Западни медиуми: МиГ-29 – еден од најдобрите советски ловци

МиГ-29

МиГ-29

Global Look Press
Советската армија ги доби авионите МиГ-29 во 1982 година. Тоа беше првиот ловец од четвртата генерација во СССР. Беше направен за борба против американските Ф-16 и Ф-15.

Овој авион долго време беше ненадминат според летачките карактеристики, а неговите маневарски можности беа недостижни, пишува списанието „Милитари воч“, набројувајќи ги можностите на сите шест модификации на „еден од најдобрите советски ловци“.

Во авионот МиГ-29 се применети многу напредни технологии од тоа време. Една од нив е инфрацрвениот систем за откривање и следење цели што му овозможува на авионот на средни дистанци да функционира без радар. За споредба, на американските воени авиони овој систем на големо почна да се користи дури три децении подоцна.

Ракетата од класата „воздух-воздух“ од новата генерација за блиска и за далечна борба, меѓу кои и Р-27 и Р-73, беа подобри од западните еквиваленти. Покрај тоа, овој хит на опитно-конструкторското биро „Микојан“ беше најевтиниот советски ловец од сериско производство.

МиГ-29

Основната варијанта на МиГ, 29А, направена е во 1.000 примероци, од кои 700 беа во арсеналот на советското воено воздухопловство. Авионот беше извезен во десетина земји, а во дел од нив сè уште е во служба по незначителните модернизации. Летачките показатели на ловецот МиГ-29А беа импресивни, но овој модел имаше ограничени можности за размена на податоци и релативно слаб радар. Всушност, имаше посилен радар од американскиот Ф-16А (кој му беше главен конкурент), но поради развојот на технологијата брзо ја изгуби таа предност. И долетот не му беше голем зашто двата мотори трошеа многу гориво. Овие недостатоци ги поттикнаа конструкторите да извршат значителна модернизација на авионот.

Следната варијанта ја доби ознаката МиГ-29С. Најочигледна новина беше интегрираниот радар Н019М кој му овозможуваше на пилотот да дејствува без поддршка од земја. Леталото доби и систем за управување со подобра контрола и нов систем за радиоелектронска борба Л-203БЕ „Гарденија“. Модернизираниот ловец можеше истовремено да следи 10 цели, а беа проширени и можностите за примена на проектилите „воздух-земја“.

По цел пакет модернизација на моделот МиГ-29, советските ловечки авиони во целиот свет беа подигнати на современо ниво. Со зголемени резервоари авионот можеше да лета 2.100 километри, а поголемата потрошувачка на гориво беше компензирана со новите мотори РД-33. Во кабината се појавија мултифункционални ЛЦД екрани. Благодарение на новата авионика и на сензорите беше поедноставено управувањето со проектилите „воздух-површина“. Револуционерна новина беше радарот „Жук-МЕ“ („Жук-МЭ“) кој во голема мера го подобри прегледот на ситуацијата на теренот.

Сепак, најрадикална беше модернизацијата на моделот МиГ-29М. Во новата конструкција беа применети композитни материјали, рокот на траење на авионот беше зголемен на 4.000 часови, опслужувањето е поедноставено, а трошоците за експлоатација беа во голема мера намалени. Покрај моторот РД-33К и радарот Жук-МЕ авионот беше опремен со систем за ласерско наведување со попрецизно погодување на целите на земјата. Во оваа верзија широка примена добија крстосувачките ракети Х-35 и Р-77. МиГ-29М се третира како ловец од генерацијата 4+, така што тој ја пополни празнината помеѓу основниот модел МиГ-29А и МиГ-35 од генерацијата 4++.

Покрај споменатите варијанти направени се уште две: МиГ-29УПГ и МиГ-29К. Овие модели се направени првенствено за Индија, иако помал број беа користени на рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“.

На крајот, МиГ 29 послужи како основа за новиот модел МиГ-35 што руската армија го доби во 2019 година. Современиот ловец има големи борбени можности, меѓу другото и најново вооружување како што се ракетите „воздух-воздух“ Р-37М со дострел од 400 километри и крстосувачки ракети, а можеби и нови наведувачки ракети „воздух-воздух“. Овој авион истовремено следи 30 цели на растојание од 300 километри. Новиот модел е достоен наследник на легендарниот ловец и се очекува дека тој во целост ќе го замени МиГ-29М.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња