Десетте главни станици на Транссибирската железница

Legion Media
Многу луѓе сонуваат да патуваат по најдолгата железничка рута во светот, но да се помине речиси седум дена размислувајќи само за меланхоличните пејзажи и за тајгата низ прозорецот не е многу лесно. Направивме листа на најфасцинантните градови каде запира возот и каде може да се симнете и да не зажалите. И потоа вратете се на патувањето.

Трансибирската железница е долга над 9.200 километри. Од Москва до Владивосток, таа поврзува многу големи градови на Урал, на Сибир и на Далечниот Исток. Додека патувате по неа, можете да ја видите практично цела Русија. И уште еден бонус - билетот е таков што можете да се симнете на која било станица, а потоа да се вратите бесплатно ако има слободни места.

1. Јарослављ

Возот од Москва тргнува од железничката станица Јарослављ, а овој славен град е една од првите станици на вашиот пат. Древниот град го основал принцот Јарослав Мудриот во 1010 година.

Јарослављ е неофицијален главен град на познатата туристичка рута „Златен прстен“, преполна со стотици православни цркви и манастири. Задолжително треба да го посетите музејот-резерват Јарослављ зад масивните ѕидови на поранешниот манастир Преображение на Спасителот. Влезете во централната црква и видете го живиот грб на Јарослављ - мечката Маша.

2. Перм

Перм е и голем индустриски град и културен центар на Урал. Има познат оперски и балетски театар и голем драмски театар со неочекуваното име „Театар“. Исто така, има сопствен (реткост за Русија) музеј за современа уметност, наречен PERMM, отворен во 2009 година во зградата на поранешната железничка станица „Речна“.

Додека сте тука, мора да се возите со брод по реката Кама и да се сликате на шеталиштето пред градската визит-карта - големиот уметнички објект на Борис Матросов „Среќата не е далеку“ (Счастье не за горами).

3. Екатеринбург

Овој индустриски град со милиони жители е главен град на Урал и роден град на првиот претседател на Русија, Борис Елцин.

Дефинитивно треба да го посетите архитектонскиот споменик „Градот на чекистите“ (Городок Чекистов) - населба со станбени згради и студентски домови, изградени во дваесеттите и во триесеттите години од минатиот век во стилот на конструктивизам. Наменет е за раководството на НКВД (оттука и неговото неофицијално име).

4. Тјумењ

Тјумењ може да се нарече нафтен центар на Русија. Во исто време, градот постојано беше прогласуван како најудобен за живеење во земјата. Тука мора да прошетате по кејот на реката Тура, да се прошетате по атракциите во Градскиот парк за култура и рекреација и да ги видите Свети Троицкиот манастир и Занемската катедралата, изградени во необичен стил на „сибирски барок“. Патем, во Тјумењ има многу напреден универзитет, каде што учат и предаваат многу странци.

На два часа возење од Тјумењ (за жал, не на трасата на Трансибирската железница) е древниот град Тобољск, кој во XVII-XVIII век служел како упориште за освојување на Сибир. Тука има дури и камена тврдина!

Прочитајте исто така: 5 причини за странските студенти да се запишат на Тјумењскиот државен универзитет

5. Омск

Омск е познат низ целиот свет по фактот што Фјодор Достоевски во него поминал четири години во прогонство. Во негова чест беше отворен градски литературен музеј, каде што се изучува наследството на сибирските писатели. Омск исто така има уникатно метро – најкраткото на светот. Има само една станица во него.

Задолжително одете на натпревар од Континенталната хокеарска лига: локалниот тим „Авангард“ е еден од најсилните клубови во земјата.

6. Новосибирск

Новосибирск се смета за главен град на... Погодете на што! Така е – на Сибир. Градот е основан во 19 век како точка на патот кон Трансибирската железница во изградба. И уште порано од самиот град, тука бил изграден мост преку реката Об, кој е прикажан на грбот на Новосибирск.

Денес Новосибирск е милионски град со многу забава – од музеи и театри до голема зоолошка градина и циркус. Дефинитивно вреди да се посети црквата Александар Невски – првата камена зграда во градот.

7. Краснојарск

Во Краснојарск можете да ја почувствувате целата моќ на Сибир - долги булевари, огромни простори и големата река Енисеј. Патем, знаменитостите на градот се прикажани на банкнота од 10 рубли.

Тука вреди да се посети локалниот историски музеј, како и музејскиот центар „Плоштад Мира“, каде современата уметност со бизарни слики коегзистира со дела од советската ера. Помеѓу двете згради на музејот можете да шетате по крајбрежната улица на реката Енисеј и да се восхитувате на мостовите преку реката.

8. Иркутск

Тука веќе сте на средината на патот и стасавте до градот каде што се прогонети познатите Декабристи, кои учествуваа во востанието против автократијата во 1825 година на Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург. Во градот им е посветен историски меморијален музеј.

Но, се разбира, главната атракција што ги тера луѓето да го посетат Иркутск е Бајкалското Езеро, чија најблиска крајбрежна точка е еден час возење од градот.

9. Улан Уде

Ако немате време да стигнете до Бајкалското Езеро, не грижете се – дефинитивно ќе го видите низ прозорецот од возот – железничката линија помеѓу Иркутск и Улан Уде се протега покрај брегот на езерото, правејќи 2 минутни запирања од време на време.

Ако се симнете од возот во главниот град на Бурјатија, најверојатно ќе ја доживеете вашата најневообичаена авантура во Русија. Оваа област на границата со Монголија е позната по своите древни будистички традиции. Недалеку од градот се наоѓа важниот будистички центар во Русија - Иволгинскиот дацан. Во Улан Уде, дури и Православниот Одигитриевски собор повеќе личи на будистичка ступа.

10. Хабаровск

Само уште околу 14 часа и веќе сте во Владивосток! Дотогаш – добредојдовте во главниот град на Хабаровскиот крај и во рускиот Далечен Исток. Градот се наоѓа на реката Амур, недалеку од границата со Кина. Мостот од три километри се протега преку реката, која луѓето ја нарекуваат „Амурско чудо“.

Прочитајте исто така: Десет најголеми пристанишни градови во Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња