10 ремек-дела на архитектурата aрт нуво во Русија

Куќата на Ливчак, Уљјановск, ул. Архитект Ливчак. Фотографија од слободни извори

Куќата на Ливчак, Уљјановск, ул. Архитект Ливчак. Фотографија од слободни извори

Згради од големата епоха можат да се најдат секаде - од Санкт Петербург и Москва до Владивосток.

Во целиот свет руската архитектура се асоцира во прв ред со конструктивизмот. Главните достигнувања во архитектурата на претходниот период, крајот на XIX – почетокот на XX век, го поврзуваат со францускиот и белгискиот арт нуво или виенската сецесија. Сепак и овде тој стил кој се нарекува модерен дал не помалку силни примери. „Руска реч на македонски„ одбра десет градби од големата епоха, изградени во разни краишта на Русија.

Куќата на Ливчак, Уљјановск, ул. Архитект Ливчак, бр. 4 

Оваа куќа во 1914 година архитектот Фјодор Ливчак ја изградил за своето семејство. Слободен во манифестирањето на фантазијата, тој проектирал сè, до деталите на ентериерот и мебелот. Архитектурата ги обединува цртите на европскиот арт нуво – големи прозорци во форма на потковица, испакнати држачи на тремот, керамички паноа, - и традиционални староруски елементи: фризот на нивото на прозорците на првиот кат ја претставува стилизираната Жар-птица од руските сказни. При изградбата Ливчак го испробал сопствениот пронајдок – огноотпорните шупливи блокови од бетон. Тој исто така конструирал машини за производство на блокови и изработил систем за ѕидање. Патентот за пронајдокот се обиделе да го откупат САД, но биле одбиени. Во декември оваа година, по реставрацијата, во куќата беше отворен музеј на архитектот. 

Дворецот на Рјабушински, Москва, ул. Малаја Никитскаја, бр, 6 


Извор: Lori / Legion Media

Еден од најдобрите примери на московската модерна. Куќата припаѓала на банкарот и основач на првата во Русија фабрика за автомобили Степан Рјабушински, а  ја изградил од  1900-1902 година најуспешниот архитект тие години Фјодор Шехтел. Градбата нема главна фасада – секоја на свој начин е експресивна, влезовите, балконите и прозорците се со неправилна форма, различни димензии и украсени ковани решетки со чуден модел. Како и европските архитекти, Шехтел црпел инспирација од светот на природата – однадвор зданието го опојасува мозаичен фриз со ириси, внатре на таванот се гледаат морски ѕвезди и полжави, каминот го краси жена-самовилско коњче, ходникот го осветлува ламба-медуза, а апотеоза на ентериерот се скалите од вештачки мермер во вид на каскаден бран. По револуцијата во куќата живеел советскиот писател Максим Горки, а сега таму е отворен неговиот меморијален музеј. 

Хотел „Метропол“, Москва, Театaрски премин, бр. 2


Извор: Виталиј Белоусов / РИА Новости

Современиците ја нарекувале градбата „манифест на новиот стил“. Почнал да го гради претприемачот и мецена Сава Мамонтов, но набрзо осиромашил и зградата испаднала поскромна од замисленото. Главен архитект бил Лав Кекушев кој изградил цели квартови во Москва во стилот на модерната. Брановидните краеви на фасадата со кулички- игли формира фасцинантна силуета со небото како позадина. Главната декорација на фасадата се керамичките паноа, произведени во фабриката на Мамонтов од најдобрите уметници на руската модерна: во центарот – „Принцезата Грјоза“ според цртежот на Михаил Врубељ (според сиже на драма од Едмон Ростан), отстрана – „Поклонение на божеството“, „Капење на Најадите“ и други паноа според нацртите на Александар Головин и Сергеј Чехонин. Скулптурниот фриз „Годишни времиња“ со полуголи женски фигури е направен од Николај Андреев. 

Зградата на компанијата „Сингер“, Санкт Петербург, Кеј на каналот Грибоедов, бр. 21 


Извор: Lori / Legion Media

Зградата е изградена во 1902-1904 година од американската компанија „Сингер“ за своето руско претставништво. Компанијата планирала да изгради 11-катна зграда во стилот на њујоршките облакодери, но во Петербург не се дозволувале градби повисоки од Зимскиот дворец (23,5 м) и проектот морал да биде коригиран. Впрочем, рускиот архитект Павел Сјузор, кој ја градел зградата, нашол елегантен излез од ситуацијата - 6 ката не ја надминуваат нормата за височина,  а кулата во воздухот со стаклен глобус на аголот создава чувство на устременост нагоре. Зградата била прв во Русија бизнис-центар со трговски и банкарски простор и со канцеларии кои се давале под наем. Архитектонскиот декор ги спојува цртите на еклектиката и модерната. Од минатото на зградата ѝ останала строгиот надворешен слој од гранит и бронзените девојки-валкири. Цртите на новиот стил се цветната шема од ковани балкони и решетки кои се повторуваат и во ентериерот. 

Дворецот на Молчанов и Савина, Санкт Петербург, ул. Литерати, бр. 17 


Фотографија од слободни извори

Дворецот е изграден од 1905-07 година по нарачка на познатата актерка во царските театри Марија Савина и нејзиниот сопруг Анатолиј Молчанов. Професијата на сопственичката се одразила и врз ентериерот – покрај обичните салони и собите за престој овде биле изградени соба за театарски костими и шминкерница; витражите што  се зачувани на скалите и во ходникот илустрираат литературни сижиња. Архитектот Михаил Гајслер градел многу во неокласичен стил, но овде се занел со модерната која во тоа време била во подем – фасадите се планирани максимално слободно, практично нема еднакви по форма и димензии прозорци, а гипс-орнаментот од растенија и цветови што се извива по ѕидот упатува на зградата на виенската сецесија.

Дворецот на Форостовски, Санкт Петербург, 4 линија на Василевскиот остров, бр. 9 


Фотографија од слободни извори

Една од првите градби во градот во стилот на Модерната. Рускиот архитект од германско потекло Карл Шмит ја изградил оваа градба во 1900-1901 година по нарачка на трговецот Павел Форостовски кој сакал да има во неа и простории за престој, и канцеларија, а подрумите да ги искористи како магацини. Во десниот, еднокатниот дел на зградата под стаклениот покрив се наоѓала зимската градина. Блискоста со француската и белгиската архитектура на арт нуво се чита од чудните цртежи на растенија врз релјефот од вештачки камен и витражите на прозорците, во комбинација со донесените од Европа светли ѕидни плочки и гранитот, од формите на прозорските рабови и лаковите. 

Банката и трговската фирма на Рукавишников, Нижни Новгород, ул. Рождественскаја, бр 23; Нижне-Волжски кеј, бр. 11 


Извор: Lori / Legion Media

Комплексот од две огромни згради се наоѓа на едно место, но со фасадите излегува на различни улици. Нарачателот - Сергеј Рукавишников – долго време бил прв човек на градот, затоа и не е чудно што за изградбата го повикал најскапиот и најмодерен архитект Фјодор Шехтел. Двете згради (изградени во 1908 година) се пример за „рационална“ модерна, популарна во индустриската и деловна архитектура. Фасадите се симетрични и строго „исцртани со линии“ по вертикали и хоризонтали. Омилената метода на Шехтел и другите мајстори на модерната е спојот на глазирани надворешни тули и гипсирани површини. Главниот елемент на декорот на банката се чудните листови од голема чичка, руската верзија на чичката, која ја обожавале претставниците на школата во Нанси. Острите рабови на покривот и тесните кулички на трговската фирма ја „парафразираат“ европската готика, но речиси постојаната глазура ја покажува новата епоха. 

Хотелот „Централ“, Краснодар, ул. Црвена, 58 


Извор: Lori / Legion Media

Хотелот „Централ“ кој постои на тоа место од средината на XIX век, го сметале за еден од најдобрите во градот и им припаѓал на богатите трговци, браќата Богарсукови. Во двокатната градба на првиот кат се наоѓале продавници, на вториот – хотелски соби. Во 1910 година по пожарот сопствениците го повикале за реконструкција архитектот Александар Козлов (во Москва бил помошник на Шехтел). Тој во целост ја задржал старата градба, ја зацврстил заради издржливост структурата од тули со челични греди,  надградил трет кат и смислил нов декор – псевдоготските кулички и лакови личат на куполите на црквите што стојат во близина и ѝ придаваат на градбата деликатна леснотија, низ сите катови се протегаат ленти од зелени глазирани плочки – упростен мотив од растителното и морското царство, омилен во Модерната. 

Железничка станица, г. Владивосток, ул. Алеутска, бр. 2 


Извор: Игор Михалев / РИА Новости

Во 1910 година, кога изградбата на Транссибирската железничка магистрала која ги спојува Москва и Петербург со Урал и Далечниот Исток се ближела кон крајот, на железничката станица во Владивосток решиле да ѝ дадат нов изглед сличен на Јарославската железничка станица во Москва, изградена од Фјодор Шехтел. Двете градби, проектирани од архитектот Платон Базилевски, претставуваат примероци на неорускиот стил, руска варијанта на модерната. Широките лакови, тесните прозорци-пушкарници, кулите и високите трапезовидни покриви, ниската основа на целата зграда е позајмена од кулите од XVII век, но суштински преосмислени. 

Куќата на Шаронов, Таганрог, ул. Фрунзе, бр. 80 


Фотографија од слободни извори

Уште една градба на Фјодор Шехтел надвор од Москва. Зданието во 1912 година го нарачал таганрогскиот големопоседник Евгениј Шаронов за ќерката Марија. Куќата ја персонифицира популарната на почетокот на ХХ век идеја за синтеза на сите уметности - архитектурата во псевдоруски стил (со кули и шлемовидна купола) ја дополнуваат керамичко пано – „Морска битка“ според нацртот на познатиот илустратор на сказни Виктор Васнецов и „Испловувањето на лаѓите“  - имитација на живописот на Николај Рјорих. Малите кули кај капијата се украсени со скулптурни маски на лавици – дело на истакнатиот сликар од руската модерна Михаил Врубељ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња