена на потполковникот и дворски поец Андреј Петров кој починал ненадејно кога Ксенија имала 26 години. По смртта на својот сопруг Ксенија врз себе го презела подвигот на јуродството.

На погребот на својот сопруг Ксенија дошла облечена во неговата облека и не одѕивајќи се повеќе на своето име, рекла дека Ксенија починала и дека сега таа е Андреј Фјодорович (името на нејзиниот маж). По погребот Ксенија ја продала куќата од својот маж и сите пари ги дала во црква или ги поделила на познаниците. Започнала да живее на улиците на Санкт Петербург. Кога облеката од нејзиниот маж се излитила Ксенија, според преданието, носела зелено здолниште и црвена кошула, боите на воената униформа што ја носел нејзиниот сопруг.

Портрет на Ксенија, дело на непознат сликар

Ксенија живеела од милостина. „Подајте ми цар на коњ!“, гласела нејзината вообичаена молба. Тоа се однесувало на бакарна паричка, повеќе од тоа не земала. Во некоја продавница на молбата на блажена Ксенија да ѝ дадат „цар на коњ“ незабележано во џебот ѝ ставиле неколку златника. Кога излегла Ксенија ги нашла парите, се вратила во продавниците и, оставајќи го златото, повторно побарала „цар на коњ“. „Повеќе од тоа не ми треба“, упорно одговарала на молбата да земе барем неколку рубли.

Најпознатите пророштва на Ксенија се однесувале на смртта на владетелите. Летото 1764 година Ксенија често ја среќавале расплакана на улица. „Што ти е, Андреј Фјодорович?“, ја прашувале, а таа одговарала: „Таму има крв, крв, крв! Таму има реки преполни со крв, таму каналите се крвави, таму има крв, крв“. Подоцна се дознало дека во јули 1764 година во Шлиселбуршката тврдина при обид за бегство бил убиен поранешниот цар Иван Шести.

Капелата на Блажена Ксенија Петербуршка на Смоленските православни гробишта во Санкт Петербург.

Ксенија, според легендата, уште претходно ја претскажала смртта на царицата Елизавета Петровна. Само неколку дена пред нејзината смрт во 1761 година жителите на престолнината слушнале како блажена вика: „Пржете палачинки, наскоро цела Русија ќе пржи палачинки!“. На 25 декември ненадејно починала царицата Елизавета. Се смета дека Ксенија ја предвидела нејзината смрт зашто палачинките кај Русите се подготвуваат за погреб.

За тоа кога починала Ксенија не постојат точни податоци. Се знае дека тоа било на почетокот на 19 век. Нејзиниот гроб на Смоленските гробишта станал место за аџилак и луѓето земале земја и песок од нејзиниот гроб. На Ксенија на тоа место ѝ е подигната капела.

Монахот Авељ

Единствениот документ за монахот Авељ е досието во Министерството за правда од 1796 година, отворено зашто тој човек на 67 страници напишал пророштво. Селанецот Василиј Василев, кој себеси се нарекол монах Авељ, проповедал, според сè, кон крајот на 18 век. Во осумдесеттите години на 18 век се замонашил во Валаамскиот манастир, но не останал во него, ами тргнал да талка низ земјата. Во 1796 година кај Авељ во Николо-Бабаевскиот манастир во Костормската епархија е пронајдена книга на пророштва во која се наведува дека императорката Екатерина ќе почине осум месеци подоцна.

Тоа предизвикало сериозни последици. Авељ бил уапсен, а императорката била известена за претскажувањето. Пророкот го сослушале во Тајната експедиција, орган на државната истрага, и го затвориле во Шлиселбуршката тврдина, но по доаѓањето на власт на императорот Павел тој бил ослободен. Сепак, наскоро во Москва бил повторно уапсен зашто ја предвидувал иднината за пари.

Во 1798 година Авељ бил прогонет во Валаамскиот манастир, каде две години подоцна, според легендата, ја претскажал смртта на императорот Павел. Поради тоа бил затворен во Алексеевскиот равелин на Петропавловската тврдина, а по смртта на императорот бил прогонет во Соловецкиот манастир во кој, наводно, ја претскажал Татковинската војна од 1812 година и пожарот во Москва, по што бил ослободен и продолжил да талка по земјата. Авељ на слобода минал над 10 години, а во 1826 година бил затворен во суздаљскиот Спасо-Ефимиев манастир каде починал во 1841 година. Тогаш имал над 80 години.

Спасо-Ефимиевскиот манастир во Суздаљ.

Иван Јаковлевич Корејша

За Иван Корејша може да се каже дека е руски јуродив кој е најблизок на нашето време. Тој е познат како видовит пророк од првата половина на деветнаесеттиот век кој поголем дел од својот живот го минал во московската Преображенска болница. Претходно се стекнал со богословскo образование, потоа работел како учител, а на 22 години, следејќи некаков необјаснив порив, почнал да талка низ земјата. По три години талкање по манастирите и по испосниците се вратил во родниот Смоленск и се вселил во празна бања (руска сауна) каде пеел духовни песни и се прославил како јуродив. Иван Јаковлевич тогаш се стекнал со способност за предвидување и за видовитост.

Иван Корејша

На сите им ја претскажувал иднината, и на обичниот народ, и на благородништвото, и тоа главно за животот и за смртта на нивните блиски. Понекогаш и лично доаѓал до постелата на човекот за да го види и да каже дали ќе преживее или ќе почине. Неговата популарност растела зашто речиси сите негови претскажувања биле точни. А, зимата 1811 година, одговорајќи на прашањето дали му е ладно во партали, Корејша одговорил: „Почекајте годинка и топло ќе биде и вие ќе се смрзнувате“, на тој начин ја предвидел опсадата на Смоленск од страна на Наполеоновата војска.

Во 1813 година надлежните процениле дека Иван Јаковлевич е безумен и се обиделе да го изолираат во смоленската болница. Тоа наводно се случило поради тоа што открил проневера на пари на смоленски чиновници. Но, во болницата веднаш се собрале неговите поклоници и во 1816 година бил префрлен во Московската умоболница, како што тогаш се нарекувала Преображенската психијатриска болница.

Преображенската психијатриска болница, почеток на 20 век.

Меѓутоа, набргу и тука се слушнало за него. Имено, Корејша на чуварот му претскажал дека неговата ќерка ќе закрепне од сипаници, а тој низ Москва го пуштил гласот за претскажувачот. Кај него доаѓала и сопругата на генерал-губернаторот, која била импресионирана од неговите способности (имено тој точно погодил каде бил нејзиниот сопруг на гости таа вечер). По нејзината посета условите за живот на Корејша во болницата се поправиле.

Корејша бил изолиран во посебна соба кадешто не дозволувал да се чисти. Доктор Демулен, кој болницата ја посетил во 1856 година, кога Корејша веќе бил стар, има запишано дека неговата просторија „повеќе личи на животинско дувло одошто на болничка соба. Иван Јаковлевич лежеше на подот, на слој песок, покриен сo искинато и толку валкано ќебе што на човека му се слошувало само што ќе го погледне... а градите му беа покриени со влакна и со валканици. Перниците исто така беа покриени со валканици и со грозни слоеви маст“.

Наспроти неговото место за лежење се наоѓал кауч за посетителите. Пред врата се наоѓала каса за прилози за болницата. Раководството сфатило дека на популарноста на Корејша треба да се заработат пари. Познатиот психолог Василиј Саблер, главен лекар на болницата, велел: „Ние сме многу сиромашни; ако го немаше Иван Јаковлевич, не знам како ќе врземе крај со крај“. Тарифата за посета на Корејша била пропишана: тоа чинело 20 сребрени копејки. Средствата оделе за одржување на болницата во која Иван Корејша бил затворен со дијагноза „безумност на база на претерано читање“. Официјалната црква притоа не го признала за блажен и по неговата смрт не го канонизирала.

Гробот на Корејша

Пред крајот на својот живот Корејша станал познат во цела Русија. Не само што одговарал на прашањата на посетителите, често нејасно и метафорично, ами давал и општи предвидувања. Така, на пример, наспроти Кримската војна Корејша зборувал дека треба да се суши леб, да се подготвуваат завои, да се корне „корпија“ (конци од старата облека кои се користеле наместо вата). Според легендата, Корејша го посетил и императорот Николај Први. Откако влегол во собата, царот го прашал Корејша зошто лежи и не станува. Одговор бил: „И ти, без оглед на тоа колку си голем и страшен, ќе легнеш и нема да станеш!“ Иван Јаковлевич дури и се појавува во делата на Фјодор Михајлович Достоевски и на Николај Лесков, како под своето име, така и како прототип на јуродив. Починал во 1861 година и бил погребан далеку од болницата, во некрополата на црквата на пророкот Илија во Черкизово. Неговиот гроб е место за поклонение многу години по неговата смрт, а се почитува и денес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња