Коломенската пастила е еден од традиционалните локални видови на руски пастили кој се подготвува од XV век. Името всушност го означува нејзиното географско потекло: Коломна е град оддалечен стотина километри југоисточно од Москва.
Традиционално за подготовка на коломенската пастила се користат кисели сорти на јаболка: „Антоновка“ и денес заборавената „Горска зеленка“. Медот бил задолжен за засладување, но од XIX е заменет со шеќер.
Производството на природна пастила од јаболка во Коломна, Бељов и Ржев е заборавено по револуцијата во 1917 година, па така вкусот на вистинската руска пастила, која повеќе потсетува на бисквит со нежен вкус на овошје, долго време беше речиси заборавен. Во советско време беше смислен нов вид пастила во вид на мали бели плочки (по вкус слични на францускиот зефир, односно целувка). Се правеа од голема количина белки со шеќер.
Класичниот вкус на руската пастила од јаболка или бобинки се врати во Коломна на почетокот на XXI век. Денес коломенската пастила се продава главно во овој град и привлекува голем број туристи кои сакаат да дознаат повеќе за историјата на оваа слатка, како и да пробаат различни видови пастили.
Само неколку зборови за разликата меѓу коломенската и бељовската пастила. Коломенскиот десерт содржи повеќе белки, што го прави полесен. Покрај тоа, има повеќе јаболка и помалку шеќер.
Денеска подготвуваме многу ароматична руска пастила, богата со јаболко и умерено слатка, како што се подготвува во Коломна. Што се однесува до технологијата на подготовка, можеме да кажеме дека не е толку комплицирано како што изгледа на прв поглед, но процесот на подготовка е долг и трае околу седум часа!
Состојки за 4 порции:
Јаболка - 800 г
Шеќер - 170 г
Шеќер во прав - 3 супени лажици
Белка од јајце - 1 парче.
Подготовка:
1. Најпрвин подготвуваме пире од јаболка. За тоа е потребно да се испечат свежи јаболка во рерна. Печете ги јаболката околу 30 минути на 180°C. Проверете дали јаболката се готови така што ќе ги прободете со виљушка. Внатрешноста треба да биде многу мека.
2. Додека јаболката се уште се врели, треба да ја одвоите внатрешноста од кората.
3. Со помош на блендер направете ја масата во мазно пире. Измерете точно 500 г.
4. Додајте 170 грама кристал шеќер во пирето од јаболка додека е уште топло.
5. Промешајте и оставете додека целосно да се излади. Масата можете да ја мешате неколку минути за шеќерот побрзо да се стопи.
6. Кога пирето од јаболкото ќе се олади, ставете го во голема чинија и додадете една белка. Додека ја мешате со миксер, масата значително ќе се зголеми, па садот во кој мешате треба да биде доволно голем.
7. Матете го пирето со белката на максимална брзина 5 до 7 минути, а можеби и подолго. Најважно е да се добие снежно-бела воздушеста маса која треба да биде прилично густа.
8. Сега оваа воздушеста маса од јаболко треба да се исуши. За ова ви се потребни плех, да речеме, со димензии 20x30 сантиметри. Но, ако земете помал, кората ќе ви биде подебела (сепак, не треба да биде подебела од 3 сантиметри).
9. Во плехот се става хартијата за печење, се додава белиот крем и се израмнува. Оставете околу 1 чаша од масата за подоцна за премачкување. Можете да ка оставите во фрижидер.
10. Пирето од јаболка се суши во малку отворена рерна на 100 степени 3-4 часа. Масата малку ќе потемни и малку ќе се спушти. Освен тоа, нема да се лепи на прстите.
11. Готовата пастила од јаболка свртете ја на друго парче хартија за печење. За да ја отстраните хартијата што се залепила на пастилата, само малку навлажнете ја и почекајте пет минути. Потоа можете лесно да ја отстраните. Во спротивно ќе ја оштетите пастилата.
12. Исечете ја кората со остар нож на три еднакви дела.
13. Сега ви е потребен делот од пирето што го оставивте во фрижидер. Со преостанатата маса премачкајте три парчиња пастила од сите страни.
14. Потоа оваа слатка исушете ја во топла рерна (на температура која не треба да надминува 100°C) околу час до час и половина, за повеќе да не се лепи.
15. Кога пастилата е целосно изладена, завиткајте ја во шеќер во прав. Пријатно!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче