Од драма преку акција до хорор: 10 филмови и ТВ-серии за Чернобил (освен онаа на Ејџ-Би-Оу)

John Moore/20th Century Fox,2013
Некои од овие филмови и телевизиски серии за Чернобил ќе ви дадат комплетна слика за она што се случило тој трагичен ден во 1986 година. Други, пак, ќе ви ја раскажат длабоката човечка драма или ќе ви втераат страв во коските.

1. Чернобил: Забранета зона (2014)

Оваа телевизиска серија е лудачка мешавина на жанрови. Серијата „Чернобил: забранета зона“ е опишана како мистерија, фантазија, драма трилер, акција, катастрофа, па дури и како мелодрама. Дејствието се одвива во сегашноста. Пет московјани бркаат еден крадец кој им ги има украдено сите пари и кој неочекувано бега во... Припјат! За да ги спасат своите животи пријателите мораат да се борат против чудовишта, опасни странци и живи мртовци. Дури и патуваат низ времето за да го променат текот на историјата. Во една од паралелните реалности ќе ги видите и таканаречените Разединети Американски Држави, разорани од граѓанска војна која настанала откако САД во нуклеарната електрана „Калвер клифт“ доживуваат нуклеарна катастрофа како онаа во Чернобил.

2. Нераздвојни (2013)

Во оваа украинска минисерија страв не предизвикуваат само чудовиштата, ами и реалноста на она што се има случено во Чернобил. Ја следиме љубовната приказна на двајца тинејџери, Паша и Аља, кои се среќаваат во Припјат наспроти самата катастрофа. Тие не претпоставуваат низ каков кошмар ќе мора да минат. Серијата „Нераздвојни“ беше оценета позитивно како од страна на критиката, така и од страна на публиката. Добар показател е и високата оценка (8.1) што серијата ја има добиено на сајтот IMDB.

3. Чернобилски дневници (2012)

Од „Чернобилските дневници“ немојте да очекувате потресна драма, ниту пак, детална анализа на настаните во Чернобилската нуклеарна електрана каква што има во серијата на Ејџ-Би-Оу. Овој филм има само една цел: да ве забавува и да ве исплаши со врескање, со крв стенкање, со чудовишта и со ужасни воени експерименти. Ова е типичен филм наменет за кино, со просечен квалитет, далеку од ремек-дело, но не е за фрлање.

4. Умри машки 5 (2013)

Првото прашање што се поставува е: Што има заедничко Џон Меклејн со Чернобилската катастрофа? Всушност, има многу. „Умри машки 5“ го испраќа Брус Вилис најпрво во Москва, а потоа во Чернобилската нуклеарна електрана. Таму ќе видиме како Меклејн се среќава со еден куп злосторници, избегнувајќи го огнот од руските борбени хеликоптери.

5. Земја на заборавот (2011)

Како и „Нераздвојни“, француско-украинската драма „Земјата на заборавот“ се занимава со трагедијата на една личност која се наоѓа во срцето на катастрофата. Аља која ја игра „девојката на Бонд“ Ољга Куриленко, останува вдовица на денот на својата свадба на 26 април 1986 година, денот кога експлодираше четвртиот реактор во Чернобил. Таа сега мора да собере сили за да го продолжи животот... „Земјата на заборавот“ по една работа се разликува од другите вакви филмови за нуклеарната трагедија. Некои сцени се снимени во забранетата зона на Чернобил под надзор на Украинското министерство за вонредни ситуации.

6. Во сабота (2011)

Во филмот се реконструира првиот ден во Припјат по трагедијата во нуклеарната електрана. Валериј Кабиш дознава за катастрофата, додека вистината се крие од граѓаните за да се избегне паника. Валериј заедно со својата девојка и со пријателите се обидува да избега од мирниот град. Филмот „Во сабота“ ги подели критиката и публиката. Иако има освоено неколку меѓународни признанија, гледачите не беа особено импресионирани. „Целосно несфатливи дијалози“ и „тотален наративен хаос“ се само некои од коментарите. Играта на глумците, сепак, е оцената високо.

7. Универзален војник 3 (2010)

Јунаците од акционите филмови од осумдесеттите години од минатиот век Долф Лундгрен и Жан-Клод ван Дам повторно се појавуваат во улогите што ги прославија. Лук Девето кого го глуми Жан-Клод ван Дам, заминува во Чернобилската нуклеарна електрана што ја имаат заземено терористите и таму како заложници ги држат децата на украинскиот премиер. Така започнува борбата за живот и смрт... Филмот се препорачува само на љубителите на двата акциони јунаци.

8. Аурора (2006)

Ова не е филм за бесчувствителни. Сите оние што ја имаат гледано украинската драма „Аурора“ велат дека не можеле да не заплачат. Едно мало девојче за време на Чернобилската катастрофа е озрачено со голема доза радијација. Единствена шанса за неа е заминување во САД на скапо лекување. И кога се чини дека сета надеж е изгубена, Аурора случајно се среќава со познатиот танчар Ник Астахов, кој буквално ѝ го спасува животот.

9. Волци во зоната (1990)

Кога ќе се спомене филм за Чернобил, луѓето обично очекуваат филм-катастрофа или барем хорор. Но, советските филмски творци успеаја нуклеарната катастрофа да ја преточат во криминалистичка приказна. „Волци во зоната“ е снимен во 1990 година, и зборува за тоа како забранетата зона станала мета на ордии пљачкосувачи кои го земаат со себе имотот, опремата, па дури и накитот. Тие тоа го прават со согласност од страна на локалните власти и на полицијата. Но, секогаш постои херој. Единствениот кој може да го запре овој хаос е поранешниот капетан на полицијата Родионов.

10. Чернобил: Последно предупредување (1991)

Руско-британско-американскиот филм „Чернобил: Последно предупредување“ може на извесен начин да се нарече претходница на телевизиската серија на Ејџ-Би-Оу. Тој исто така дава детален временски редослед на настаните, но се концентрира на активноста на американските и на британските лекари кои им помагале на повредените. Филмот е заснован на сеќавањата на еден таков доктор Роберт Питер Гејл, а во него играат Џон Војт и Џејсон Робардс.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња