Доколку сте решиле без одмор да ја пропатувате целата пруга од Москва до Владивосток, подгответе се да поминете во воз шест дена и 22 часа.
За тоа време ќе исчезне сета онаа романтика на монотоното трескање на тркалата и пероните што минуваат пред вашите очи. Возот, секако, запира на станиците, но главно стои по 2-3 минути. Не постојат многу станици каде тој стои толку долго за да можете барем да прошетате без стравување дека ќе замине без вас. По еден час стои во Екатеринбург, во Новосибирск и во Хабаровск, а половина час во Иркутск, Улан Уде и во Чита. Па, и овие градови сигурно нема да ги прошетате. Можете само да излезете и малку да се „размрдате“. Затоа добро подгответе се да го „убиете“ времето. Внимавајте, нема секогаш да ви фаќа мобилниот, а уште повеќе безжичниот Интернет. Затоа земете си многу книги и крстозбори.
Патникот има право со истиот билет да направи пауза во патувањето најмногу десет дена. Ако се решите да се задржите во некој град, морате да ја поништите картата на касата на станицата во тој град најмногу три часа по доаѓањето на возот. За да го обновите патувањето морате да извадите нов билет на истата каса каде ќе го добиете истиот вагон. Можеби ќе мора да доплатите нешто.
На почетокот навистина ќе бидете восхитени од брезите и од чинарите покриени со снег, но замислете таа зелено-бела зебра да ви поминува пред очите четири дена по ред. А, седум дена? Брзо ќе станете потиштени и „зомбирани“.
Поголемиот број возови денес имаат биолошки тоалет. Кога купувате билет внимателно погледнете ги пиктограмите со услугите што ви се нудат и уверете се дека на вашиот билет стои пиктограмот „биолошки тоалет“.
Често во кушетите од стар тип не постои биолошки тоалет, ами само сливник низ кој се гледа како минуваат праговите на пругата. Ваквите тоалети се валкани и најмногу смрдат, но главниот недостаток е што се заклучуваат по еден час пред доаѓањето на некоја поголема станица (и дваесеттина минути пред доаѓањето на помала станица), а потоа се отклучуваа еден час откако возот ќе тргне.
Во вагоните од најнов тип најчесто има туш-кабина (пиктограми за туш постојат само за вагоните за спиење). Навистина, оваа услуга се плаќа, а не секогаш има вода, барем според коментарите на некои патници на сајтот за продажба на билети. Но, зарем тоа може да ги запре луѓето во потрага по авантури?
Таа е царица на вагонот, господарка на чистата постелнина и чуварка на клучевите од веќе споменатиот тоалет (ако не е биолошки). Најчесто домаќинките на вагонот се прилично фини и подготвени да му излезат во пресрет на беспомошен странец (како што го доживуваат тие).
Но, ако немате среќа и ви се погоди домаќинка која има малку незгоден карактер, тогаш мислете му ја! Таа постојано нешто ќе ви забранува. Немојте ни да помислите да консумирате алкохол, да кревате врева или, не дај Боже, да скршите нешто.
Од друга страна, истата таа жена за ситни пари ќе ви донесе чај во старинска чаша со украсен држач. Во секој случај, треба со неа да воспоставите добар контакт, особено ако сте подготвени со часови да слушате интересни „железнички приказни“ од нејзиниот богат животен репертоар.
Веројатно секој од вас веќе има патувано некаде со сопатник кој не е баш идеален. А, замислете си да морате да поминувате денови и ноќи со непознати луѓе. И тие можеби ќе се менувате додека вие спиете! 'Рчење, непријатни миризби и лоши навики се дел од „железничката романтика“.
За волја на вистината, се смета дека на случаен сопатник можете да му ја отворите душата и таквото патување да има терапевтско дејство како да сте имале сеанса кај психотерапевт. Но, од друга страна, вашиот соговорник може да биде и крадец, и лажго. Странците сакаат да поразговараат со обичните граѓани на Русија, да ја слушнат нивната животна приказна. Замислете, меѓутоа, ваши сопатници да бидат довчерашни „џомби“ кои само што се „скинале“, односно го завршиле воениот рок и сега одат дома. Тие овој настан секогаш го прославуваат бурно, а понекогаш и агресивно. Веројатно нема да ви годи да ви обратат особено внимание.
Продажбата на станиците е главен извор на приходи и главен бизнис за многу граѓани кои живеат покрај пругите. Не плашете се кога ќе почнат да ве пресретнуваат луѓе натоварени со кадифени играчки или со нанижани сварени ракови. Тоа се локални продавачи кои секако ќе гледаат да ви „збутаат“ нешто.
Можете и да купите нешто, чисто поради егзотика. Но, внимавајте кога станува збор за храна! Не знаете колку часа некој „готов ручек“ стоел на сонце. Ни случајно не купувајте пирошки со месо – можете да добиете јако труење на желудникот.
Пирошките без месо се исто така лотарија. Да кажеме, купувате една со зелка и една со јаболка, а во возот излегува дека обете се со компири.
Седмодневно патување со тресокот на тркалата не чини ништо помалку од деветчасовен лет. Возниот билет во еден правец чини помеѓу 5 и 13 илјади рубли во заеднички вагон (кушет) и 20-25 рубли во купе. (Постојат и луксузни варијанти за 55.000 рубли, веројатно за имашните луѓе кои имаат страв од летање). Повратниот билет за директен лет со авион може да ве чини 23.000 рубли, за волја на вистината тоа е ако го купите порано.
***
Дали после сево ова сте подготвени да патувате по Транссибирската пруга?
Прочитајте уште: Патување од Москва до Владивосток со воз во вагон без купе
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче