АКТУЕЛНО: „Алмаз-Антеј“ започна со сериско производство на ракети за ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“

Претпоставката е дека станува збор за семејството антибалистички ракети со ознака 77Н6 за борба против хиперсонични маневрирачки цели. Тие треба да ги заменат постарите модели 9M82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В. Се проценува дека во зависност од варијантата, покрај конвенционална, тие ќе имаат и нуклеарна боева глава. Овие проектили ќе се одликуваат со исклучителни показатели кога станува збор за хоризонталниот и вертикалниот дострел, како и со голема брзина на летање.

Рускиот концерн „Алмаз-Антеј“ започна со сериско производство на ракети за противвоздухопловниот/противракетен систем од новата генерација С-500 „Прометеј“.

Ова го соопшти веб-порталот ТАСС, пренесува „Росијскаја газета“. Според овие наводи, се очекува новите ракети да влезат во вооружувањето на руската армија веќе следната година. Во овој момент ракетниот комплекс „Прометеј“ е во фаза на завршни државни тестирања (полигонски тестирања) пред неговото воведување во оперативна борбена употреба.

Неодамна рускиот вицепремиер Јуриј Борисов зборуваше за ова прашање, кој изјави дека соодветните договори, кои вклучуваат сериско производство и испорака на ПВО/ПРО системот С-500 „Прометеј“ се потпишани на воено-техничкиот саем „Армија-2020“.

ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на далечини и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.

Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.

Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.

Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња