Летачки чамци: Еволуцијата на советските и на руските хидроавиони

Повеќенаменскиот авион-амфибија Бе-200ЧС за време на заедничките активности на авијацијата на Министерството за вонредни состојби на Русија со копнените и поморските спасувачки служби во Приморје.

Повеќенаменскиот авион-амфибија Бе-200ЧС за време на заедничките активности на авијацијата на Министерството за вонредни состојби на Русија со копнените и поморските спасувачки служби во Приморје.

Виталиј Ањков/Sputnik
Урнатиот француски хидроавион го поттикна раѓањето на нови авионски индустрии во Русија.

М-1 – првиот модел

Руската Империја користела хидроавиони од странско производство сè до 1913 година. Таа година капетанот Данил Александров го оштетил својот француски хидроавион „Donnet-Lévêque“ и го замолил конструкторот на авиони Дмитриј Григорович да го поправи. Конструкторот ја проучил технологијата, а потоа го направил првиот руски хидроавион под називот М-1. Конструкцијата била дрвена, а крилата биле преслечени со ленено платно. Распонот на крилата изнесувал 14 метри, а должината на авионот околу 8 метро. Можел да развие брзина од околу 90 километри на час и имало место за две лица. Направен е само еден примерок од авионот М-1.

М-5 – најдобар во раната фаза

Во текот на следните две години Григорович проектирал уште три модели на хидроавиони, а во 1915 година сето свое искуство го искористил за проектирањето на „ловечкиот чамец“ М-5. Неговата дрвена рамка од јасен била прекриена со шперплоча. Леталото изгледало мошне фрагилно, но можело да се спушти на вода и да полета од вода кога брановите биле високи по половина метар. Авионот развивал брзина од 105 километри на час, имал две места и отприлика ист габарит како М-1. М-5 е произведен во најголема серија примероци направени во раната фаза. Се произведувал до 1923 година. Вкупно се произведени 300 вакви летала.

М-11 – првиот ловечки хидроавион

Првиот ловец-амфибија под назив М-11 бил направен во 1916 година. Бил потежок од претходните авиони зашто бил покриен со железни плочи со дебелина од 4 до 6 милиметри. Имал еден пилот и митралез на носот. Овој хидроавион бил долг околу 8 метри, а крилата му биле тесни, со распон помал од 9 метри. Можел да развие брзина од 130 километри на час. И покрај тоа што моторот немал доволно сила, овој модел сепак стана сериски. Направени се вкупно 61 авиони М-11.

МБР-2 – изведувачки авион

Хидроавионот МБР-2 бил првиот проект на конструкторот Григориј Бериев направен во 1932 година. Бериев најпрво сакал да го направи од алуминиум, но искусните конструктори му објасниле дека во земјата нема доволно ваква руда така што во конечната варијанта сепак искористил дрво. Авионот бил долг 13.5 метри, имал распон на крилата од 19 метри и развивал брзина од 215-235 километри на час. По првиот лет пробниот пилот мошне високо го оценил ова летало. Во 1933 година авионот е вметнат во арсеналот на Советското воено воздухопловство. Направени се околу 1.300 авиони МБР-2, вклучувајќи и определени модификации за цивилна употреба.

Р-1 – првиот млазен хидроавион

Создавањето на првиот советски млазен хидроавион била идеја на Бериевото биро што ја поддржал воениот врв. Проектирањето траело четири години во 1951 година направен е првиот експериментален примерок под називот Р-1, но тој дополнително требало да биде доработен. Бил целосно од метал, со распон на крилата од 20 метри и со исто толкава должина. Имал два мотори и развивал брзина од 800 километри на час. Р-1 имал топ, тричлен екипаж и можел да носи бомби. Поради многуте проблеми со производството претворен е во летачка лабораторија.

Бе-6 – двомоторен хидроавион со голем долет

Бе-6 во Киевскиот музеј на авијацијата.

Бе-6 беше повеќенаменски воен хидроавион. Можеше да се користи за набљудување на големи растојанија, за фрлање бомби, транспорт на 40 војници итн. Неговиот прв лет е изведен во 1948 година. Бе-6 беше вооружен со топови. Ова летало беше долго 23 метри и имаше распон на крилата од 33 метри. Можеше да полетува од вода и да се спушта кога брановите се високи и по еден и пол метар, и развиваше брзина од 416 километри на час. Направени се вкупно 123 примероци од авионот Бе-6. Определени примероци се користеа дури и како единици на Арктикот.

Бе-8 – со подводни крила

Повеќенаменскиот авион-амфибија Бе-8.

Хидроавионот Бе-8, направен во 1948 година, се разликуваше од сите други по тоа што наместо обично пловило имаше подводни крила. Благодарение на нив можеше полесно да полета. Авионот Бе-8 беше проектиран за превоз на патници и врска. Беше долг 13 метри, имаше распон на крилата од 19 метри и можеше да прими шестмина патници. Можеше да развие максимална брзина од само 265 километри на час, зашто подводното крило, како што излезе, го спречуваше забрзувањето. Поради сево ова направени беа само два примероци Бе-8.

Бе-10 – првиот сериски млазен авион

Бериев и неговото биро, благодарение на проблемите со Р-1 стекнаа доволно искуство за подоцна да направат успешен сериски хидромлазен мотор. Така, во 1955 година настана торпедоносниот бомбардер под називот Бе-10. Групата конструктори го проектираше во најстрога тајност, така што дури ни другите вработени во бирото не знаеја за тоа. Конечната верзија на Бе-10 беше долга 31.5 метри. Распонот на крилата изнесуваше 27 метри и имаше сидро. Овој авион има поставено многу рекорди. На пример, беше најбрзиот хидроавион кој имаше постигнато брзина од 912 километри на час.

Бе-12 – сè уште се користи

Бериев Бе-12 на Руската морнарица.

Бе-12 е проектиран како противбродски хидроавион. Својот прв лет го изведе во 1960 година. За жал, една година подоцна еден од неговите пробни летови заврши трагично поради грешка на член од екипажот. По катастрофата проектот на авионот доживеа неколку измени и го доби називот „Чајка“ („Галеб“). Бе-12 има распон на крилата од 30 метри, а исто толку е и долг. Може да развие максимална брзина од 540 километри на час. Со помош на овој модел поставени се 46 рекорди. Тој исто така доживеа низа модификации, меѓу другите и за цивилни потреби, а некои сè уште се користат.

А-40 – најголемиот хидроавион

Полетување од вода на амфибискиот авион А-40 „Албатрос“.

Најголемиот хидроавион во историјата беше А-40, познат како „Албатрос“. Својот прв лет го изведе во 1986 година. А-40 беше направен за различни намени. На пример, можеше да носи 6.5 тони мини и противбродски ракети. Екипажот имаше 8 члена. Распонот на крилата на овој авион изнесуваше 42 метри, а неговата должина беше 44 метри. Можеше да развие максимална брзина од 800 километри на час. Распадот на СССР спречи да се заврши овој проект и денес инженерите од време на време изразуваат желба да го обноват.

Бе-2500 – супертежок, нереализиран

Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век проектиран е Бе-2500 кој требаше да биде најголем и најтежок хидроавион во историјата. Се претпоставуваше дека ќе биде долг 115 метри и дека ќе има распон на крила од 125 метри, со максимална полетна маса од 2.500 тони. И покрај големата маса, Бе-2500 беше проектиран да развие брзина од 770 километри на час. Требаше да превезува товар и војници, да врши извидувања на нови наоѓалишта, па дури и да испорачува вселенски бродови во горните слоеви на атмосферата. За жал, проектот сè уште не е завршен.

Бе-200 – современ цивилен хидроавион

Рускиот авион-амфибија Бе-200 ЧС на Тангарошкиот авијациски научно-технички комплекс „Бериев“.

Бе-200 е направен врз база на моделот А-40, но со значителни подобрувања. Првиот лет беше изведен во 1998 година. Ова е цивилен повеќенаменски авион. Тој може да превезува товар и патници, да патролира над определени територии и да гаси пожари. На пример, во летните месеци често се користи во борбата против шумските пожари во Јакутија. Долг е 32 метри и има распон на крилата од околу 33 метри. Развива максимална брзина од 600 километри на час. Сè уште се произведуваат нови хидроавиони Бе-200 со различни модификации.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња