Детски одморалишта – сеќавања за цел живот

Пионерските организации повеќе не постојат, но детските одморалишта останаа, а во нив многу малку работи се изменети. Останаа и неформалните традиции. Извор: ИТАР-ТАСС.

Пионерските организации повеќе не постојат, но детските одморалишта останаа, а во нив многу малку работи се изменети. Останаа и неформалните традиции. Извор: ИТАР-ТАСС.

Детските одморалишта кои се појавија во СССР и кои до денешен ден постојат, во себе вклучуваат здрав одмор, полувојничка дисциплина и неформални традиции на практични шеги, кои се стари десетици години. За време на Советскиот Сојуз одморот во пионерско одморалиште на некој брег на топлото море беше главна награда за учениците. Тоа, всушност, беше и сложено и скапо, поголемиот дел од децата одеа во одморалиштата близу до нивните домови, во најблиската шума на брегот на некоја река. Доколку упростено би го опишале, детските одморалишта се места со активна забавна и закрепнувачка програма.

„Речиси секое лето ме испраќаа во пионерското одморалиште недалеку од Кисловодск, вели пензионерката Наталија. – Ако не отидев во детско одморалиште, не ни сметав дека летото постои. Со алпинистичката секција речиси секој ден одевме по планините. Не дека правевме некакви сериозни експедиции, но имаше мали искачувања. Во одморалиштето имаше строг распоред, но ние девојчињата сепак успевавме кришум да избегаме во градот. Секако потоа си го добивавме од раководителите на детското одморалиште. Казната беше останување во кампот, кога сите одеа на забава“. 

Пионерските организации повеќе не постојат, но детските одморалишта останаа, а во нив многу малку работи се изменети. Останаа и неформалните традиции. 

Првото што практично на сите што се одморале во детско одморалиште им паѓа на ум е пастата за заби. Ноќе сите ги мачкале со неа – тоа беше главната партизанска забава на децата. Момчињата се вовлекуваа во собата на девојчињата и им ги мачкаа лицата со паста за заби. И ова си имаше свој тертип. Пастата во тубата е ладно и доколку таа се истисне на лицето, „жртвата“ веднаш ќе се разбуди. Претходно тубата требаше да биде загреана со сопственото тело. Целиот тој процес се нарекуваше едноставно и лаконично – „мачкање“. „Денес ќе ги мачкаме девојчињата“, - се договараа момчињата, „Леле, девојчиња, нè мачкале денес“, велеа жртвите. 

Режимот во детските одморалишта беше воен. Сè си имаше свој ред: станување, појадок, ручек, забавна програма, вечера, легнување.

Летото се дели на три смени, секоја од нив е составена од по три недели. Во осумдесеттите години на територијата на Советскиот Сојуз имало повеќе од четириесет пионерски одморалишта, каде се одморале десет милиони ученици. 

„Пет години по ред одев во детски камп – вели студентката Викторија, - секој ден имаше некакви случувања. Или тоа беше игранка, или некакви тематски забави, на пример „Ден на Нептун“ или „Ден наопаку“, кога момчињата беа девојчиња, а девојчињата момчиња. Често си игравме карти или некои други игри, а оној што ќе изгубеше извршуваше некакви глупави задачи, на пример, требаше петнаесет пати да праша еден ист човек како да се дојде до тоалетот или половина ден да оди со некаква смешна табличка. Раководителите самите  го поддржуваа системот на игри и финти. Доколку не си ја кренеш постелата или не го направиш она што е побарано од тебе, тоа значи дека навечер ќе те намачкаат, ќе ти ги скријат папучите или нешто друго“. 

Во сите одморалишта постои заедничка традиција која се нарекува „Кралска ноќ“. Тоа е последната ноќ во смената. Тоа е време кога се посакуваат желби, децата се проштаваат со одморалиштето, а ако тоа се наоѓа на море, тогаш целиот ритуал е проштавање со морето. Помалите деца ги подлажуваат порано да си легнат. За тоа навечер децата ги носат по „патеката на желбите“ по што тие треба да молчат до утрото, инаку желбата нема да се оствари. Нормално, во целосна тишина тие бргу заспиваат. Постарите деца, пак, не спијат цела ноќ. Тие се гаѓаат со тоалетна хартија, си прават финти, ги задеваат оние што сепак заспале. Раководителите се обидуваат оваа баханалија да ја држат под контрола за да нема настрадани или налутени. 

„Се обидувавме колку што е можно повеќе да ги ангажираме децата, вели Иван, кој работел како раководител додека студирал на педагошкиот факултет. – Знаев дека не може да им се забрани да направат нешто, туку дека може само да се договориме. Јас имав среќа, во мојата група имаше деца од 12-13 години. Тоа е онаа возраст кога тие не се толку неразбрани како децата, а сè уште кај нив го нема оној тинејџерски бунт како кај постарите деца. Јас им велев да не ми прават проблеми кај началниците, а јас, ако има можност, ќе им дозволувам сè и ќе ги штитам од забелешките на раководството“. 

Детските одморалишта е исклучиво социјално претпријатие кое нема никакви заработки. Сега нив ги имаат само големите претпријатија, а исто така и државните министерства и организации. Многу претпријатија со текот на времето се откажуваат од ваквите детски одморалишта, зашто економски е поисплатливо да им се купи на децата на работниците аранжман во некое друго одморалиште, отколку цела година да се плаќа за големата територија и за вработените. Како и да е, сите деца што се одморале во пионерските одморалишта потоа си споменуваат за нив како еден од највпечатливите спомени од детството. 


Топ пет финти во пионерските одморалишта: 

1. Паста за заби 

Особено интересно се смета пастата за заби да се стави во дланката на оној што спие, а потоа со пердув да се скокотне носот или образот. „Жртвата“ самата сè ќе направи. 

2. Се спушта плафонот 

Над оној што спие убаво се растегнува чаршав, а потоа одеднаш го будат со извици: Станувај брзо, плафонот ни се спушта!“ 

3. Гирланда од облека 

Навечер сета облека што се наоѓа во собата се врзува во гирланда, која ја украсува просторијата. Наутро човек не може да се облече, сè дури не ја одврзе гирландата. 

4. Шуга 

Под чаршавот се ставаат остатоци од чај. Жртвата ќе се превртува и ќе се чеша цела ноќ. 

5. Изнесување надвор 

Доколку „жртвата“ спие цврсто, можете да ја изнесете во ходникот или во тоалетот сосе креветот. Ако ноќта е топла, може да се изнесе и надвор.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња