„Вакцината направена во Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеја“ ќе биде регистрирана на 12 август. Сега е во тек последната, трета фаза. Нејзиното тестирање е крајно важно, Треба да се има предвид дека вакцината мора да биде безбедна“, изјави заменик-министерот за здравство на Русија Олег Гриднев.
Гриднев исто така рече дека вакцината што ја направи центарот „Гамалеја“ први ќе ја примат медицинските работници и старите лица. Ефикасноста на препаратот ќе може да се оцени врз основа на резултатите од формирањето на имунитетот на популацијата.
Третата (завршна) фаза на тестирањето на вакцината против коронавирус на возрасни ќе трае околу пет месеци. Во неа ќе учествуваат околу 2000 пациенти.