Рускиот Далечен Исток е простран, но ретко населен дел од земјата, кој се протега од Бајкалското езеро до Тихиот океан. Овде живеат само осум милиони луѓе распоредени во 11 региони, иако сочинува над 40% од руската територија. Меѓу тукашните градови, населби и села се протегаат стотици и илјадници километри (најголеми градови се Хабаровск и Владивосток со население од нешто повеќе од 600 илјади жители, додека другите градски населби имаат просечно од 50 до 100 илјади луѓе). Животот во овие краишта е обележан со сурова клима, ограничена инфраструктура и високи цени на храната... Но, во исто време, луѓето се опкружени со дива, нескротена природа и спектакуларна убавина што не може да се види ниедно друго место во светот!
Главниот град на Камчатка, градот Петропавловск-Камчатски, се наоѓа на брегот на Авачинскиот залив. Опкружен е со ридови, а од длабочината на езерото се издигаат необични карпи наречени Тројца браќа. Според легендата, овие карпи некогаш биле руски богатири кои се претвориле во камен за да го заштитат градот од цунами. Влезот во Авачинскиот залив од Тихиот Океан е широк три километри, што значи дека заливот е заштитен од каприците на океанот. Покрај тоа, заливот никогаш не замрзнува во зима.
Камчатка е сурферскиот крај на Русија! Најпопуларно место за сурфање е Халактирската плажа, дваесетина километри од Петропавловск-Камчатски. Овде брегот го заплиснуваат нежните и долги бранови на Тихиот океан кои овозможуваат импресивни услови како за професионалците, така и за почетниците во овој спорт.
На Камчатка има речиси 200 вулкани, од кои 30 се сé уште активни. А тука се наоѓа и највисокиот активен вулкан на континентот. Кључевскаја Сопка е висок 4800 метри и секоја година „расте“ во висина. Во последните 20 години имаше 10 ерупции! А сепак искачувањето на овој вулкан и понатаму е популарна туристичка атракција.
На територијата на Кроноцкиот резерват на полуостровот Камчатка има едно „вселенско“ место, до кое може да се стигне само со хеликоптер. Долината на гејзирите е едно од најнепристапните места на Далечниот Исток на Русија, кое привлекува многу љубители на дивиот свет. Замислете само кањон долг 8 километри и широк 4 километри, во кој еруптираат околу 40 гејзири и термални извори. Некои од нив бурно избиваат неколку пати на час, а други неколку пати на ден. Над долината секогаш се издигнуваат пареа и мирис на сулфур.
Во центарот на Магаданската област има езеро и парк на природата именувани по американскиот писател Џек Лондон. Езерото е опкружено со планински венци и други езера, а на неговата површина можат да се видат неколку мали острови. Климата во овој крај е сурова и дури среде лето има парчиња мраз што пловат по езерото.
На околу 100 километри од Магадан, во северниот дел на Охотското море, се наоѓа малиот остров Талан (со површина од околу 2,5 квадратни километри). Напуштен е, што не значи дека не е населен. Имено, овде живее огромна колонија на птици. Научниците тука изброија околу 1,8 милиони единки. Островот е составен од остри карпи, покриени со ретка вегетација, а птиците просто обожуваат да седат на неговите карпи. Кога е ведро времето островот може да се види од Магадан.
Владивосток е основан во 1860 година како поморска тврдина за одбрана на источните граници на Руската империја. Еден од најинтересните делови на овој град е Рускиот остров, кој стана достапен за јавноста дури последниве години. Имено, од почетокот на XX век тука имаше воена база, а денес туристите можат да ги посетат историските градби на островот.
Симболот на Владивосток е мостот над заливот Златен Рог. Го поврзува центарот на градот со далечниот ‘рт Чуркин. Златниот мост е еден од најголемите мостови со коси кабли на светот. Во вечерните часови е прекрасно осветлен, а нуди прекрасен панорамски поглед на градот.
Сакате ли мачки? А диви? Земјата на леопардот е национален парк во руското Приморје, дом на најретките видови големи мачки во светот - амурскиот леопард, како и на уште еден редок вид, амурскиот тигар. Во паркот се поставени речиси 500 фотостапици со кои персоналот го следи животот на овие прекрасни диви мачки.
Курилските острови се архипелаг од 56 големи и мали острови со ридски терен, кои го делат Охотското море од Тихиот океан. Всушност, сите тие се планински врвови кои се издигнуваат на 1-2 километри над водата и од кои повеќето се под вода. Затоа тоа се предели од кои запира здивот! Многу острови имаат вулкани, блескави бели карпи, минерални извори и колонии на птици.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче