Која држава би можела да стане првиот корисник на новиот руски ПВО/ПРО систем С-500Е „Прометеј-Е“?

MOD Russia/via Globallookpress.com
На ова чувствително прашање одговори рускиот вицепремиер Јуриј Борисов на Тјуменскиот нафтено-гасен форум TNF 2021.

Според рускиот вицепремиер Јуриј Борисов, по воведувањето на новиот ПВО/ПРО ракетен систем С-500 „Прометеј“ во единиците на руската армија, постои голема веројатност дека првиот купувач на нејзината извозна варијанта би можела да стане Индија, пренесува веб-порталот ТАСС.

„Потенцијално, тоа е точно... Меѓутоа, на практичен план сé уште нема конкретни разговори. И тоа е практика од која не се откажуваме. Нема извоз додека првин не се опремат единиците на нашата армија“, категоричен беше Борисов при давањето одговор на прашањето на еден од новинарите (веројатно од индиската редакција) кој се интересираше за потенцијалната набавка на ПВО/ПРО системот С- 500 „Прометеј“ за потребите на опремување на индиската армија.

Тој потсети дека дури по опремувањето на руските единици со новото оружје Русија може да го разгледа прашањето за негов извоз во други земји, па во тој случај и во Индија, доколку таа биде заинтересирана за такво нешто. Меѓутоа, како што напомена тој, доколку и да има преговори за тоа прашање, неговите конкретни резултати не можат да бидат видливи во догледна иднина.

Според Борисов, Индија е еден од најголемите купувачи на руско оружје. „Понекогаш ѝ продаваме на Индија она што не го продаваме на други земји, затоа што меѓу нас немаме ни политички ни територијални спорови или конфликтни ситуации. Нашата соработка е проверена со години“, истакна потпретседателот на руската влада.

Тој напомена дека во Индија е организирано лиценцирано производство на руските основни борбени тенкови Т-90, како и на повеќенаменските авиони-ловци Су-30МКИ.

„Го имаме и заедничкото производство на ракетите BrahMos. Покрај обичната продажба на оружје, со Индија споделуваме и технологии. Во моментов се во тек преговори за заедничко производство на хеликоптери Ка-226Т“, рече Борисов.

Претходно, на 20 јули годинава, на воениот полигон Капустин Јар беше реализирано првото борбено тестирање на новиот ракетен ПРО/ПВО систем С-500 „Прометеј“. Овој систем ќе може да се бори против целиот спектар на воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Притоа ракеташите на системите С-500 „Прометеј“ гаѓаа цел што имитираше балистичка ракета и која се движеше со голема брзина. Ракетниот систем ги демонстрираше сите тактичко-технички карактеристики што ги соопшти производителот, како и висока сигурност при реализација на гаѓањето. Целта беше успешно пресретната и неутрализирана. По завршувањето на комплетниот процес на тестирање се очекува испорака на првиот оперативен комплет (веројатно дивизион) ракетни системи С-500 „Прометеј“, кој ќе влезе во ПРО/ПВО одбраната на главниот град Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња