Олег Тинков, рускиот милијардер кому му припаѓа „Тинкофф Банк“, соопшти на времето во интервју за магазинот „Форбс“ дека планира да направи јахта-мразокршач.
„Сакам да направам мразокршач и да пловам на Северниот пол, на Антарктикот и Арктикот, по Северниот морски пат да ги обиколам Камчатка, Чукотка и Курилите“, рече тогаш Тинков.
А во март 2020 година соопшти дека боледува од леукемија, за во јуни истата година да изјави дека го преболел коронавирусот. И покрај болеста, изградбата на приватниот мразокршач заврши. Траеше две години и чинеше повеќе од 2,4 милијарди долари, соопшти порталот Yacht Harbour повикувајќи се на „Форбс“.
Како што наведува Yacht Harbour, јахтата на Олег Тинков La Datcha е спуштена во вода во пристанишниот град Влисинген во Холандија. Пловилото го направи компанијата Damen Yachting.
Овој приватен мразокршач крши мраз со дебелина 30-40 см и може да помине 40 дена на отворено море.
Јахтата има две џакузи кади, сауна, парна бања, кабинет за масажа и теретана. На љубителите на активниот одмор им се на располагање два хеликоптера, моторни санки и подморница.
La Datcha може да прими 25 членови на екипажот и 12 гости. За гостите се подготвени шест бродски кабини, вклучувајќи и две луксузни кабини со сопствена бања и просторија за гардероба.
На сајтот La Datcha пишува дека јахтата-мразокршач може да се изнајми за 740000 евра месечно, со тоа што е потребно да се уплатат 30% депозит. Сопственикот планира да поминува на својата јахта 20 недели годишно.
„Светот е толку голем, а нашиот живот толку краток што ние мораме да истражуваме колку што е можно повеќе“, вака Тинков ја прокоментира веста за изградбата на јахтата.