Петте најинтересни автомобилски туристички рути во Русија

Кабардино-Балкарија, Русија.

Кабардино-Балкарија, Русија.

Legion Media
На вашите тркала можете да посетите древни градови, тундра, море, планини...
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

1. Златен прстен

Суздаљ

Една од најпознатите туристички рути, која странците најмногу ја ценат, ја смисли новинарот Јуриј Бичков уште во 1960-тите. Тој дојде на идеја дека патувањето низ древните градови североисточно од Москва може да биде „кружно“. Така се појави „Златниот прстен“. Оригиналната рута опфаќа осум градови:

  • Сергиев Посад
  • Переслављ Залески
  • Ростов Велики
  • Јарослављ
  • Кострома
  • Иваново
  • Суздаљ
  • Владимир

Во секој од нив е зачуван историскиот центар, храмови од XII век и неверојатно автентичниот колорит на стара Русија.

Денес брендот „Златниот прстен на Русија“ е многу популарен и многу градови се стремат да станат дел од него и во исто време дел од главното културно наследство на централниот појас на европскиот дел на Русија. Меѓу нив треба да се истакнат Пљос, Рибинск, Калјазин, Муром и Мишкин. Како и да е, во десетици населби попатно ќе видите прекрасни храмови, музеи на народни занаети и, се разбира, одлични ресторани со руски специјалитети.

Овде дознајте повеќе за патувањата по Златниот прстен на Русија.

2. Карелија

Рускеала

За време на пандемијата и затворените граници, жителите на Русија повторно ја „открија“ убавината на карелиските езера, водопадите, карпите и северните иглолисни шуми. Ова место и сега е популарна дестинација за внатрешен туризам.

Патувањето можете да го започнете од Санкт Петербург, од каде со обиколување околу езерото Ладога  доаѓате до градот Сортавала. Поминете ја ноќта таму и рано наутро упатете се во природниот парк Рускеала за да уживате во необичната разновидност на природата на Карелија (и традиционалната кујна). (Запознајте се подетално со Рускеала овде).

После тоа, вреди да се продолжи патувањето до Петрозаводск, главниот град на републиката. Тоа е веќе на езерото Онега. Оттаму со брод или глисер можете да стигнете до познатиот остров Кижи, каде што се наоѓаат уникатните дрвени храмови од XVIII век. Таму можете да стигнете и со траект. (Можете да дојдете поблиску со автомобил и по заобиколен пат, но до островот дефинитивно мора некако да пловите). Од Петрозаводск до Санкт Петербург на враќање ви требаат околу 5 часа возење.

Овде дознајте повеќе за другите убави места во Карелија.

3. Руски Север

Териберка

Смелите љубители на патувањата можат директно од Карелија да се упатат подалеку на север. Андреј Артјухов, претседател на Караванинг лигата, кој ја има пропатувано цела Русија, советува да се избере една од двете рути, кои се многу убави и едукативни и во поглед на природата и на културното наследство.

Првата поминува низ цела Карелија и понатаму оди до полуостровот Кола и Мурманската област. „Од Мурманск до Заполарни ќе возите по најубавиот пат во нашата северна арктичка тундра“, вели Андреј. Тој советува и да се посети познатата Териберка, село на Белото Море, каде Андреј Звјагинцев го сними филмот „Левијатан“. Таа туристичка рута е кружна, па на враќање можете да ја видите Карелија од другата страна.

Другата рута води до Архангелск. „Тоа е веќе сосема поинаков север. Сè уште е арктичката зона, но тоа е веќе нашиот, руски Север“, објаснува Артјухов. Рутата минува низ старите градови Вологда, Витегра и Медвежјегорск. Патем ќе наидете на стари храмови и манастири, како и селски куќи со изрезбани украси на прозорските рамки и, се разбира, многу убава природа на рускиот север - четинарските шуми и езера.

4. Алтај

Република Алтај. Чуј-Ози, прифатена ознака на подрачјето на устието на реките Чуј и Катуњ. Се наоѓа 714 км од Чујскиот автопат.

Алтајските планини се „место на сила“, а „Чујскиот тракт“ е можеби најживописниот автопат во цела Русија. Патувањето можете да го започнете од сосема друг регион - од Новосибирск, град во срцето на Сибир. Ќе патувате речиси илјада километри до границата со Монголија. Попатно ќе наидете на големи градови - Барнаул (главниот град на Алтајскиот крај), прекрасниот Бијск и на крај Горно-Алтајск, главниот град на руската република Алтај.

Овој историски трговски пат се нарекува и „Сибирски пат на свилата“. Започнува во степата, продолжува по реката Об и планинската река Катуњ, потоа го сече планинскиот срт Чергински и води директно до планините Алтај.

Овде подетално запознајте се со Чујскиот автопат - сибирскиот Пат на свилата.

5. На море!

Балаклава, Крим.

Илјадници „автомобилски каравани“ секое лето се движат кон југ, каде граѓаните на Русија уживаат во сонцето и топлото море (главно во Црното, но и во Азовското и Каспиското). Страсните љубители на патувањата веќе ја знаат секоја педа од овој пат, но првото патување на југ остава неизбришливи впечатоци. Додека возите, пејзажите постојано се менуваат. Наидувате на реки, шуми, степи, полиња со 'рж и плантажи со сончоглед.

А потоа, кога ќе стигнете до црноморскиот брег, можете да свртите кон Сочи и Кавказ, или на спротивната страна, кон полуостровот Таман, а потоа преку новиот мост кон Крим. Серпентините долж јужниот брег им гарантираат на туристите неверојатни глетки и поглед на планински и морски пејзажи, како и на царски замоци и вили на руски сликари и писатели.

Прочитајте овде повеќе за тоа што можете да видите на патот од Москва до морето (на пример, имотот на Лав Толстој!), како и за најпознатите места на Крим што треба да ги посетите.

Како да се подготвите за патување со автомобил низ Русија?

Кампување во близина на селото Оленевка во текот на фестивалот „Крым-eXstreme“.

Патувањето низ Русија со автомобил со или без камп-приколка е безбедно и удобно, како што истакнуваат многубројни странски туристи од Германија, Франција, Словачка, Словенија и балтичките земји кои ја посетиле Русија пред пандемијата. „Имаме пријатели, туристи од Германија, кои веќе 10 години патуваат по Русија со својата камп-приколка и никогаш немале никакви проблеми“, вели Андреј Артјухов. Според него, места за одмор за кампување може да се најдат апсолутно насекаде, а уште повеќе куќи за гости за љубителите на автомобилскиот туризам. И секоја година се зголемува бројот на кампинг локации и уредени паркинзи.

Секој што патува низ Русија со автомобил треба однапред да го испланира своето патување, особено одмарањето и полнењето гориво, бидејќи растојанијата се долги и бензинските пумпи можат да бидат доста далеку една од друга. „Треба да се погрижите резервоарот да ви биде полн барем до половина. Со други зборови, по три часа возење, што е околу 250 километри, треба да застанете, да се одморите и да наполните гориво“, советува Андреј Артјухов.

Ленинградска област, Русија, јуни 2022. Фестивал на мобилни куќички во четинарска шума. Камп за шатори и автомобили.

Андреј познава многу туристи и љубители на кампување и караванинг кои не престанаа да патуваат по Русија дури и за време на сите ограничувања. А сега, особено откако е отворена копнената граница на Русија и се укинати сите бариери поврзани со ковидот, има уште такви кои планираат да дојдат со автомобил, меѓу другото, и за да ги посетат Црното море и Кавказ. „Со оглед на економската ситуација во Европа, има многу туристи кои се заинтересирани да дојдат на летување на Црното море, а не на пример на Јадранското крајбрежје во Хрватска. За жителите на балтичките земји, на пример, километражата е иста“, вели Артјухов.

Најпопуларните тури меѓу странците се токму Златниот прстен и северозападот на Русија. Пред пандемијата поборниците за автомобилски туризам од странство одеа и на подолги патувања, т.е. во своевидна експедиција. „Сега привремено паузираат, но имавме и редовни трансконтинентални рути, преку цела Русија до Кина, а потоа назад преку Монголија и Централна Азија“, вели Андреј.

Од 4 до 7 август 2022 година во Москва ќе се одржи рускиот туристички форум „Патувај“, на кој ќе учествува и специјалниот проект на порталот Russia Beyond „Русија: 85 авантури“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња