Кој советски авион имаше прекари „Магаре“, „Стаорец“ и „Мува“?

Наука и технологија
БОРИС ЕГОРОВ
И-16 беше многу тежок за управување и не простуваше грешки. Со него летаа само врвни професионалци како пилотите од првата советска аеробатска група „Црвената петорка“.

Овој еднокрилец имаше форма на буре и отворена пилотска кабина. Во текот на 1930-тите беше еден од главните симболи на Военото воздухопловство на Црвената армија. Дизајниран е во 1933 година во конструкторското биро на Николај Поликарпов. Ја доби ознаката И-16 (руски: „истребитель шеснадцатый“, т.е. „ловец шеснаесетти“). Во СССР го нарекува „Ишак“ или „Ишачок“ (во превод „Магаре“ или „Магаренце“).

Авионот развиваше голема брзина од 470 км/ч, што беше многу за тоа време. Имаше одлични маневарски способности благодарение на поместеното тежиште на леталото во задниот дел. Од друга страна, ловецот затоа беше аеродинамички нестабилен и тежок за управување.

„Реагира на најмал допир на воланот“, раскажува пилотот Николај Шаповалов за своето искуство со летање со ловецот И-16. „При повлекување на рачката затреперува и влегува во спирала... Штом ќе тргнам во вираж - авионот паѓа во спирала. Ако виражот се изврши правилно, тогаш влегуваш во воздушната струја на својот авион и авионот се тресе“.

Пилотот Сергеј Насилевиц се потсетува на советот што на младите дипломци им го давал началникот на воздухопловната академија: „Ако сте го совладале И-16, тогаш можете да летате со секој тип на авион. Ова е најизискувачкиот авион. Нема таков пилот кој по И-16 не можел да приземји кој било авион “.

Овој авион не простуваше грешки, така што со него управуваа само врвни професионалци. Токму И-16 го користеше првата советска аеробатска група „Црвената петорка“.

„Ишак“ учествуваше во првите борбени акции за време на граѓанската војна во Шпанија. Советските ловци им втеруваа страв во коските на франкистите. По брзината, маневарските способности и брзината на искачување тие беа супериорни во однос на германските ловци He-51 и италијанските FIAT C.R.32.

Националистите го нарекоа И-16 Rata („Стаорец“), бидејќи им се чинеше дека за време на битката недофатливите советски авиони излегуваат од дупки во земјата. Републиканците му го дадоа прекарот Mosca („Мува“).

Меѓутоа, војната во Шпанија покажа дека I-16 не е доволно добро вооружен. Советскиот авион имаше два митралези ШКАС од 7,62 мм, додека неговиот италијански пандан имаше два митралези од 12,7 мм. На крајот му додадоа уште два митралези, така што имаше четири.

Подоцнежните модификации на И-16, освен со ШКАС, беа опремени со авионски автоматски топови ШВАК или лансери за ненаведувани ракети РС-82.

Доминацијата на советскиот ловец во шпанскиот воздушен простор траеше до 1939 година, кога се појави Messerschmitt Bf-109. „Ишак“ беше инфериорен во однос на него во секој поглед, освен кога станува збор за маневарските способности.

Покрај Пиринејскиот Полуостров, И-16 учествуваше во борбени операции против јапонската авијација во Кина (Кинезите ги нарекоа „Ластовица“), во конфликтот на Халкин Гол, како и против финските трупи во „Зимската војна“.

Авионите И-16 веќе беа многу застарени кога започна војната против нацистичка Германија. Па сепак тие сочинуваа четвртина од сите советски ловци на западната граница на СССР, и во првите денови од војната му пружија жесток отпор на непријателот.

Според една верзија, првиот германски авион во СССР бил соборен токму во судир со ловец И-16. Мора да се каже дека пилотите на Луфтвафе ни најмалку не го потценија својот „стар познаник“ и се трудеа да избегнат блиска маневарска борба со него, бидејќи знаеја дека „Стаорецот“ не смее да се притера во ќош.

„Ишак“ потоа беше повлечен од првите линии на фронтот за да им отстапи место на своите помодерни колеги, па ги штитеше градовите и објектите во заднината во состав на единиците за ПВО. Се користеше и за обука на пилоти.

Кога заврши војната, беше запрена и експлоатацијата на овие легендарни ловци. Интересно е што најдолго останаа во служба кај своите противниците, франкистите. Во Шпанија десетици запленети И-16 беа во употреба сé до 1953 година.