Што носеше задолжително секој советски граѓанин кога ќе тргнеше на пат?

Каква беше содржината на типичниот советски куфер и зошто луѓето носеа сол во кутија за кибрит?

Советите патуваa често. Многумина одеа на службени патувања, а Советскиот Сојуз беше и една од првите земји во светот која воведе платен годишен одмор. Во повоениот период тој одмор траеше еден месец, па и повеќе, и првенствено се користеше целосно, т.е. не се делеше на два-три пократки одмори (овде проверете зошто беше така). Луѓето можеа да го поминат својот одмор во санаториум (нешто како бања), на море, во поход во природа или на екскурзија. Сé на сé, исто како и сега, само со одредени „нијанси“. Значи, што задолжително носеа  Советите на пат, без разлика дали одеа на одмор или на службен пат? Ги наведуваме деветте најважни „ставки“.

1. Платнен ранец

Туристи на реката Ала Агра.

Главниот придружник на патот беше, се разбира, советскиот платнен ранец. Ранци со различни форми беа правени во различни периоди, но најпопуларен беше сферичниот дизајн со два предни џебови и голем горен капак. Запремнината можеше да се прилагоди, од 20 до 60 литри. Масовното производство на ранци со рамка започна во 1970-тите, кога се користеа главно за посериозни походи.

2. Грејач за потопување

Овие грејачи ги извезуваше во странство едно лице. Брест, СССР, 15 октомври 1990.

Мал грејач е секогаш добредојден на одмор. Во денешно време речиси во секоја хотелска соба има електричен чајник или во близина можете да нарачате кафе, а порано вечерната чајанка беше вистинска игра на потрага. Патем, советските инженери направија грејач и за штекерот во автомобилот, бидејќи патувањето со автомобил беше доста популарно. Постоеше дури и кафемат за автомобил.

Дознајте повеќе! 10 необични советски кујнски помагала

3. Лимено лонче

Лимените лончиња првично беа правени за армијата, но многу рано се „преселија“ во туристичките ранци (се користеа за превривање вода за чај или кафе). Не беа тешки благодарение на алуминиумот, но маана им беше што многу брзо се загреваа и тешко се држеа за рачката. Затоа некои туристи носеа емајлирани или челични шолји. И денес можат да се најдат во секоја продавница во Русија.

4. Транзистор

Првата „Spidola“, транзистор.

Каков одмор би било тоа без музика и вести? Денес го имаме сето тоа во нашиот телефон, но и порано тоа прашање се решаваше лесно. На одмор се носеа помали радио-транзистори. Преку нив туристите ги слушаа омилените песни на плажа и ги следеа најновите вести и временската прогноза. Еден популарен модел дури беше наречен „Турист“. Работеше и на струја и на батерии.

5. Шах

Страсни шахисти

Како може човек да помине одмор без разонода? Во советско време, главната игра на маса беше шахот.

Шаховските табли со фигури беа правени во различни форми. Имаше и варијанти за патување. Човек лесно можеше да земе помала шаховска табла со себе кога оди на плажа, на пример, да одигра некоја партија со соседот таму додека се излежува на сонце.

Освен шах, луѓето со задоволство играа и домино.

6. Варени јајца

Семејство на плажа

Русија е голема земја, па многумина патуваа до одморалиштето многу долго, дури и по неколку дена. Често носеа храна завиткана во весник или фолија. Тогаш пластичните кеси не беа честа појава. Варените јајца беа најсигурниот патнички оброк бидејќи не мораше да се чуваат на ладно место, а лушпата ги штити од расипување. Многу патувања со воз или автомобил не можеа да се поминат без варени јајца.

7. Сол во кутија за кибрит

Ова беше генијален „„лајфхак“ од советскиот период. Солта обично се пакуваше во големи кутии. Порано немаше мали пакувања како денес. Затоа кутиите од кибритчиња се користеа за различни цели како идеално решение, само кога ќе се потрошеа кибритчињата. И сè беше еколошки чисто!

8. Сапун во кутивче

Денес секој хотел има гел за туширање, шампон, пасти за бричење и други тоалети. Претходно сето ова мораше да се носи од дома. Сапун во пластично кутивче можеше да се најде во секој советски куфер. Се сметаше дека е нехигиенски да се користи туѓ сапун, затоа секој имаше свој. Патем, имаше и минијатурни кутивчиња за сапун, специјално за патување, но беа мошне ретки.

9. Колонска вода

Колонската вода не се користеше само како парфем, туку и како заштита од комарци и крлежи. Не, не е шега. Ако малку ги истриете рацете и нозете со колонска вода, ќе видите дека комарците не ви се приближуваат. За такви работи најдобра беше колонската вода „Гвоздика“ („каранфилче“). Имаше исклучително силен мирис!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња