Зошто Петар Велики ги забранил камените куќи во Русија?

Russia Beyond (Photo: Валентин Серов/Третјаковска галерија; Public domain; Pixabay)
Во руската историја постоел период кога изградбата на куќи од камен била дозволена само во Санкт Петербург. Дали станува збор за апсурден хир или за вешта манипулација? Да видиме одблизу!

„Камените зданија тука [во Санкт Петербург] се градат мошне бавно зашто е тешко да се најдат ѕидари со камен и други уметници од овој вид, дури и ако добро се плати“, има напишано Петар Велики во указот од 1714 година. „Поради тоа секоја камена градба се забранува во целата држава во текот на неколку години и се забранува на секој, без разлика кој и да е, со закана за прогонство и за конфискација на имотот“. Кога се вели камена градба, Петар всушност имал предвид градби од тула.

Десет години по основањето на Санкт Петербург во градот сè уште немало доволно ѕидари, а самиот град всушност бил едно големо градилиште. Петар забранил ѕидање со „камен“ (а, всушност со тула), сметајќи дека ѕидарите од целата земја ќе се соберат во Санкт Петербург во потрага по работа. И тоа навистина се случило. Ова, меѓутоа, не била единствената мерка што ја презел Петар велики со цел Санкт Петербург да стане повеќе „камен“ град одошто „дрвенград“.

„Фатално градилиште“

План на Петербург, 1705 година

Санкт Петербург бил проект од кој зависела репутацијата на руската држава. Создавањето на современ европски град на пуст мочуриштен терен, на сливот на реката Нева, бил амбициозен потфат кој цела Европа го следела со стравопочит. Европските набљудувачи особено истакнувале дека оваа изградба има однесено многу човечки животи.

Францускиот амбасадор Жак де Кампредон, на пример, во 1723 година забележал дека во текот на изградбата на Санкт Петербург загинале над 150.000 луѓе, за во 1733 година Франсис Дашвуд, првиот британски турист во Русија да го удвои бројот на жртвите, додавајќи ги и работниците кои починале од глад и од болести. Меѓутоа, овие бројки не ја одразуваат вистинската состојба.

Петар на изградбата на Санкт Петербург.

Во Санкт Петербург од 1703 до 1704 година биле присутни два вида градители. Поголемиот дел од нив биле неквалификувани работници кои копале земја и пренесувале товар. Тоа биле селани, кметови кои ѝ припаѓаат на државата. Секоја година определен број луѓе по наредба на царот се упатувале во Санкт Петербург. Руската историчарка Екатерина Андреева вели дека во периодот од 1703 до 1712 година во Санкт Петербург биле испратени 190.000 неквалификувани работници од селата. Селаните добивале плата, им било обезбедено бесплатно лекување и не се задржувале долго во градот. Смената траела три месеци, по што се враќале дома.

Друг вид работници биле квалификуваните ѕидари, ковачи и дрводелци. Сите тие биле повикани во Санкт Петербург. Андреева ги проучила архивските податоци од 1704 до 1711 година и во нив се вели дека во Санкт Петербург се испратени помеѓу 13.000 и 140.000 квалификувани работници. Тие исто така добивале плата, со тоа што таа била повисока од плата на обичните работници.

Покрај тоа, евидентно е дека во тоа време во Санкт Петербург смртноста кај работниците не била поголема од просечната смртност на населението во целата земја. Стотици илјади работници не можеле да го изгубат животот во текот на подигнувањето на градот зашто таму немало толку луѓе. На градилиштата навистина се чувствувал недостиг од работници: „Најпотребни се ковачи зашто без нив некои градилишта стојат и не можат ниту да започнат со работа, а исто така се потребни и дрводелци“, има напишано еден петербуршки чиновник во 1705 година.

Подетално: „Град на коски кој ќе опусти“: 5 мита за Санкт Петербург

Недостиг од тули

Главниот проблем на „камената градба“ бил недостигот од тули. Во првите години од подигнувањето на градот туланите брзо го употребиле сето дрво од исечените шуми во близина на Санкт Петербург, а веќе во првата деценија од 18 век дрво се носело од другите региони, што го отежнувало целиот процес.

Рускиот историчар Сергеј Лупов пресметал дека во текот на првата деценија од 18 век во Санкт Петербург се произведувале во просек по 15 милиони тули годишно. Што било доволно да се изградат триесетина административни згради. Освен тоа, поголемиот дел од тулите се користеле за изградба на Петропавловската тврдина и на првобитниот Зимски дворец. Куќите сè уште биле од дрво. За да се заштедат тули новите згради се надоврзувале една на друга, со цел да имаат заеднички ѕид.

Чамци на Нева пред Петропавловската тврдина.

Петар Први во 1709 година им наредил на „министрите, на генералите и на благородниците“ во Санкт Петербург да ѕидаат куќи од тула. Судејќи според сè такви куќи имало малку, па во 1713 година е издаден уште еден указ со кој се задолжувале сите дворски чиновници во Санкт Петербург да живеат во сопствена куќа изградена од тули.

Почеток на изградбата на Петербург.

И на крајот, во 1714 година воведена е забрана за изградба на објекти од тула во цела Русија, со исклучок на Санкт Петербург. Меѓутоа, ова немало поголем ефект. Куќите на најблиските соработници на Петар на Петровскиот кеј во 1716-1717 година сè уште биле од дрво, со исклучок на вилата на Гаврило Головкин. Останатите дворјани допрва се „подготвувале“ да прават куќи од тула. И двата дворци, Летниот и Зимскиот, се направени од тула, како и неколку куќи на другиот брег на реката Фонтанка кои им припаѓале на благородниците и на членовите на царското семејство.

Обичните луѓе биле принудени своите куќи да ги градат на Василевскиот остров, далеку од Зимскиот дворец и од центарот на градот. И покрај тоа, уште во 1726 година биле зафатени помалку од половината расположливи плацови на островот. Забраната за изградба на куќи од тула во Русија била укината во 1741 година, но тогаш Санкт Петербург сè уште бил во голем дел „дрвенград“. Според статистиката, во 1798 година во градот на Нева од вкупно 6.072 објекти само 1.834 биле изѕидани од тула, а во 1833 година од вкупно 7.976 објекти биле изѕидани само 2.730. Петар Први имал многу амбициозни желби, но не можеле сите да се остварат толку лесно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња