Српски фотограф во далечната Тофаларија: Гостопримство на широката руска душа на секој чекор! (ФОТО)

Ранко Ѓуровиќ
За Тофаларија не знаат дури ни многумина Руси. Станува збор за тешкопристапен дел во источен Сибир. Малобројниот народ Тофалари живее во тешки услови (од гледна точка на луѓето од градовите), а притоа го чува својот идентитет и обичаите, гостопримливо ги пречекува ретките гости. Ова место го посети и српскиот фотограф Ранко Ѓуровиќ. Тој своите впечатоци ги подели со Russia Beyond.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

„Живеев на Крим шест години и тамо го запознав Јуриј Анатољевич Гладкој, сега веќе покоен, кој ме воведе во светот на фотографијата во мојата 47 година. Ме покани во 2014 година и рече дека Чихирков Пјотр Владимирович од Уст-Илимск (град 1000 километри северно од Иркутск) го поканил да одат во Тофаларија.

„Сакаш со нас?“

Никогаш претходно немав чуено за Тофаларија, па не знаев што да одговорам.

Интернет!

Па, секако. Сега ќе прочитам сѐ за Тофаларија, па ако ми се допадне...

Ми се допадна тоа што речиси ништо не најдов.

И одлуката беше донесена.

Одам!

Мојот пат беше Нови Сад – Будимпешта – Москва –Иркутск. Таму нѐ пречека Пјотр и нѐ одведе во Тулун. Следниот ден од Тулун заминавме за Нижнеудинск.

Пјотр и Артјом – (двајцата помошници на градоначалникот) минаа 1.000 километри од Уст-Илимск за да нѐ пречекаат на аеродром и да нѐ сместат во станот во кој преспавме.

Следниот ден бевме на Бајкалско езеро и потоа 500 километри пат на север до гратчето Тулун.

Оттаму во селото Пушкинское, па 250 километрим по реката Удом до врвот на Источен Сајан и Алигџер, централното село на Тофаларија.

Минавме низ неколку села на патот: Кујтун, Иргеј, Килим, а со чамец по реката Удом стасавме до селото Њирха.

Го продолживме патот и преспавме во некоја колиба на половина пат до Алигџер во кој стасавме следниот ден.

РАЈ

Спиењето под ведро небо и падот на температурата ноќе (од дневните 30-35 степени) до речиси нула степени по Целзиус воопшто не го намалија вулканот емоции од тоа што стасавме таму.

Гостопримството на широката руска душа е на секој чекор, секаде насмевки и восхит.

Дали зашто ретко некој им доаѓа, или поради тоа што тие се такви.

Изгледа ќе да е ова второво.

Со оглед на тоа што малкумина ги посетуваат, целата наша „експедиција“ беше пречекана со радост и со гостопримство. Уште кога слушнаа дека сум од Србија бев како некој роднина.

По зимата која трае некои девет месеци веднаш настапува летото. Многу се тешки услови за живот, но она што ме фасцинираше беше дека сите се насмеани и весели, како да немаат никакви грижи.

Има многу деца што ме изненади, зашто мислев дека поради условите за живот ќе ги нема многу.

Во селата има струја, телефон, Интернет... Според кажувањата на жителите, Русија го поддржува секој оној што живее или што сака да живее таму и затоа сите имаат работа и своја куќа.

Едно младо момче (околу 30 години) се преселило од Иркутск во Алигџер, се оженило, добило работа и сретства да изгради куќа и има три деца.

Според древните кинески книги тофи или тофалари се истичнотурски племиња.

Вистинското име е карагас – луѓе од племето на црниот гусак. Јазикот целосно се разликува од рускиот и го зборуваат мал број жители. Чисти Тофалари има неколку стотина, останатите се мешани.

Во јули се одржува фестивал, односно средба на трите села на Тофаларија „Аргамчи Ири“. На фестивалот се пее, се игра, се натпреварува во спортски игри, се покажуваат народни ракотворби.

За жал, моето прво одење во Тофаларија траеше само два дена, а останатото време патував во Иркутската област.

Се вратив во јули 2016 година кога во Тофаларија минав веќе десет дена и посетив и трето место - Верхњаја Гутара.

99% од руското население многу малку знае за Тофаларија, така што за мене како човек од Србија беше мошне интересно да го запознам овој крај и овие луѓе, а особено како фотограф. Низ фотографиите имам запишано моменти од нивниот живот и така ги имам зачувано зашто, за жал, народот на Црниот гусак забрзано гасне.

Сите фотографии ми се омилени, не ги делам на помалку или повеќе добри. Секоја од нив има своја приказна.

Се вратив во Тофаларија во 2016 година и им донесов отпечатени фотографии (како што им ветив). Беа во шок зашто обично никој не доаѓа толку далеку и не го носи ветеното. Тогаш дознав дека десетина луѓе починале за таа една година, но останаа нивните портрети.

Една млада жена во 2015 година имаше четири, а во 2016 пет деца.

Друг впечатлив момент беше брачна двојка која имаше посвоено три девојчиња (кои тоа не го знаеја), а во 2016 година добија свое дете. Бог им ги услишал молбите и ги наградил за добрината и за љубовта.

По посетата на ова место Ранко организираше изложба на фотографии од Тофаларија во Рускиот дом во Белград.

„Мојата самостојна изложба беше во рускиот дом во Белград во 2016 година каде беа изложени отприлика 100 фотографии и тогаш фотографот Бранислав Бркиќ ме замоли да одиме заедно, па така заминав и втор пат, се надевам не и последен. По враќањето имавме заедничка изложба во Нови Сад во Музејот на современа уметност“.

На нашето прашање дали познава некој крај на Балканот, во Русија и во светот кој може да се спореди со Тофаларија, нашиот соговорник одлучно одговори: Апсолутно не!

„Со задоволство би се вратил во Тофаларија, а исто така би посетил и многу места на мојата сакана Русија“, додаде тој на крајот од нашиот разговор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња