Десет туристички дестинации во Русија што Русите најмногу ги сакаат!

Getty Images
Кога странец размислува за патување во Русија прво нешто што ќе му падне на ум е Москва, Транссибирската железница и други познати дестинации. А, што ќе помисли Русинот во таква ситуација? Што најмногу сакаат да видат граѓаните на Русија во својата огромна земја?

Домашниот туризам во Русија постојано се развива, иако има проблеми со инфраструктурата, со сферата на услуги и понекогаш мошне големи патни трошоци, особено кога станува збор за доста оддалечени дестинации. Некои Руси никогаш не биле во странство, но затоа на располагање им е најголемата земја на светот, па тие одморот често го минуваат на Црноморското приморје или на Кавкаските планини, или, пак, штедат пари за да ги посетат двете престолнини – Москва и Санкт Петербург.

1. Москва

Често се вели дека Москва и не е Русија. Сепак, Москва и понатаму е центарот на сето она што е поврзано за Русија и е најпопуларна дестинација во домашниот туризам. Посетата на главниот град во некоја рака е задолжителна за граѓаните на Русија од другите региони. На жителите на рускиот Далечен исток билетот до Москва им е поскап од оној за некоја соседна азиска земја, но посетата на Москва се доживува како своевиден аџилак.

Домашните туристи сакаат да прават селфи на Црвениот плоштад, го обожаваат трговскиот центар ГУМ, новиот парк Зарјадје и Третјаковската галерија, а во задолжителните објекти што треба да се посетат во Москва спаѓаат театар, циркус и зоолошка градина.

Според податоците што ги дава Рускиот сојуз на туристичката индустрија, во 2019 година Москва ја посетиле над 22 милиони туристи од целата земја. Тука се вброени и оние што се дојдени на спортски натпревари или на службено патување.

2. Краснодарски крај

„Ако на земјата постои рај, тогаш тоа е Краснодарскиот крај“ („Если есть на свете рай - это Краснодарский край“). Ова е позната руска изрека која во 2019 година ја потврдија околу 16 милиони домашни туристи. Навистина овој јужен регион е одлично место за летување. Излегува на две мориња – Црно и Азовско, има голем број летувалишта (Анапа, Геленџик, Новоросијск, Ејск и други), а најпопуларна дестинација е секако градот Сочи со околината.

Многу деца од цела Русија доаѓаат на ова место во летните кампови. Дечињата се враќаат дома со непроценливо искуство. Во Краснодарскиот крај постои сместување за сечиј џеб и забава за сечиј вкус. Климата е блага, така што доаѓањето назима е добра идеја, а краткото патување со воз на планините над Сочи ве водат во прекрасните ски-центри.

„Како студентка многу сакав да одам во нашиот камп на Московскиот државен универзитет. Од Сочи со воз до него се стасува за два часа“, вели Јулија од Москва. „Таму постои сè што е потребно: убава плажа, прекрасен поглед на Кавкаските планини, евтина и одлична локална храна. Се имаме запознаено со многумина од Краснодар кој не е на морскиот брег и затоа неговите жители секој викенд го минуваат во Сочи“.

3. Санкт Петербург

Овој град често се споредува со Венеција, со Амстердам и со други европски историски градови. И навистина, тој е специјално изграден како „прозорец кон Европа“ зашто императорот Петар Велики сакал Русија што повеќе да лични на европска земја.

Во 2019 година Санкт Петербург го имаат посетено 9 милиони туристи од цела Русија. „Кога човек ќе дојде во Санкт Петербург, му се чини дека таму има повеќе царски дворци одошто обични станбени згради. Невозможно да се заситите од убавината која таму го опкружува човека“, вели Саша од Москва, кој се обидува барем еден викенд годишно да го мине во северната престолнина.

Од Москва до Санкт Петербург може лесно да се дојде на многу начини и затоа практично никогаш нема проблеми со билетите (освен за време на големите меѓународни настани како што е годишниот Економски форум). Санкт Петербург е најчеста дестинација за дводневни или за тридневни ученички екскурзии. Ова е идеално место за историско и за културно воздигнување. Запознајте ги петте знаменитости кои задолжително треба да ги видите за време на првата посета на Санкт Петербург.

4. Крим

Крим за Русите отсекогаш било омилено летувалиште. Тука со задоволство престојувале Чехов и Толстој. Пријатната клима е идеална за лекување цела низа болести. Руските цареви тука имале свои резиденции кои подоцна се претворени со советски лекувалишта. На Крим се наоѓа и легендарниот пионерски камп „Артек“ кој сè уште е во функција. Во 2019 година Крим го посетиле околу 7 милиони граѓани на Русија.

Кримскиот полуостров има голем број летувалишта по должината на брегот. Еден од најпопуларните градови е Јалта, своевидна престолнина на јужната ривиера. Во Севастопољ можете да се одморите, но и да ја проучите древната историја зашто тука се наоѓа музејот на руини на грчката колонија Херсонес. Севастопољ е познат по воените и военоморските подвизи. Многу пати бил под опсада, секогаш успешно се борел и го бранел полуостровот.

Покрај големото приморско летувалиште, Крим има и планини. Најголемиот врв Ај Петри е одлично место за планинарење. Погледнете го нашиот видеоприлог за тоа.

5. Владивосток

Билетот до Владивосток може да ги чини московјаните исто колку „олинклузив“ патување во Турција (и многу жители на Русија навистина би ја избрале Турција, но привлечна е и самата помисла дека може да се замине на другиот крај од планетата и сè уште да се биде во Русија). А, таму главната атракција се природата и океанот. Владивосток во 2019 година го посетиле над 4 милиони руски туристи. Секоја година бројот на странските туристи мошне брзо расте.

„За разлика од бучната и пренаселена Москва, тука човек може да се опушти и да ужива во погледите на џиновските мостови на Владивосток и на оддалечените светилници. Ова е своевидна медитација, сосема поинакво доживување на светот што не опкружува“, вели фотографот Глеб, кој смета дека имал среќа што можел по работа да замине во Владивосток.

На рускиот Далечен исток граѓаните на Централна Русија особено ги привлекуваат плодовите од морето зашто тие дома обично немаат можност да ја пробаат црвената кралска краба, а тука тоа е вообичаена појава. Покрај тоа, во Владивосток има многу музеи, уметнички галерии и објекти кои се интересни за проучување.

6. Кавкаските минерални води

Станува збор за група градови во Ставропољскиот крај меѓи кои се Пјатигорск, Железноводск, Кисловодск, Есентуки и Минераљние Води (поголемиот број називи се поврзани со вода).

„Сакам да одам во Кисловодск, да пијам минерална вода и да уживам во Кавкаските планини“, раскажува Владимир и признава дека не чувствува потреба да посети „кое било место во странство“. Владимир има среќа што работата му овозможува пакет аранжман во Киловодск со попуст.

Треба да се каже дека кавкаските летувалишта не се евтини, но затоа тие нудат различни курсеви за лекување и специјални програми за пиење минерална вода. Оваа дестинација била популарна уште во 19 век, а тоа убаво го има опишано рускиот писател Михаил Лермонтов во романот „Херојот на нашето време“. Лермонтов е и убиен во двобој токму во Пјатигорск. Кавкаските летувалишта во 2019 година ги посетиле околу 2 милиони руски туристи.

7. Алтајски планини

Ова е едно од најубавите подрачја во Русија. До него, меѓутоа, не е лесно да се стаса, а инфраструктурата е слабо развиено. Оние што одат на таа страна треба да си понесат многу пари. Најдобро е таму да имате кола или да организирате пешачки походи. Туристичките агенции нудат и интересни јавачки тури по планините. Недостатокот на комфор и други неудобности ќе бидат заборавени кога ќе минете по Чујскиот автопат на Алтај – едно од најживописните магистрални сообраќајници во Русија.

„Ова е веројатно најубавото место што некогаш го имам посетено, и најнезаборавното и најекстремното искуство“, вели Кира од Кузњецк/Москва, кога во оваа далечина заминала со автомобил.

Освен тоа, Алтај е земја на будизмот и на шаманите, така што во текот на патувањето можете да видите номади во јурти и да слушнете песни што ги изведуваат кајчите, патувачки раскажувачи од Алтај кои низ песна раскажуваат приказни. Алтајските планини во 2019 години ги посетиле 2 милиони Руси.

8. Златниот прстен

Ова е туристичка маршрута и група древни градови оддалечени 200-300 километри од Москва. Секој од овие девет градови годишно ги посетуваат 300 до 500 илјади граѓани на Русија. Кога жител на голем град ќе посака да избега од метежот и да ја почувствува атмосферата на вистинската Русија, тој доаѓа тука. По должината на Златниот прстен ќе видите многу тврдини и манастири изградени во 11 и 12 век, златни куполи на храмовите, реката Волга, огромни езера, бескрајни полиња и густи шуми. На овие дестинации има впечатоци за сечиј вкус. 

Цените во овие градови се доста ниски и е прилично лесно да се стаса до нив. Локалните туристички друштва неодамна основаа низа глампинг хотели, за да привлечат повеќе туристи. Во ова сместување човек се чувствува дека е поблизок до природата, но истовремено не се одрекува од луксузот!

„Првото место каде што го однесов мојот сопруг кој е Италијанец кога дојдовме во Русија беше Москва, а по Москва Суздаљ. Сакав да го изненадам и да му ја покажам вистинската Русија, дрвени куќи со изрезбани прозорски окна. Беше воодушевен“, раскажува Алина која сега живее во Минхен. За жал, понекогаш не е едноставно да се резервира хотел во Суздаљ, особено за време на државните празници во Русија зашто многумина туристи сакаат да отседнат во овие прекрасни места.

Избор на редакцијата:

Следуваат две дестинации кои не се застапени на списокот на најпопуларни зашто се смета дека се скапи и дека до нив тешко се стасува. Сепак, и тие заслужуваат да се издвојат зашто Русите постојано сонуваат да заминат на овие места.

9. Бајкал

Ова место никогаш нема да биде на топ-листата на туристички дестинации. Но, ако прашате некој Русија каде би сакал да оди пред да почине, голема е веројатноста дека ќе каже: „На Бајкал“. Ова уникатно езеро има поставено многу рекорди по длабочината, по количеството вода, по животните и рибите што во него можат да се сретнат. Ова е татковина на шаманите и на неверојатно убавата природа.

Налето билетите до Бајкал се прилично скапи, додека назима се поевтини.

10. Камчатка

Далечниот полуостров на рускиот Далечен Исток е сон на сите љубители на природата и на адреналинот. Тоа е земја на гејзери, на вулкани и на широк спектар активности. Налето тука можете да се возите со кајак, да одите на пешачење, да ловите риба, да сурфате и да ги набљудувате мечките и китовите. Назима можете да се скијате и да се спуштате со сноуборд. И покрај тоа што не постои соодветна инфраструктура и што морате да изнајмите скап хеликоптер за да стасате до врвот, со ништо не можат да се искажат емоциите што го преполнуваат човекот додека се спушта по снегот во правец на океанот.

Владимир со пријателите има многу патувано по светот, но еве веќе неколку години по ред доаѓа на Камчатка еднаш или двапати годишно. „Скијањето на сноуборд на Камчатка е такво доживување и толку се разликува од сето она што го имам доживеано претходно што едноставно немам желба да одам на Алпите или на која било друга страна. Штедам пари цела година за повторно да се вратам таму, на крајот на светот“, вели Владимир.

Меѓутоа, заминувањето на Камчатка е мошне скапо задоволство! Морате да платите билети за авион да стасате до Камчатка, а потоа да платите изнајмување хеликоптер, чамец, теренско возило и цела опрема, а сето тоа чини цело богатство. Освен тоа и обичните производи таму се многу поскапи. Со други зборови, веднаш почнете да штедите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња