Како царскиот суд ѝ пресудил на жената која пукала во градоначалникот на Санкт Петербург?

Russia Beyond (Архива, Слободни извори)
Судењето на жената која го призна злосторството ја шокираше Руската Империја.

На 24 јануари 1878 година една млад жена влезе во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург Фјодор Трепов. Извади револвер од марката Вебли и го застрела. Судењето што следуваше ја шокираше цела Русија.

Злосторство

Се очекуваше дека случајот ќе биде мошне лесен за обвинителството. 27-годишна, претходно осудувана жена влезе во канцеларија на државен службеник и го застрела, погодувајќи го во срцето.

Истрагата беше уште поедноставна поради фактот што Вера Засулич, жената што го испука куршумот во градоначалникот, не избега од местото на настанот, ами ја почека полицијата и го призна злосторството. Според сите процени, за обид за убиство ја очекуваа 20 години тешка робија во логор и одземање на сите права.

Сите наводи со сигурност укажуваа на осудувачка пресуда, но во меѓувреме се случија неколку работи кои создадоа правна мешаница кава што никој не можеше да очекува.

Фатална грешка

Случајот тргна по надолна линија веднаш штом го презеде харизматичниот бранител Пјотр Александров. Инаку, современиците го опишуваат како извонреден говорник и професор по право. Додека јавниот обвинител Константин Кесел е прикажан во малку понепривлечно светло.

„Кога го видов целосно стутулениот изглед на Кесел, можев да замислам каков неинтересен, бескарактерен и бессодржаен говор на тужителот ќе може да слушне Санкт Петербург, кој нетрпеливо го очекуваше судењето на Засулич“, запишал главниот судија Анатолиј Кони, кој претседаваше со судењето.

Изборот на поротата беше уште еден погрешен чекор на обвинителството. Од непознати причини тужителот се откажа од правото да учествува во изборот на поротата, така што не обезбеди непристрасни поротници. Лукавиот бранител не се двоумеше оваа грешка на обвинителството да ја сврти во своја корист. Адвокатот Александров практично самостојно ја формираше поротата.

Александров внимателно избра луѓе со либерални сфаќања кои застапуваа релативно независни ставови и немаа симпатии кон жртва на позиција на власт. Излезе дека тоа беше фатална грешка на обвинителството која го предодреди резултатот од судењето.

Морална дилема

Мотивот на обвинетата, како и нејзиниот дотогашен живот, кој адвокатот внимателно ги претстави, беа последната шајка која беше закована во сандакот на обвинението. Обвинителството можеше само да чека тоа да биде закопано.

Александров сесрдно работеше на тоа Засулич да ја претстави како константна жртва на произволни одлуки во репресивниот систем на владеење. Нејзиниот живот беше низа неправди кои следуваа една по друга. Претходно неправедно уапсена, затворена и протерана. Нејзиниот претходен живот направи, според тврдењето на бранителот, да стане исклучително чувствителна на неправда, без оглед кој е жртвата.

Адвокатот потоа премина на претставување на ненадејниот и необичен мотив за обид за убиство. Тврдеше дека Засулич сакала да се одмазди за непознато лице кое настрадало поради неправдата направена од страна на жртвата.

Трепов Фјодор Фјодорович

Имено, сите поротници знаеја за настанот кој претходно привлече големо внимание кај јавноста во Санкт Петербург. Градоначалникот Трепов нареди камшикување на еден затвореник, зашто тој не сакал пред него да ја симне кашата. Иако оваа казна била незаконска, извршена е по наредба на Трепов. Засулич, бесна поради овој конкретен случај на неправда кон друго човечко битие, се упатила во Санкт Петербург за да се одмазди за човекот што лично не го познавала, тврдеше одбраната.

Александров го прикажа Трепов како тиранин, а Засулич како личност која сака правда во неправедниот систем. Во својот говор тој од поротата бараше да заборави на вообичаената дихотомија на вина и невиност и наместо тоа да направи морален суд во врска со целата ситуација.

Кога дванаесетте поротници се вратија во судницата по советувањето, завладеа штама.

„Првиот меѓу нив со растреперени раце ми го подаде листот хартија. Под првото прашање со крупни букви беше напишано: 'Не е виновна'. Измешани мисли за последиците, влијанието, значењето на овие три збора ми пролетаа низ главата додека ја потпишував пресудата“, забележал главниот судија Кони.

Во судницата завладеа хаос кога присутните со воодушевување започнаа да аплаудираат, подржувајќи правно целосна контроверзија, а сепак, според мислењето на многумина, праведна пресуда. Засулич е ослободена од обвинението и е пуштена од притвор.

Познатиот случај на Вера Засулич, според сведочењата, го разбеснил царот и им ги уништил кариерите на повеќе лица, меѓу кои и на судијата Кони, па и на самиот министер за правда.

Стравувајќи од повторно апсење, Вера Засулич веднаш ја искористила можноста да исчезне од видокругот, а потоа со помош на пријатели ја напушти земјата. Како и што се очекуваше, беше поднесена жалба на пресудата и случајот повторно беше отворен. Но, обвинетата тогаш беше надвор од видокругот на полицијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња