10 најубави водопади во Русија

Legion Media
Природата на најголемата земја во светот е многу разновидна. Русија е позната по своите езера, планини и шуми, но нејзините водопади не се толку познати. Но, тие постојат и се многу убави!

10. Кивач

Водопадот Кивач во резерватот „Кивач“, Карелија.

Овој водопад на реката Суни висок 10 метри е најпознатиот во Карелија. Опеан е од познатиот руски поет од XVIII век Гаврило Державин („Дијамантска се сипе гора...“).

Се смета дека името на водопадот потекнува од финскиот збор kiivas, што значи „моќен, силен“. Дури и на фотографијата можете да видите колку се импозантни тие раздвоени млазови. Водопадот не замрзнува во текот на зимата и изгледа убаво на снегот.

9. Неочекуваниот

Овој водопад на висорамнината Шкотовски на планинскиот масив Сихоте Алињ е висок само 13-15 метри, но неговите млазови убаво и елегантно го „гушкаат“ камениот ѕид на платото, па затоа се смета за еден од најубавите водопади на целиот руски Далечен Исток.

8. Гедмиш

Висок е околу 60 метри, се наоѓа во републиката Кабардино-Балкарија, во долината на реката Гедмиш. Се дели на мноштво млазови, па затоа се нарекува и „70 млазови“ или „Царска круна“. Водата извира на повеќе места во планината над водопадот.

7. Чегемски водопади

Во клисурата Чегем на Кавказ, во реката Чегем паѓаат три водопади високи помеѓу 25 и 60 метри. Тие се една од препознатливите знаменитости на руската република Кабардино-Балкарија. Во близина на ова природно чудо има населби и пат, а во близина има дури и хотел, поради што тука секогаш има многу туристи.

6. Големиот Чуљчински водопад

Се смета дека водопадот Големиот Чуљчински водопад или Учар е еден од најмладите водопади на планините Алтај и дека настанал пред околу 200 години како последица на земјотрес. Откриен е неодамна, во текот на 1970-тите, во времето кога спортскиот и планинскиот туризам во СССР беа многу популарни. Висок е 160 метри, се наоѓа на реката Чуљча и во прилично моќни млазови паѓа на карпите. На дијалектите на алтајскиот јазик името на водопадот значи „оној што лета“ или „непристапен“.

5. Иљја Муромец

Водопадот го добил името по херој на рускиот фолклор. Се наоѓа на курилскиот остров Итуруп, висок е 141 метар. Водата се слева од вулканот Демон директно во морето. Исклучително е тешко да се стигне до водопадот. Се гледа само од морето. Научниците тврдат дека во подножјето на водопадот се собираат сивите китови за во слатката вода да се исчистат од раковите кои се залепиле за нив.

4. Пшешки

Во Фиштинскиот или Пшешкиот водопад водата пристигнува од планински глечер, од извор во клисурата помеѓу кавкаските врвови Фиш и Пшеха-Су (затоа има две рамноправни имиња). Водопадот се наоѓа во руската република Адигеја. Се состои од три млазови. Првиот паѓа од височина од околу 190 метри, а другите два од приближно 160 метри. Млазовите се особено моќни напролет, кога глечерот се топи, додека во текот на летото речиси целосно пресушуваат, т.е. останува само мал млаз под кој похрабрите туристи дури и стојат, иако на сопствена одговорност.

3. Кинзељук

Овој водопад се наоѓа среде Сибир, на границата меѓу Краснојарската и Иркутската област, во непристапното планинско подрачје област на Источните Сајани наречено Тофаларија. Од планинското езеро Кинзељук водата каскадно се влева во реката Кинзељук. Тој топоним на хакаски јазик значи „драгоцен“. Водопадот е висок 328 метри, а слободниот пад на водата е долг околу 90 метри. Дури во 1989 година првата група научници-ентузијасти го проучи и измери водопадот.

2. Зејгалан

Овој водопад во планините на руската република Северна Осетија е познат и како „Големиот Зејгелански“. На осетински јазик неговото име значи „место на падот на лавина“. Според последните мерења од 2016 година, тој е висок 648 метри. Се смета за највисок водопад во Европа (и втор највисок во Русија). Млазот вода е најмоќен во јули и август, кога се топи планинскиот глечер. Во зима водата замрзнува и разгранети замрзнати поточиња како шарена пајажина се шират по планинските клисури.

1. Платото Путорана и неговите водопади

Платото Путорана, едно од најнепристапните места во Русија, има најголем број водопади во земјата. Тие се многу слабо проучени бидејќи е многу тешко да се дојде до висорамнината, а уште повеќе до клисурите. Тоа не е лесна задача дури и за искусни туристи и истражувачи. Во тамошните кањони има и големи водопади со моќни млазови и послаби, чии млазови се потенки, но паѓаат од многу голема висина. Некаде во средината на Путорана се притаил водопадот Таљниковски, највисокиот во Русија (а можеби и во цела Азија). Откриен е дури во 1970-тите. Според различни пресметки, висок е помеѓу 480 и 700 метри. (За споредба, Ангелскиот водопад во Венецуела, инаку најголемиот на светот, е висок околу илјада метри). Овој путорански водопад е сезонски, т.е. „работи“ само неколку месеци во текот на пролетта и почетокот на летото, кога на платото се топи снегот, а потоа пресушува.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња