Како изгледа секојдневието во воз на Транссибирската железница? (ФОТОГРАФИИ)

Georg Wallner/Mesto47
Двајца новинари поминаа десет ноќи во овој воз и ја забележаа атмосферата низ фотографии и животни приказни.

Ако 5-часовно патување ви трае цела вечност, замислете како пак изгледа 50-часовно?

Летото 2019 година новинарката Марина Дмуховска и фотографот Георг Валнер заминаа на такво патување и сега се, како што велат, подготвени секој момент да го повторат. Според нив, такво нешто на човека не може да му здодее.

„Необично е да се живее во воз неколку дена, а на излегување од вагон-ресторанот да ги испраќате луѓето со прашањето „Утре во исто време?“. Тоа не е ни најмалку слично на сите останати патувања“, вели Марина.  

Најинтересното нешто на патувањето со кушет-вагон е што тука има 54 места за спиење во отворен простор.

„Сите мириси, сите звуци, заедно со ‘рчењето, се мешаат и слеваат во заеднички животен простор“, раскажува Марина. 

Понекогаш возот по неколку дена ненадејно запира на половина час во некој град за кој никогаш претходно не сте ни слушнале и тоа на посебен начин ви го исполнува денот. Ако имате малку среќа, можете дури да купите и чадена риба и пиво. 

„Интересно е што на почетокот на патувањето влеговме во продавница за продукти и долго биравме што да купиме за претстојната делница од патот“, се сеќава Марина.

„А патем автоматски купувавме колбаси, леб, двопек, суви лигни, банани, чипс, јаболка и квас. Но, најдоброто нешто беа боршчот и пивото во вагон-ресторанот“.

На патување најинтересни се разговорите со различни луѓе. Повеќето Руси стануваат многу отворени веднаш штом влезат во возот и со задоволство им ја раскажуваат на сопатниците својата животна приказна, затоа што знаат дека најверојатно никогаш повеќе нема да се сретнат.  

Марина започна цел проект под називот „Mesto47“, каде што ги запишува сите тие приказни. Од сите луѓе што ги сретна на патувањето најинтересна ѝ беше една полицајка. Таа жена раскажуваше за својата работа многу сталожено и смирено, иако нејзините приказни беа шокантни и морничави.  

Марина споменува и друга сопатничка, 17-годишна девојка која пишува песни, а некои од нив се патриотски, посветени на Сибир. Се упатила во Иркутск да се запише на факултет. Марина се зачудила кога девојката ѝ раскажала дека не сака да оди во Москва и дека не би можела да си го замисли животот без Сибир, Бајкалот и тајгата.

Фотографот Георг Валнер вели дека му е драго што се „исклучил“ за време на долготрајното патување. „Меѓу градовите нема сигнал така што можете да пронајдете некоја друга занимација. Гледајте низ прозорецот, читајте книги, пишувајте дневник. Мене ми значи многу што ништо не го одвлекува вниманието така што можам многу повеќе да уживам во патувањето. Благодарејќи на монотонијата и најмалата промена станува доживување. Кога претстои запирање на 45 минути во некое гратче, тоа е настан што нетрпеливо се очекува“.

Дмуховска, од друга страна, била изненадена од разноликоста на Русија и тоа не само од пејзажите кои се различни во секој регион. „Видов како луѓето се дружељубиви. Тоа ги урна сите стереотипи за Русите како студени и мошне воздржани луѓе. Тие беа многу заинтересирани за „надворешниот свет“. Кога ќе дознаеја дека Георг е странец, веднаш ќе се заинтересираа и тежнееја да воспостават контакт, иако не го знаат неговиот јазик.  Јас повторно би тргнала на истиот пат. Можеби следниот пат ќе одам зиме, да видам поразлични пејзажи и заледениот Бајкал!“

Проверете го подкастот „Mesto47“ со аудио верзиите на животните приказни во кои патниците ги отворија своите срца во текот на патувањето долго 9288 километри. Достапен е и на Apple podcasts и на други платформи.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња