Тестирање на противвоздушниот ракетен систем С-500 во Астрахањската област.
Информативна служба на Министерството за одбрана на РФ/TASSВо неодамнешното уништување на стар руски сателит во вселената веројатно е применет системот С-500. Овој настан го привлече вниманието на целиот свет кон ова ново оружје. Пред соборувањето на сателитот, некои странски земји не беа сигурни дека тој ПВО-систем воопшто постои.
Што има ново во системот С-500 и кога армиите на другите земји ќе можат да го набават?
С-500 е првата генерација системи за ПВО која уништува објекти во блиската вселена. Во целите спаѓаат и балистички и крстосувачки хиперсонични ракети од следната генерација, како и аеродинамички цели (летала) кои допрва се во фаза на проектирање во Русија и во странство.
Според обелоденетите податоци (поголемиот дел од податоците не ги открива воената команда бидејќи проектот сé уште се чува во тајност), овој систем уништува цели во радиус од 600 километри. Тоа е за 200 км подалеку од радиусот на дејство на современите системи С-400. Покрај тоа, не треба да се заборави дека во споредба со С-400, системот С-500 уништува и поголем број воздушни цели.
Во овој момент руската армија ја доби својата прва партија противвоздушни ракетни системи С-500. Таа единица пристигна во 15. армија на Воздушно-космичките сили на Русија, која ги штити Москва и Централниот индустриски округ.
Од друга страна, главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски смета дека не треба да се избрзува со изјавите дека ПВО-системот од новата генерација е целосно подготвен за експлоатација.
„Ова е пилот верзија на С-500 што армијата ја доби за тестирање во текот на експлоатацијата. Верзијата што ја доби армијата нема цела низа потребни функции и технички карактеристики што мора да ги има единица за ПВО од новата генерација“, вели експертот.
Тестирање на противвоздушниот ракетен систем С-500 во Астрахањската област.
Информативна служба на Министерството за одбрана на РФТој изјави дека се работи за стандардна воена практика бидејќи војската добива пробна верзија на оружјето, за подоцна конструкторите да можат да ги исправат и најмалите детали и на тој начин целосно да го прилагодат оружјето на потребите на армијата. Руската армија продолжува со серијата пробни гаѓања на полигонот Капустин Јар и ги обучува екипажите да работат со новиот систем.
„Системот ќе биде завршен во 2022 година и првата комплетна единица ќе ѝ биде испорачана на армијата. Помасовна испорака на системот С-500 на руската армија ќе започне во 2024 година“, вели Мураховски.
Индија, Кина и низа партнери на Русија во најскоро време може да бидат првите купувачи на системот С-500 од следната генерација. Ова на почетокот на ноември го изјави директорот на Федералната служба за военотехничка соработка Дмитриј Шугаев.
Воените експерти сметаат дека на листата на потенцијални купувачи на овој ПВО-систем е и Турција, која е членка на НАТО.
„Со оглед на тоа што Министерството за одбрана на РФ ги објави своите планови за развој на С-550, системот С-500 најверојатно ќе се извезува во Кина, Индија и Турција, кои веќе ги користат руските системи С-400 и изразуваат желба да ја зајакнат својата противоздухопловна и противракетна одбрана со системите С-500“, изјави Артјом Косоруков, политиколог од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“.
Експертот претпоставува дека најголемата предност на системот С-500 во однос на панданите од странско производство е неговиот радар со голем домет, како и можноста на противракетната одбрана да открива и уништува невидливи авиони B-2, F-22 и F-35, но и балистички ракети надвор од атмосферата и во поблиската вселена, како и хиперсонични крстосувачки ракети и беспилотни летала.
Експертите претпоставуваат дека извозот на С-500 ќе започне дури кога руската армија целосно ќе биде снабдена со ПВО-системи С-500. Тој процес ќе трае 7-8 години и дури во 2028 година Индија, Кина и Турција ќе можат да потпишат договори со Русија за купување на С-500.
Министерството за одбрана на Русија не открива по што конкретно ќе се разликува „руската“ од „странските“ верзии на С-500.
„Моделите за извоз се разликуваат од моделите што ги користи руската армија. Конкретно, кај нив не се користат технологии кои сé уште се државна тајна, а дополнително се редуцирани и низа функции. Со други зборови, нашите инженери ќе ги заштитат своите најнови проекти. Дури и ако купувачот ги расклопи нашите системи С-500 на делови, нема да открие ништо револуционерно“, вели Виталиј Манкевич, претседател на Руско-азискиот сојуз на индустријалци и претприемачи.
Истото мислење има и Максим Старчак, научен соработник на Центарот за меѓународна и одбранбена политика на Универзитетот Квинс, додавајќи дека може да се претпостави дека извозната верзија ќе има помал домет на радарот, веројатно за неколку стотици километри.
„Руската војска веројатно ќе сака нејзините авиони да останат невидливи на радарите на извозната верзија на С-500. Ќе има и други разлики меѓу „руската“ и „странската“ верзија, но тоа прашање Министерството за одбрана на Русија ќе разгледува со нашите странски партнери“, вели Старчак.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче