Како настанува звукот на „пукање од ласер“ на мразот на Бајкалското езеро? (ВИДЕО + ФОТО)

Getty Images
Овие вселенски звуци на најдлабокото езеро на планетата тешко е да се уловат со микрофон и да се снимат, но на некои тоа им успеало. Овој звук потсетува на интергалактичка стрелба од „Војна на ѕвездите“!

„Навистина мислев дека некој вметнал евтини научно-фантастични звучни ефекти... уау“.

Ова е најчестиот коментар што се појавува кога некаде на интернет ќе се појави снимка „Пукање на бајкалскиот мраз“. Најдлабокото езеро во светот произведува навистина вознемирувачки звуци додека се покрива со мраз, но тие немаат никаква врска со звуците на пукање на мразот.

„Мислев дека е навистина чудно луѓето да ги коментираат овие звуци кога тие се очигледно лажни. Lolol Немав поим дека тоа е реален звук на пукање на мразот!“ - пишува еден од корисниците на „Редит“.

Самите слушнете. Навистина повеќе потсетува на звуци на ласер отколку на пукање на мраз под нозете:

Оваа снимка ја направи локалниот фотограф Алексеј Колганов. Во февруари оваа година тој се прошета преку ледената покривка на мали скии и сними како пука мразот под неговите нозе (да, глетката е прилично вознемирувачка!). „Обичен турист, кој првпат ќе го здогледа бајкалскиот мраз, се плаши токму од тоа: од длабочината под проѕирната ледена покривка и неочекуваниот, вселенски звук на мразот. А на оваа снимка се гледаат и пукнатини“, запиша тогаш Колганов.

Тој за Siberian Times објасни дека ја забавил снимката и ги појачал звуците, бидејќи е тешко да се улови тој карактеристичен звук со микрофонот на камерата.

Но, затоа на кристално мазната површина на мразот одлично се гледаат долгите пукнатини и чистата вода под леденото стакло: ова е најчистото слатководно езеро на светот и затоа толку се проѕира низ ледената површина. Калганов објаснува дека мразот по кој одел бил дебел околу половина метар и дека појавата на пукнатини затоа не е толку страшна.

Многу експерти доаѓаат тука во текот на зимата за да го видат бајкалското чудо: неколку десетици видови мраз, од вертикални белузлави пукнатини до остри ледени гребени и голем број замрзнати меури.

А сега се враќаме на темата за вселенскиот звук што изгледа толку нереално. Називот на овој физички феномен е акустична дисперзија. Звукот, кој потсетува на пукање од ласерско оружје, настанува кога некои фреквенции на звук поминуваат низ средината побрзо од другите. Кога звукот минува низ воздухот, неговите фреквенции обично се движат со иста брзина и во исто време стигнуваат до човечкото уво. Но, низ цврста средина звучниот бран поминува поинаку: високите и ниските фреквенции се одвојуваат. Затоа високите и ниските тонови се слушаат одвоено. Тоа е акустична дисперзија.

Мразот има својство да се шири и да се собира, поради што доаѓа до пукање, при што настануваат вибрации (на ова влијае и сеизмичката активност). Оваа вибрација нерамномерно минува низ мразот и така се слуша необично „пиу-пиу“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња