Концернот „Калашников“ ги објави на почетокот на октомври првите снимки од експерименталниот модел АК-521, автоматот кој ќе ги замени моделите АК-12 и АК-15.
Оружјето ги има стандардниот калибар 5.45х39 мм, исто како АК-74 и АК-12, а специфичен е според карактеристиките кои под објавената видеоснимка ги опишува генералниот директор на концернот „Калашников“ Дмитриј Тарасов.
Прво, АК од серијата 500 (а се работи токму за „серија“, што значи дека според истата конструкција ќе бидат направени модели и за останатите калибри) за закачување на оптика има база која не се одвојува од цевката како за време на стрелба, така и при делумно или целосно расклопување. Второ, конструкцијата на новите АК се дели на горен и долен дел на сандакот. Сите подвижни механизми кои трпат механички притисок ќе бидат направени од метал, а сите статични делови од полимер. Така оружјето ќе има помала тежина и подобра ергономија, а истовремено ќе се подобри густината на огнот.
Густината на огнот ќе биде подобра и благодарение на слободната цевка која не налегнува на предниот ракофат, додека шината 1913-MIL-STD се протега од задниот попречен пресек на сандакот со ракофат до крајот на предниот ракофат.
Со таквата конструкција се отстранува сериозниот недостаток на АК, кој се состоеше во вибрирање на капакот на сандакот со ракофат во текот на стрелба, поради што постољето на нишанот на неа со текот на времето се поместуваше.
Покрај тоа, на снимката се гледа дека наместо претходниот регулатор на стрелбата, карактеристичен за автоматите „Калашников“, сега е искористен сличен на оној кај американските модели M-4 и H&K 416. Ова мало конструкторско решение повеќекратно ја подобрува ергономијата и ја забрзува стрелбата и ракувањето со автоматот.
„Однадвор гледано се чини дека кај новиот АК-521 пред сé е преработен горниот дел на сандакот. Можеби тоа е обид да се направи еквивалент на модуларната програма на H&K 416 кој беше апдејт на постојните модели M-4 и M-16 во вооружувањето на НАТО“, изјави за порталот Russia Beyond воениот аналитичар Дмитриј Сафонов.
Според него, ова интересно конструкторско решение ќе им значи многу на припадниците на спецназот. „Тие сакаат да го прилагодат оружјето на своите потреби, така што новата конструкција за нив ќе биде полн погодок“, истакна експертот.
Тој додаде дека АК од „петстотата“ серија ќе ѝ биде претставен на јавноста во текот на наредната изложба на оружје „Армија“ во 2021 година. „Годинава „Калашников“ имаше голема премиера на моделот АК-19 за земјите кои имаат НАТО-муниција. Тоа значи дека концернот ќе го доврши и дотера својот АК-521 за следната изложба на оружје“, додаде експертот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче