Десет најголеми пристанишни градови во Русија

Legion Media
Русија има 67 поморски пристаништа на 12 мориња, од Црно и Балтичко море до Тихиот и Северен леден океан. Во транспортот на најважните меѓу нив огромен удел имаат руска нафта, јаглен и друга стока!

Новоросијск

Се наоѓа во Новоросијскиот залив на Црното море кое не замрзнува. Градот неколку векови бил во состав на турската Османлиска Империја, но по Руско-турската војна од 1829 година му припаднал на Русија според мировниот договор. Тоа е најголемо пристаниште во Русија со стоковен промет од повеќе од 140 милиони тони годишно. Тука се наоѓа и базата на Воената морнарица на Русија.

Санкт Петербург

Првото пристаниште потекнува од 1703 година кога е и основан градот. Меѓутоа, во близина на Петербург Финскиот залив имал тесен извиен брег што со текот на времето почнало да го отежнува минувањето на големите трговски бродови. Поради тоа во втората половина од 19 век бил изграден Морскиот канал кој овозможил отворање на ново пристаниште. „Големото пристаниште на Санкт Петербург“ се протега по должина на брегот 31 километар и има околу 200 пристаништа.

Владивосток

Едно од најголемите далекоисточни пристаништа и главна база на Пацифичката флота на Русија. Градот е основан во 1860 година токму како пристаниште, а неговото име значи „да се владее со Истокот“. Кон крајот на 19 век тука масовно почнале да се доселуваат луѓе од целата Руска империја, па градот станал крајно одредиште на Транссибирската железница. Во советско време градот со своето скромно затворено пристаниште не било во сферата на интерес на власта. Меѓутоа, од деведесеттите години од минатиот век дозволен е влез на странци, а по самитот на Азиско-пацифичката економска соработка од 2012 година целосно се трансформираше. Денес ова е и зона на слободна трговија.

Находка

„Ова е откритие“ (на руски находка), извикал според легендата еден од морнарите летото 1859 година кога корветата „Америка“ се приближила кон непознатиот залив. Новата точка на картата така го добила името Находка. Прво тука имало село, но во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век затворениците од ГУЛАГот изградиле пристаниште и изникнал град. Денес ова е трето според големината населено место во Приморскиот крај на рускиот Далечен исток, по Владивосток и Усуријск.

Петропавловск Камчатски

Населбата во Петропавловск е основана уште кон крајот на 17 век кога овие далечни краишта и биле откриени. Во 19 век тука почнало да се појавува пристаниште, за што е заслужен фактот што морето во Авчинскиот залив не замрзнувало. За време на Втората светска војна изградено е големо ново пристаниште кое се ширеше во текот на целиот дваесетти век. Петропавловското пристаниште интензивно се развива и денес зашто претставува важна точка на Северниот морски пат, најкусата рута од европскиот дел на Русија до Далечниот исток.

Мурманск

Во најголемиот град зад поларникот на светот се наоѓа најважното северно пристаниште кое не замрзнува. Изградено е во 1915 година во времето на Првата светска војна, а потоа тука бил основан град. Во советско време Мурманск интензивно се развивал, а пристаништето служело за снабдување и за ремонт на бродовите на Северната флота. За време на Втората светска војна градот бил изложен на воздушни напади и бил разурнат, но нацистичката војска не успеала да го заземе по копнен пат. Пристаништето во Мурманск денес не го губи своето значење, претставувајќи база за развој на Арктикот и како упориште на руската флота на мразокршачи на нуклеарен погон.

Сочи

Зградата на поморското пристаниште во Сочи е подигната во стилот на сталинистичкиот ампир во 1955 година. Пристаништето е прекрасно ориентирано на патнички превоз, а не на трговско-индустриска дејност. На танкерите за превоз на нафта им е забранет влез во пристаништето, но затоа големите крузери сообраќаат со сите сили. Руското присуство на овој брег датира од првата половина на 19 век кога се појавила првата тврдина, а веќе во 1909 година Сочи станал главно одморалиште на црноморското приморје на Кавказ.

Калининград

Овој град до 1945 година се нарекувал Кенизберг и бил престолнина на Источна Прусија. Првото трговско пристаниште било основано уште во 14 век. По Втората светска војна северниот дел на оваа покраина и самиот град му припаднале на СССР. Пристаништето за време на војната било сериозно разурнато, па советската власт го изградила новиот Калининград, најзападното пристаниште на Русија и единственото пристаниште на руското крајбрежје на Блатичкото море кое не замрзнува. Пред сè, пристаништето во Калининград е насочено кон давање услуги во доменот на комерцијален промет на стока и на индустријата за преработка на риба која тука се појавила дури во СССР.

Махачкала

Главен град на република Дагестан, најголемиот град на рускиот северен Кавказ и притоа единственото руско пристаниште во Каспиското езеро кое не замрзнува. Пристаништето е изградено во втората половина на 19 век, тука има големо пристаниште за неспакуван товар, како и железнички траект и современо високотехнолошко нафтено пристаниште. Во Махачкала се наоѓа и една од базите на Касписката флотила на Воената морнарица на Русија.

Севастопољ

Современиот Севастопољ е основан по указ на Екатерина Втора во 1783 година, веднаш по присоединувањето на Крим кон Руската Империја. Севастопољ станал главно црноморско пристаниште на Империјата уште на почетокот на 19 век. Во овој град со воена слава кој многу пати има учествувано во разни војни и денес се наоѓа главната воено-поморска база на Црноморската флота на Русија. Освен воената база во Севастопољскиот залив, кој не замрзнува, има и големо индустриско пристаниште кое се занимава со превоз на риба, нафта, метал и на други производи од широк спектар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња