Како изгледаа советските туристички посети во странство?

Јаков Берлинер/Sputnik
За повеќето советски граѓани, туристичкото одење во странство беше исклучителен настан што се случуваше еднаш во животот. Но, оние кои имаа среќа да отпатуваат надвор од земјата честопати запаѓаа директно во неволја.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Дали сте доволно доверливи?

Туристичките патувања во странство првпат станаа возможни во СССР на почетокот на 1930-тите, кога беше основана државната туристичка организација „Совтур“ (Советски турист). Меѓутоа, со оглед на тоа што  земјата под власт на Сталин стануваше сè поизолирана од остатокот од светот, „Совтур“ немаше многу работа, ограничувајќи се само на индивидуални патувања.

Пасошот на поетот Владимир Мајаковски

„Затоплувањето“ во времето на Хрушчов, периодот кога репресијата и цензурата во Советскиот Сојуз почнаа да попуштаат, доведе до укинување на ограничувањата за патување во странство за советските граѓани. Почнувајќи од средината на 1950-тите, секој советски граѓанин теоретски можеше да патува преку граница. Меѓутоа, во пракса за обичните луѓе работите изгледаа сосема поинаку.

За да добие дозвола за патување во странство, потенцијалниот кандидат мораше да има препорака од работа која ги истакнуваше неговите беспрекорни морални квалитети. Потенцијалниот турист, барем на хартија, мораше да биде претставен како посветен комунист и скромна, но политички активна личност.

Препораката потоа ја проценуваа различни бирократски институции на Советскиот Сојуз пред конечно да стигне на маса во Лубјанка, каде што КГБ требаше да го провери кандидатот.

„Постоеше посебен систем на различни состаноци на кои лицето требаше да потпише формулар во кој ветува дека нема да открива информации за животот во СССР, а исто така мораше да се запознае со одредени правила. Освен тоа, потенцијалниот турист поминуваше некаков вид испит. На пример, ако сака да отпатува во Источна Германија, мораше да го наведе името на претседателот на Германската комунистичка партија“, објаснува историчарот Игор Орлов во интервју.

Во пракса, процедурата за добивање дозвола за патување во странство беше толку обемна и комплицирана што отвараше простор за произволни одлуки и корупција. Оние кои имаа среќа да добијат дозвола од властите потоа мораа да го решат прашањето на парите.

Цени и готовина  

Иако цените варираа во зависност од дестинацијата, повеќето аранжмани за советските туристи чинеа најмалку 150 рубли, што за 50-100 рубли беше повеќе од просечната месечна плата во СССР во 1960-тите.

Геополитичката ситуација играше клучна улога кога стануваше збор за изборот на дестинации за советските туристи. Повеќето аранжмани ги водеа советските граѓани во Чехословачка, Источна Германија и Социјалистичка Република Романија.

Бугарија

Сé поголемената популарност на Бугарија како дестинација за одмор на советските туристи беше преточена во изреката: „Луѓето не се птици, Бугарија не е преку границата“.

Кубанската револуција им овозможи на советските граѓани и една поегзотична дестинација. Индија, и покрај тоа што не беше сојузничка земја и имаше неутрална позиција за време на Студената војна, сепак одржуваше добри односи со Советскиот Сојуз, обезбедувајќи уште една привлечна дестинација за одмор. Во текот на 1960-тите, повремено се организираа и тури за Финска, Италија, Северна Кореја, Јапонија, Алжир, Египет, Тунис, па дури и Мексико.

Куба

Меѓутоа, колку беше поегзотична дестинацијата, толку беше и поскапа. Додека патувањето во Бугарија чинеше околу 150 рубли, турата низ неколку земји во Европа или Африка достигнуваше дури 900 рубли, односно пет месечни примања за еден советски граѓанин од средната класа.

Иако компанијата или фабриката во која беше вработен туристот можеше да покрие дел од трошоците, оваа привилегија обично беше резервирана за луѓето со силни врски. Обичниот советски граѓанин мораше да штеди долго време за да може да си дозволи такво патување.

Постоеше и ограничување за локална валута што советските туристи можеа да ја купат пред да тргнат на пат. На пример, оние малубројни советски граѓани кои 1961 година ги посетија САД можеа да купат само 31,90 долари (или 2,30 долари по ден престој во земјата).

Бидејќи тоа не беше доволно за да се набават нешта кои во СССР беа дефицитарни, некои советски туристи со себе носеа фотоапарати или шишиња вотка со намера да ги продадат во странство и на тој начин да обезбедат дополнителни средства.

Стриптиз и љубовни авантури

Советските граѓани секогаш одеа во странство во организирани групи. Пред заминувањето се бираше лидер на групата врз основа на личниот углед и припадноста на партијата. Водачот на патувањето беше задолжен да го следи однесувањето на членовите на групата, да пријави евентуални инциденти и да го напише конечниот извештај по враќањето во татковината.

Освен тоа, советските туристички групи честопати беа придружувани од еден или двајца агенти на КГБ чија задача беше да се погрижат патувањето да помине без проблеми и да не фрли сенка врз угледот и интересите на СССР.

Понекогаш советските туристи во странство наидуваа на толку многу искушенија што им беше тешко да им одолеат, и покрај сите подготовки.

„... без моја дозвола како водач на патот, во слободно време П. и Х. заедно отидоа во стриптиз клуб, иако билетите за стриптиз се многу скапи, од 35 до 50 динари, се наведува во еден извештај.

Стриптиз клубови, нелегална трговија, барови, тепачки под дејство на алкохол и друго несоодветно однесување беа неразделен дел на советските патувања во странство. Меѓутоа, однесувањето кое наидуваше на најголема осуда беа љубовните авантури. Овие инциденти често предизвикуваа скандали и секогаш ќе се најдеа во финалниот извештај.

„Жените сочинуваат 80% од туристичките групи во Бугарија. Ќе пристигнеа, ќе се запознаеја со тамошните мажи и ќе исчезнеа преку цела ноќ. Тоа беше шок за водачот на групата, доколку девојките не се враќаа во хотелот неколку дена. А подоцна објаснуваа дека цела ноќ ја поминале „собирајќи школки на плажа“. Тоа беше толку зачестено што водачите на групите ги заклучуваа девојките и поставуваа стража пред вратата, само за да ги спречат девојките да не се искрадат некаде ноќе“, вели историчарот Игор Орлов.

Патувањата во странство беа со мака стекната привилегија за повеќето советски граѓани во текот на поголемиот дел од историјата на Советскиот Сојуз. Дури во 1991 година, по распадот на земјата, Русите беа слободни да патуваат во странство по своја волја.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња