Објаснета мистеријата на мравките-канибали во нуклеарен бункер од советскиот период

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Оваа приказна првпат „исплива“ во 2019 година и го привлече вниманието на медиумите. Да погледнеме околу што се крена правот.

Во ноември 2019 година неколку новински агенции објавија загрижувачка вест за мравки кои излегле од напуштен бункер од советскиот период во Полска, користен, како што се претпоставува, за складирање нуклеарно оружје. Тие мравки, наводно, со години опстојувале благодарение на канибализмот, т.е. се јаделе едни со други, а сега излегле меѓу луѓето. Откако беше објавена, оваа приказна го привлекува вниманието на корисниците на интернетот.

Радиоактивните мравки нашле излез од радиоактивниот советски бункер и излегле надвор. Тоа не може добро да се заврши, особено во катастрофалната 2020 година која руши сé пред себе.

Само полека, драги читатели. Нема причина за паника. Барем засега... Еве на што се заснова наведената приказна.

Група полски научници на чело со Војцех Чеховски 2013 година во текот на истражување на лилјаци (!) открила мравки кои упаднале во стапица во стар напуштен нуклеарен бункер од советскиот период.

Среде ова истражување научниците наидоа на колонија мравки кои влегле во вентилациската цевка и не умееле да се вратат во својот мравјалник.

Тоа биле само мравки-работници кои не можат да се размножуваат, а во бункерот немало никаков извор на храна, топлина и светлина.

Научниците ги оставија таму каде што ги најдоа, а потоа повторно дојдоа 2016 година да видат што се случува. Беа зачудени кога видоа дека колонијата е поголема отколку што беше, а на остатоците на мртвите мравки се гледаа траги од касање во пределот на абдоменот.

„Колонијата мравки во бункерот опстојувала и со годините станувала сé поголема, иако не создавала сопствено потомство. Постојано доаѓале нови мравки-работници од горниот мравјалник и сé повеќе имало загинати мравки“, заклучи тимот научници во подоцна објавената статија. Загинатите мравки служеле како неисцрпен извор на храна, така што мравките во стапицата можеле да опстојат во крајно тешки услови“.

Авторите на статијата изведоа експеримент – ја поставија штицата по која мравките можеа да излезат и да се вратат во мравјалникот. За година дена колонијата заробени мравки исчезна од бункерот. Се претпоставува дека се вратиле во матичниот мравјалник.

Треба ли човештвото да биде загрижено поради можна ненадејна инвазија на радиоактивни мравки во најскоро време? Веројатно не, затоа што научните кругови не укажаа на каков било проблем, а и ние (засега!) немаме слушнато никакви алармантни вести поврзани со мравките.

За разлика од другите појави во 2020 година, оваа е веројатно безазлена и инспиративна. Во секој случај, таа покажува „каков монументален потенцијал имаат мравките кога станува збор за самоорганизирањето, дури и во услови кои не овозможуваат опстанок на видот“.  

Советските трупи уште во текот на 1960-тите направија нуклеарни бункери во Полска. Три бункери беа напуштени на почетокот на 1990-тите, кога СССР се распадна, а воениот контингент ја напушти Полска. Полските научници сметаат дека советските бункери биле наменети за чување нуклеарно оружје, но нема јасни докази дека таму навистина било чувано некое оружје, бидејќи нивото на радијација не ја надминува нормалата.

Овде можете да најдете детален водич низ мистериите на Русија