Зошто Советите ѝ подигаа споменици на оваа „летечка лаѓа“? (ФОТОГРАФИИ)

Наука и технологија
БОРИС ЕГОРОВ
Повеќенаменскиот авион Бе-6 служеше за набљудување на теренот, спасувачки операции и лов на американски и британски подморници. Згора на тоа, учествуваше и во нуклеарни проби.

1. Хидроавионот со силна конструкција со „галебови“ крила се чувствуваше како дома и на суровиот Арктик, и во помирните води на Црното море. Затоа не е ни чудо што во советско време споменици на авионот Бе-6 беа подигани како на Крим, така и во околината на Мурманск.

2. Овој „летечка лаѓа“ се појави во 1949 година, набргу по завршувањето на Втората светска војна. Направена е да извршува цела низа разновидни задачи - за поморско извидување, патролирање, бомбардирање, поставување мини, транспорт на муниција, истоварување на десант и учество во спасувачки мисии.

3. Ова универзално орудие беше во арсеналот на советската Воена морнарица повеќе од 20 години. За тоа време полетаа вкупно 123 авиони Бе-6.

4. Летечката лаѓа со полно право учествуваше и во Студената војна. Авионот Бе-6 вршеше набљудувачки мисии во Јапонското море, каде што го демнеа американски ловци со цел да го стигнат и пресретнат. Во НАТО овој советски авион го доби кодното име „Madge“.

5. Во текот на 1950-тите, во архипелагот Нова Земја во Северниот леден океан се реализираа нуклеарни проби во кои Бе-6 вршеше воздушно набљудување за откривање на странски воени бродови во близина на тоа подрачје. Други екипажи имаа задача да го проучуваат опаѓањето на радијацијата со прелетување низ радиоактивниот облак во одредени интервали. Авионот не беше посебно подготвуван за ваков тип мисија, во него беше само уфрлена опрема за мерење на радиоактивност.

6. Во доцните 1950-ти, Бе-6 беше заменет со авионот на млазен погон Ил-28Р, кој беше посоодветен за поморско набљудување во поголем радиус, а „летачката лаѓа“ главно се користеше во спасувачки операции (Бе-6СС) и како противподморнички авион (Бе-6ПЛО). Од тој модел почна да се развива противподморничката авијација како посебен вид трупи во рамките на Воената морнарица на СССР, а основите на тактичката примена на таквите трупи беа разработени токму со овој авион.

7. Бе-6 во Советскиот Сојуз отиде во заслужена пензија на крајот на 1960-тите. Но, Москва на времето ѝ даде на Кина 20 вакви авиони и тие сè уште беа во служба таму во 1998 година.