Прво, сè што е поврзано со брендот „Калашников“ е апсолутно сигурно и пука при сите услови - на неверојатен студ, жега, дури и под вода. Може дури и да не го чистите (иако би било добро) - дури и нечисто ова оружје пука, иако малку погласно. Ама пука.
И второ, многу поевтино е од западните „браќа“. Речиси двојно. Затоа новиот модел претставен од концернот ќе ги израдува колекционерите и љубителите на гаѓањето на стрелиште. Јасно е дека можете да купите еден во Русија само ако ги исполнувате сите барања од законот „За оружје“.
Ова е новата верзија на карабинот со мазна цевка TG2 (верзија 3) со скратена цевка. По изглед е идентичен на автоматот АК-104 и карабинот „Сајга“. Патем, пред една година концернот веќе ги претстави новите карабини од ова „семејство“ - TR9, TR3, „Сајга 308“.
Новиот карабин има цевка со должина од 341 мм, кундак на преклоп и странична шина за закачување оптика. Шината, патем, е иновација. По желба, наместо оптика, може да се прикачи ламба.
Се претпоставува дека карабинот може да се користи на натпревари во практично гаѓање, тренирање, па дури и за лов. Впрочем, тешко за лов, сомнителни се прецизноста и дострелот на кратката цевка. А, за самоодбрана, односно за стрелба од непосредна близина, е вистинското оружје. Згора на тоа, тој е компактен и, доколку се запази законодавството за оружје, може да се носи дури и на долги патувања. На крајот на краиштата, новиот карабин е едноставно прекрасен и ќе ги воодушеви познавачите на естетиката на оружјето, пишува „Росијскаја газета“.