Седум градови на Русија со зачуван историски центар (ФОТОГРАФИИ)

Legion Media
Во бројните војни на територијата на Русија во текот на нејзината историја многу градови биле сериозно оштетени или дури и изгорени. Сепак, постојат места, иако ретки, каде што можете да ја доживеете атмосферата на одамна минатото време.

1. Санкт Петербург

Москва многу пати е преуредувана и сè уште се менува, додека центарот на северната престолнина е вистински дијамант кој остана речиси недопрен уште од царско време. Многу дворци во градот се изградени во 18 и 19 век, а главната улица „Невски проспект“ сè уште изгледа како на почетокот на 1900-тите. Кејовите на реките и каналите се сведоци на историјата, па дури и „железните шарки на оградите“ што ги опеа Александар Пушкин во поемата „Бронзениот коњаник“, останаа недопрени.

2. Суздаљ, Владимирска област

Суздаљ е една од најпопуларните туристички дестинации. Тоа е бисер на Златниот прстен на Русија. Всушност, целата оваа туристичка рута се состои од древни градови со стари центри. Суздаљ е град со многу пријатна атмосфера во руски дух. Полн е со мали дрвени куќи, цркви, манастири и ресторани со традиционална кујна (често и со извесна модерна нијанса). Веројатно најчудната појава во овој град е плоштадот од советско време и споменикот на Владимир Ленин (такви споменици во тбурниот 20 век беа подигани на сите страни во СССР).

3. Јарослављ

Ова е прилично голем стар град на Златниот прстен на Русија. Сведок е на многу историски настани, а во 2010 година одбележа илјада години постоење. Целиот историски центар на Јарослављ се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО како пример за планирање и изградба на градовите во времето на Екатерина Велика. Централната градба потсетува на лепеза со полукружен плоштад и Храмот „Св. Илија“ во центарот, со неколку долги прави улици кои почнуваат од тој центар и се протегаат на сите страни како зраци.

4. Елец, Липецка област

Елец. Црква и прифатилиште.

Градот во Липецката област е основан 1146 година, една година пред основањето на Москва. Некогаш ова бил богат трговски град со многу стари згради од црвена тула. Овој мал бајковит град не е важен економски центар денес, но сепак е и понатаму познат по својата елецка тантела и прекрасните резбарени прозорски окна на дрвените куќи.

 5. Тоболск, Тјумењска област

Во 16 и 17 век Тоболск бил најисточната истурена позиција на Русија. Граден е како упориште за развој на Сибир и третиран како сибирска престолнина. Тоа бил важен центар на трговија меѓу Азија и Москва. Главната знаменитост на градот е неговиот историски центар и тврдината (кремљ). Тоболскиот кремљ е изграден во 17 век и тоа е единствената камена тврдина изградена во Сибир. Веднаш до него се наоѓа затвор во кој лежеле многу прогонети.

6. Коломна, Московска област

Овој стар град со пријатна атмосфера се наоѓа во близина на Москва. Како и многу руски градови, има мноштво манастири и цркви. Вистински бисер на Коломна е нејзиниот величествен кремљ од црвена тула со масивни бедеми. Овде не владее вообичаената тивка музејска атмосфера, ова место е полно со живот како и во времето на царските трговци. Сè уште има продавница каде што можете да купите староруска „брза храна“, таканаречениот „калач“ (вид вкусен бел леб, чија форма наликува на „руско ѕвоно“, односно вид на тег за вежбање).

7. Казањ

Денешниот главен град на руската Република Татарстан на времето е освоен од рускиот цар Иван Грозни. Во овој уникатен град се простираат артефакти од руското средновековие и муслиманскиот свет. Внатре во Казањскиот кремљ стои православниот соборен храм „Благовештение“. Во негова близина неодамна беше изградена џамијата Кул-Шариф, „реинкарнација“ на легендарната џамија што Русите ја срушиле во 16 век.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња