Американците третираат руска крстосувачка ракета како „летечки Чернобил“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
САД ја повикуваат Русија да престане со развојот на „летечките Чернобили“, т.е. на крстосувачките ракети на нуклеарен погон. Според мислењето на Маршал Билингсли, специјален пратеник на американскиот претседател за контрола на вооружувањето, таквото оружје „воопшто не треба да постои“.

„Ние, искрено кажано, сметаме дека таквото оружје воопшто не треба да постои. Зошто е потребно да се има крстосувачка ракета со нуклеарен мотор и нуклеарна боева глава? Тоа не е ништо друго освен летечки Чернобил. Замислете колкава радијација ќе ослободува таа во текот на летот. Нема никаква логика која би ги оправдала тие системи на Судниот ден“, изјави тој на состанокот на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД.

Билингсли, како што вели, им рекол на руските партнери дека тоа е „трошење на огромни средства“ и дека сличните проекти треба да се запрат.

Американскиот функционер притоа истакна дека хиперсоничното оружје што го прави САД ќе го изедначи односот на силите во Азиско-тихоокеанскиот регион.

На почетокот на јули Билингсли изјави дека проектите на руските ракети „Буревесник“ и „Посејдон“ се „ужасни“ и дека треба да бидат запрени.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин во февруари соопшти дека Русија продолжува со снабдување на сите родови на војската со најнови видови вооружување и техника, меѓу кои и со ласерски и хиперсонични системи.