Десет фотографии кои ќе ви дадат десет причини засекогаш да останете на Алтај

Патувања
КСЕНИЈА ИСАЕВА
Доколку сте во потрага по рај на земјата, ќе го најдете на рускиот Алтај.

Разновидна фауна. Алтај е живеалиште на бројни животни, вклучувајќи водни стаорци, рисови, снежни леопарди, сибирски козорози и слатки јагниња. Фауната во националните резервати е неверојатно разновидна со речиси 50 видови цицачи и стотици птици.

Земја на кристално чисти езера. На овие планини се скриени илјадници езера. Најголемо езеро е Телецкото, кое се наоѓа високо во планинските врвови, опкружено со тајга. Тоа е и едно од најдлабоките езера во Русија и на светот (> 325 м).

Земја на планини. Алтај е највисокото сибирско подрачје. Многу гребени се извишуваат 3-4 километри над нивото на морето. Највисок врв е „двоглавата“ Белуха (4506 м), место со неверојатна убавина.

Недопрена природа. Алтајските планини некои туристи ги нарекуваат „зелената аптека на Земјата“ или „белите дробови на планетата“, затоа што тоа е една од најчистите и најмалку загадени области во Русија.

Природни резервати. Благодарение на оддалечената местоположба, природата на Алтај е добро зачувана. Природните резервати сочинуваат 20% од вкупната територија на Алтајската република. Тука се наоѓаат и 126 споменици на природата.

Земја на откритијата. Овде се наоѓаат праисториски релјефи во камен над ливади полни со цвеќе. Во близина на реката Кучерла можете да наидете на петроглифи, слики на камен кои датираат од 7-6 век пред нашата ера.

Природна разновидност. Алтајските планини, едно од најживописните катчиња на Русија, ја прават границата меѓу средна Азија и Арктичкиот океан преку реката Об, која својот пат кон север го почнува тука. Овде можете да видите разни призори, вклучувајќи и планинска тајга, степа, езерски басени и планински ливади.

Непрестајно славење на спортот. Овде можете да се занимавате со рафтинг, планинарење, алпинизам, скијање и веслање.

Контрасти во времето. На Алтај ќе доживеете топло лето со теписи од процутено цвеќе, како и вистинска руска зима, снежна и лута.

Алтај како руска Шамбала. Програмата на секоја етничка обиколка на оваа планинска регија вклучува посета на локалните шамани и курс по традиционално локално грлено пеење. Туристите можат да поминат цела недела дена патувајќи со номадскиот народ Теленга. Теленгите се еден од најмалите номадски народи во Русија, ги има останато само 2400 луѓе.

Погледнете уште една причина зошто треба да го посетите Алтај