5 идеи за еднодневен излет со автомобил надвор од Москва

Новоерусалимски манастир, Истра

Новоерусалимски манастир, Истра

Legion Media
За да патувате не мора да потрошите многу пари на скапи авионски билети или да се трускате со часови во вагон од трета класа. Недалеку од главниот град на Русија ќе најдете голем број интересни места.

1. Абрамцево и Сергиев Посад

Музеј Абрамцево

Благородничкиот имот „Абрамцево“ (на само 60 километри од Москва) задолжително треба да го посетат сите љубители на руското сликарство. Благодарение на индустријалецот Сава Мамонтов, овде се формирал уметнички кружок составен од најдобрите сликари и архитекти од крајот на XIX - почетокот на XX век. Сцените од овој имот се прикажани на сликите на толку голем број уметници што може да се каже дека секој Русин ги познава уште од детство. За „Девојчето со праски“ ќерката на сопственикот на имотот му позирала на Валентин Серов во трпезаријата. Василиј Поленов безброј пати го насликал езерото во Абрамцево, а Виктор Васнецов инспирацијата за пејзажот на сликата „Богатири“ ја нашол на овој имот. Сите овие уметници учествувале и во изградбата на црквата на имотот во стилот арт нуво.

Троице-Сергиева Лавра

Половина час возење од Абрамцево и веќе сте во Сергиев Посад, најправославното гратче во Русија. Тука можете да посетите голем број музеи, да прошетате по старите улички и да ручате во некој од рестораните на руската кујна. Но, се разбира, најважното нешто што треба да го видите овде е Троице-Сергиевата Лавра. Земете водич или сами истражете ги храмовите и музеите на овој манастир (на големите празници обичните туристи подобро да не ја посетуваат Лаврата, бидејќи има огромна гужва).

2. Коломна и Константиново

Коломна

Сто километри од Москва се наоѓа шармантниот трговски град Коломна. Тука се зачувани моќните ѕидини на средновековната тврдина и, се разбира, старите цркви и манастири. Шетајќи низ Коломна, задолжително пробајте ја традиционалната руска брза храна - калач. Овде се прави според оригинални рецепти (овде дознајте зошто не се јаде „дршчката“ на калачот). Друг специјалитет на Коломна е пастилата од јаболка, која исто така се прави на стар начин. Навратете до музејот на коломенската пастила, пробајте неколку видови и задолжително купете подарок за вашите пријатели - подобар сувенир нема да најдете.

Константиново

На уште половина час возење од Коломна е селото Константиново - родното место на поетот Сергеј Есенин. Кога ќе го видите погледот од прозорецот на неговата селска куќа, ќе сфатите зошто станал поет. Црквата со златни куполи, кривината на реката Ока и бескрајните руски пространства со златни полиња со 'рж и зелени дамки од шуми. Убавина! Во локалниот музеј ќе ја дознаете тајната на смртта на поетот и ќе го пронајдете одговорот на најважното прашање - дали се самоубил или имал „помошници“.

3. Серпухов и Поленово

Троицка црква

На час и половина возење од Москва се наоѓа уште едно старо гратче, во кој некогаш имало тврдина. Денеска од неа останале само фрагменти од ѕидините, како и Соборното брдо, на кој е зачувана Троицката црква, првично изградена во XVI век, но повторно изградена во XIX век во стилот на класицизмот. Во последните години центарот на Серпухов е значително променет, се појавија модерни градски простори, пешачки зони и пријатни ресторани за сечиј вкус.

Поленово

На 40 минути возење од Серпухово се наоѓа уште еден живописен стар имот - Поленово. Своето име му го должи на сопственикот, сликарот Василиј Поленов. Куќата е изградена на крајот на XIX век според негов сопствен дизајн и секој детаљ овде го носи белегот на раката на мајсторот: резбата, витражите, па дури и мебелот. На гости често му доаѓале познати сликари и писатели, а имал и цел домашен театар. Патем, низ прозорците на куќата во Поленово се пружа неверојатен поглед на реката Ока. До имотот можете да стигнете без автомобил: со бротче од градот Таруса (цената на билетот вклучува повратен билет, како и обиколка на куќата). Покрај тоа, можете да се прошетате и низ Таруса и да дознаете како овој град е поврзан со книжевниците Марина Цветаева и Константин Паустовски.

4. Можајск и Бородино

Бородинско поле

„Не го памети бадијала цела Русија денот на Бородино!“ – напишал Михаил Лермонтов уште во 1837 година. Битката кај Бородино од војната од 1812 година против Наполеоновата Франција сè уште ја „памти“ цела Русија, како и стиховите на Лермонтов. Затоа и ви предлагаме да поминете 100 километри за половина час по брзиот автопат за Минск и да се најдете на истото поле на кое се одиграла оваа решавачка битка. Еднаш годишно, на почетокот на септември, во Бородино се одржува масовна и импресивна реконструкција на битката. Доаѓаат многу луѓе, може да наидете на потешкотии со паркирањето, но овој настан вреди да се посети. И можете да дојдете во нормален ден, да го посетите музејот и едноставно да поминете некое време на местото од каде Кутузов ги надгледувал своите сили и го следел текот на битката.

Лужецки манастир

На враќање задолжително наминете во Можајск, град основан уште во XIII век! Во овој град, на прекрасниот ридски терен, некогаш имало тврдина, а денес од некогашниот сјај останале само капијата и Николската црква во готски стил. Друго популарно место во Можајск е Лужецкиот манастир на бреговите на реката Москва. Од таму можете да уживате во незаборавен поглед на околината!

Доколку ви преостанат енергија и време, на враќање застанете на стариот Можајски пат и посетете го имотот Захарово, каде што кај својата баба престојувал малиот Александар Пушкин, како и замокот на кнезовите Голицини во населбата Болшије Вјазоми, каде што, според легендата, ноќ по ноќ спиеле Михаил Кутузов, а потоа и самиот Наполеон во походот против Москва.

5. Нов Ерусалим

Нов Ерусалим

Сосема е реално со автомобил од Москва да пристигнете во Ерусалим! Имено, минијатурната верзија на светиот град се наоѓа во Московската област, во градот Истра, на околу 50 километри од главниот град. Главната знаменитост е, се разбира, Воскресенскиот Ново-Ерусалимски манастир од XVII век. Брегот на кој е изграден манастирот го добил името Сион, а реката Истра го променила името во Јордан. Главната црква е изградена по примерот на Храмот на Светиот гроб.

Историско-уметнички музеј

По посетата на манастирот, задолжително навратете во Историско-уметничкиот музеј на другиот брег на реката. Во него има постојана поставка на руска црковна и секуларна уметност, а исто така редовно е домаќин на големи изложби на познати уметници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња