1. Новодевичји манастир
Ова е живописно место со парк и мало езеро во близина и со осум цркви кои навистина вреди да се видат. Манастирот се наоѓа на списокот на светско културно наследство на УНЕСКО како пример за московскиот барок. Основан е во 1524 година, пред династијата Романови и е користен како седиште за преговори за време на Сматното доба во Русија на крајот на 16 и почетокот на 17 век. Ако се случи да сте во Москва за време на одржување на 2018 ФИФА Светското првенство™, ова би можело да биде за вас едноставна дополнителна тура, бидејќи манастирот се наоѓа во близина на стадионот „Лужники“. Главната и најстара црква во манастирот е посветена на Смоленската икона на Богородица. А кога ќе влегувате во манастирот низ главната порта, кренете го погледот и над главата ќе видите уште една црква.
2. Црква „Свети Николај“ во Хамовники
Околу 20 минути пеш од Новодевичјиот манастир, недалеку од метро станицата „Парк на културата“, се наоѓа црква посветена на Свети Николај, која во Руската православна црква често се нарекува Николај Чудотворец. Тој е еден од најпочитуваните светци во Русија.
Оваа прекрасна Николаева црква, која повеќе личи на торта отколку на светилиште, е пример за таканаречениот московски декоративен стил или московски орнаментализам. Овој стил бил широко распространет во архитектурата во првата половина на 17 век (а во подоцнежните згради бил заменет со московскиот барок).
Најважната реликвија во црквата е иконата на Богородица „Утешителка на грешните“.
3. Манастир „Рождество Христово“
Манастирот „Рождество Христово“ (Рождественски манастир) е основан во 1380-те години, пред да биде обединета старата руска држава со споменот на загинатите во големата Куликовска битка. Овој манастир најпрвин се наоѓал во московскиот Кремљ, но подоцна е преместен на денешната локација, по која и го добива своето име. Тука, имено, се наоѓаат Рождественскта улица и Рождественскиот булевар. Советските власти го затвораат манастирот во 1922 година и во текот на 70 години старите црковни згради служат како канцеларии, научни лаборатории, кантини и за други потреби на советската држава. Имаше план манастирот да се претвори во музеј, но во 1992 година е вратен на Руската православна црква и на монасите.
Во манастирот има неколку прекрасни цркви, како што е црквата „Рождество Христово“ подигната на почетокот на 16 век или црквата „Казањска Богородица“, подигната 1904-1906 година во стар московски стил. Внатрешноста на оваа црква е сосема невообичаена со фрески опкружени со ѕвезди кои се издигаат кон широкиот свод. Службите во оваа црква обично се одржуваат за време на викендите.
4. Црква „Свети Климент“
Опкружена со други градби, оваа црква од црвена цигла се наоѓа во малиот, тесен Климентовски сокак. Тешко е да се поверува дека ова некогаш била единствената камена градба во крајот. Ова е најголемата црква во Замоскворечниот реон на Москва и е навистина преубава. Храмот е подигнат и обновен во 18 век во московскиот „Елисаветин“ барокен стил (со елементи на рококо).
Како и многу други цркви, Црквата „Св. Климент“ е затворена во советско време и користена како депо за книги во составот на Државната библиотека „Ленин“. Вратена е на Руската православна црква во 2008 година, а реставрацијата започна во 2014 година. Црквата се наоѓа во близина на метро станицата „Третјаковскаја“ и може да ја посетите при посетата на Третјаковската галерија.
5. Црква „Свети Григориј Неокесариски“
Уште една црква обоена во црвено во улицата „Бољшаја Полјанка“ (неколку минути пеш од метро станицата „Полјанка“ и 15 минути пеш од црквата „Св. Климент“) е навистина уникатна. Погледнете само три низи чипкасти орнаменти налик на традиционалната руска женска шапка „кокошник“ и пет луковити куполи над лаците од цигла (кои се навистина ретки). На крстовите се наоѓаат круни, што значи дека црквата е изградена по наредба на царот. А оваа црква ја сакаа многумина Романови.
Во оваа црква вториот император од династијата Романови, Алексеј, се венча со неговата сопруга Наталија, а подоцна овде е крстен и нивниот син и иден император Петар Велики.
Црквата е затворена во 1930-тите години, иконостасот е оштетен а локалниот свештеник прогонет. Службата во црквата повторно почнува во 1996 година. Црквата има неколку почитувани стари реликвии, како што се делови од моштите на светителот и остатоци од стари икони. А тукашниот хор е нешто што навистина треба да го чуете, дури и ако не сте религиозни.
6. Црква „Рождество Христово“ во Путинки
Ако сте ги виделе Црвениот плоштад, црвените ѕидини на Кремљ и црвените ѕидови на црквата „Свети Василиј“ (или црвените цркви кои веќе ги спомнавме), сигурни сме дека на вашите очи им треба одмор. Затоа еве една мала, пријатна, убава бела црква во улицата „Мала Дмитровка“, недалеку од улицата „Тверскаја“.
Внатрешноста на оваа црква е навистина специфична: мали и сенкаста, нема ништо заедничко со златната помпезност на некои модерни цркви. На старите икони можете да ги видите скапоценостите донирани од верниците. Актерите од театарот „Ленком“, кој се наоѓа во соседството, се чести посетители на црквата. Ви препорачуваме да го посетите и театарот (ако барем малку знаете руски).
7. Црква „Икона на Богородица „Знамение“ во Кунцево
Во 18 век, Александар Наришкин, роднина на Петар Велики и претставник на старо благородничко семејство кое поседувало имот во московскиот реон Кунцево, овде подига црква. На почетокот на 20 век е решено црквата целосно да се реновира во неовизантиски стил, кој во тоа време е реткост.
Сегашната „базилика“ е отворена во 1913 година, иако, како и многу други цркви, во 1930-те советските власти ја затвораат и значително ја оштетуваат. Повторно е отворена во 1991 година и денес работи многу со млади луѓе и има неделно училиште.
Кога ќе ја посетите црквата, задолжително прошетајте и во паркот Фиљовски. Иако имотот на Наришкин денес е затворен за посетители, во близина се наоѓа убаво кафуле „Усадба“ (имот), каде што можете да каснете по прошетката. Недалеку се наоѓа метро станицата „Пионерскаја“ (сина линија, 20 минути возење од центарот).
8. Вознесенска црква во Коломенское
Парк Коломенское е прекрасно место за прошетка. Ќе се чувствувате како руски болјар од 16 век. Изградбата на црквата од 1528-1532 година е финансирана од таткото на Иван Грозни, Василиј III. Легендата вели дека изградбата на нов храм била молитвата на Василиј неговата сопруга да му роди син. Според други извори, црквата е подигната како знак на благодарност за раѓањето на Иван.
Се разбира, црквата денес не изгледа како пред 500 години, беше реновирана и реставрирана неколку пати. Дури и во текот на минатиот век се откриени интересни детали од минатото, како што се „царевото место“ или остатоци од северната порта. Во секој случај, да се почувствува духот на овие времиња е само по себе неверојатно доживување.
9. Црква „Владимирска икона на Богородица“ во Биково
За необично религиозно искуство треба да се оди подалеку од градот, во Московската област. Оваа црква изгледа како готскиот замок од филмот „Убавицата и ѕверот“. Изградена е на имотот на Воронцов-Дашков, кој сега е напуштен, но сѐ уште е многу интересно место за прошетка. Некои експерти тврдат дека оваа црква е потсетник на стилот на познатиот архитект Василиј Баженов, кој ги изгради паркот Царицино и куќата на Пашков во Москва.
Внатрешноста на црквата е многу скромна и не е импресивна. Реставрацијата е сѐ уште во тек.
10. Црква „Икона „Знамение“на Пресвета Богородица“ во Дубровици
Погледот на оваа црква ќе ве остави без здив (погледнете ја насловната фотографија). Да не беше крстот на врвот, веројатно тешко ќе погодите дека тоа е православна црква. Внатрешноста воопшто не заостанува зад надворешниот изглед со фреските кои се издигаат до врвот на куполата.
Црквата се наоѓа на брегот на реката Пахра, а во близина има и парк. Ова исто така е едно од најпопуларните места за венчавки во Московската област (а матичарот се наоѓа на само две-три минути пеш од црквата).