Петте најдобри руски авиони на сите времиња

МиГ-29 на руското воздухопловство.

МиГ-29 на руското воздухопловство.

Mil.ru (CC BY 4.0)
Овие авиони, од „кукурузникот“ до ловците од четвртата генерација, се познати ширум светот.

1. Су-27

Су-27

Су-27 „Сухој“ беше советски пандан на американските ловци од четвртата генерација F-15 и F-16 произведени во текот на 1970-тите години. Кога се дозна за американската програма за создавање нов супериорен авион-ловец, на советското раководство му стана јасно дека националната безбедност на СССР е загрозена, бидејќи Студената војна беше во полн ек.

Советскиот Генералштаб постави амбициозни барања и неопходните технички услови што треба да ги исполни перспективниот модел на новиот советски ловец. Новиот авион мораше да има голем долет, но и способност за полетување и слетување од кратки неподготвени терени, брзина од два маха (двојно поголема од брзината на звукот) и можност за носење тешко вооружување.

Барањата во поглед на техничките карактеристики беа премногу амбициозни за да можат да се реализираат во рамките на еден проект и затоа се појавија два ловци. Еден од нив беше „Сухој“ Су-27.

Су-27 првпат полета на 20 мај 1977 година, а во сериско производство беше пуштен 1982 година. Неговиот борбен радиус беше 750 километри и според тој параметар беше полош од F-16, но затоа беше побрз. Можеше да развие брзина од 2525 км/час.

Имаше топ од калибар 30 мм и ракети Р-27 од класата „воздух-воздух“. Наменет е за воспоставување доминација во воздухот и за други воздушни воени операции. Руската воена индустрија во текот на 1980-тите направи неколку модификации на овој ловец. Му беа додадени ракети „воздух-земја“. Денес авионот Су-27 го користат воените воздухопловства на Кина, Индија, Индонезија, Виетнам и неколку постсоветски земји.

2. МиГ-29

МиГ-29С (9.13С)

Микојановиот МиГ-29 беше вториот ловец што се појави како резултат на советските напори насочени кон достигнување паритет со американските модели F-15 и F-16. МиГ-29 не може да се спореди со моделот Су-27 според брзината и борбениот радиус, но затоа е подобар според своите познати маневарски можности. Тестирањата што ги изврши од германската армија по крајот на Студената војна покажаа дека советскиот МиГ-29 имаше подобри маневарски можности од американскиот F-16.

Овој ловец може да носи ракети од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Првите примероци беа направени на почетокот на 1980-тите. МиГ-29 сè уште е во арсеналот на Русија и на низа други земји, вклучувајќи ги Индија, Србија, Перу, Полска и други.

Сега, Русија има намера наместо моделите Су-27 и МиГ-29 да го воведе авионот-ловец од петтата генерација Су-57.

3. Јак-9

Јак-9

Јак-9 на „Јаковлев“ се појави 1942 година, кога му беше најпотребен на Советскиот Сојуз во војната против Германија. Овој едносед со еден мотор и пропелер на клунот ја одигра фундаменталната улога во сузбивањето на доминацијата на германското „Луфтвафе“ во воздухот за време на Втората светска војна.

Благодарение на металните делови во изградбата на конструкцијата зголемени се количината на горивото и вооружувањето, така што Јак-9 можеше успешно да се бори против германските ловци Focke-Wulf Fw 190 и Messerschmitt Bf 109G.

Се покажа дека Јак-9 е идеална платформа за извршување различни видови воздушни задачи, вклучувајќи борбени, вежбовни, извидувачки и патнички летови.

4. Ан-2

Ан-2

„Антонов“ Ан-2 е навистина легендарен авион. Овој двокрилец со еден мотор и прекарот „кукурузник“ беше наменет за употреба во земјоделството и шумарството, но брзо се покажа дека може многу повеќе.

Имено, се покажа дека е невообичаено отпорен и многу сигурен, а неговата најважна карактеристика беше големата носивост и можноста да слета на која било неподготвена рамна површина и да полета од неа. Благодарение на таа неверојатна способност, Ан-2 се користеше и таму каде што други авиони не можеа да се користат од технички или економски причини.

Долги години овој едноставен и генијален авион се користеше во разни мисии, како што се запрашување земјоделски култури, „бомбардирање“ со вода, земање примероци од атмосферата итн. Служеше и како летечка брза помош во далечните региони на Русија. Други негови модификации беа користени за десантирање падобранци.

Првиот Ан-2 се појави далечната 1947 година, но овие авиони сè уште сочинуваат околу 90% од малата авијација во Русија, поради што моделот го доби епитетот „вечниот авион“.

5. Tу-154

Ту-154М, Специјална летечка ескадрила „Русија“

„Туполев“ Ту-154 беше главниот советски патнички авион. Овој патнички авион со тесен труп со три млазни мотори прв пат полета 1968 година и набрзо стана главниот адут на советските, а потоа и на руските авиокомпании и им служеше неколку децении.

Во своите „најдобри години“ Ту-154 превезуваше половина од сите патници на компанијата „Аерофлот“, која имаше монопол во областа на авионскиот сообраќај и ги експлоатираше буквално сите авиони во СССР.

Една од најинтересните карактеристики на овој авион е неговата можност да слетува на писти од земја и чакал, што е неверојатна флексибилност за еден патнички авион со такви габарити. Интензивно е користен во Арктикот и во другите региони на Русија каде што преовладуваат екстремни климатски и други услови.

Авионот има брзина на крстарење од 850 км/час и може да лета 5280 километри. Многу земји го увезуваа Ту-154, а некои шефови на држави дури го користеа и како свој службен авион.

За жал, со овој авион се случуваа и трагедии. Ту-154, во кој беа тогашниот претседател на Полска Лех Качински и раководството на земјата се сруши кај Смоленск.

Овде погледнете го списокот на петте најдобри руски хеликоптери на сите времиња.

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња