Крстосувачката ракета со неограничен дострел „Буревесник“ спаѓа во еден од најмистериозните проекти на рускиот воено-индустриски комплекс кој во последно време се појави во светската јавност.
За ракетата на нуклеарен погон (скратено рус. ЯЭУ) лично зборуваше и првиот човек на Руската Федерација В.В. Путин за време на своето обраќање до Федералното собрание (говорот од 2018 година). Рускиот претседател во таа пригода претстави шест нови системи кои ги развиваше рускиот воено-индустриски комплекс, од кои пет се наоѓаат во статус пред усвојување во вооружувањето. Практичните тестирања на супертешката ракета „Сармат“ и на длабоководниот дрон-торпедо „Посејдон“ се одвиваат без никакви проблеми. Во опитно-борбено дежурство стаса ласерскиот комплекс „Пересвет“ како и хиперсоничниот ракетен систем со воздушно базирање „Кинжал“. До крајот на оваа година во составот на Ракетната војска за стратешка намена (скратено рус. РВСН) се очекува образување на првиот ракетен полк кој ќе биде опремен со балистички ракети кои ќе носат блокови со маневарско едречки болиди „Авангард“, кои ќе летаат многу далеку и неверојатно брзо.
Сето тоа е познато, и за тоа веќе многу се пишува и се зборува. Но, кога станува збор за развојот на фамозната крстосувачка ракета „Буревесник“, нема многу информации. Тука владее еден вид мистерија.
Можеби токму поради нагласената мистериозност на странскиот медиумски простор „Буревесник“ полека добива епитет на страшно оружје. Конкретно се зборува дека оваа ракета освен својот несомнено разорен потенцијал, може да има и катастрофални еколошки последици. Според овие кажувања таа за време на својот лет емитува значително ниво радијација, наведува рускиот Интернет-портал „Известија“.
Како што пренесоа странските медиуми кои се повикуваат на извори што доаѓаат од разузнавачките структури на своите земји, само тестирањето на „Буревесник“ засега е оценето како неповолно. Имено, неколку контролни лансирања се завршени неуспешно. Конкретно, една ракета за време на своето тестирање се урнала во море, и потонала во близина на архипелагот Нова Земја. Руската морнарица наводно во оваа пригода извела голема спасувачка операција во која најверојатно е пронајден и извлечен „опасниот“ проектил од дното на Арктичкиот океан.
Каква е тајната на фамозната ракета „Буревесник“? И дали оваа ракета навистина претставува толкава опасност за околината?
Во 2018 година Министерството за одбрана ја прикажа и производната хала каде се реализира процесот на составување на овие ракети. На видеоматеријалот се гледа дека ракетите на себе имаат и елементи кои се обоени со црвена боја. Исто така се гледа дека ракетите по составувањето се сместуваат во специјални транспортно-лансирни контејнери.
Црвената боја со која се обоени овие ракети ни зборува за тоа дека овие модели се наменети за тестирање. Оваа боја не е таму случајно. Поради своите големи контрасти во однос на средината, е многу полесно да се фиксира летот при испитувањето на ракетата преку оптичко-електронски средства, со оглед на тоа дека таа може да се изгуби од видокругот за час.
Гледајќи од надворешната страна, „Буревесник“ во голема мера личи на крстосувачката ракета Х-101. И кај едната и кај другата ракета е карактеристична аглестата форма на носниот дел и на трупот на ракетата. Ваквата конструкција има за цел да ја намали радарската рефлексија од ракетата Х-101 (должина и тежина). Процените се дека ракетата „Буревесник“ е долга помеѓу 9 и 11 метри. Нејзиниот постар брат-близнак Х-101 има должина од 7 метри. Според овие параметри можеме да заклучиме дека новата крстосувачка ракета е мошне потешка од Х-101. За тоа не постои никакво сомневање зашто конструкторите на ракетата мораа да го интегрираат комплетниот атомски реактор и останатите компоненти.
Уште една карактеристична црта на ракетата „Буревесник“ е положбата на нејзините летачки крила. Кај ракетата Х-101 тие се поставени на долниот дел од корпусот. Кај „Буревесник“ тие се наоѓаат на нејзиниот врв. Исто така, крилата на „Буревесник“ според своите димензии се многу поголеми одошто кај ракетата Х-101.
Принципот на работа на крстосувачката ракета „Буревесник“ која ја движи нуклеарен реактор е прилично едноставен. На корпусот на ракетата се наоѓаат специјални оддели со неверојатно силни и компактни грејачи кои се напојуваат од нуклеарниот реактор. Во нив влегува атмосферскиот воздух кој се загрева до температура од неколку илјади степени Целзиусови, и како таква претставува витално важна компонента во работната функција на моторот. Имено, вака загреаниот и компримиран воздух се исфрла низ млазниците и го создава неопходниот потисок за нејзино движење.
На видеоматеријалот што го претстави Министерството за одбрана јасно се гледаат одделите на ракетата во кои се наоѓаат грејачите, како и млаз врел воздух кој излегува од неа, а кој ѝ го дава потисокот. На крајот од видеоматеријалот (кадрите од производната хала) се гледа и самата ракета која не е поставена во транспортно-лансирни контејнери. Ракетата е прикажана во летачка конфигурација (со расклопени крила) и покриена се непровидно платно.
Но, врз основа на контурите може да се насети обликот на нејзината конструкција, вклучувајќи го и одделот на кој се наоѓаат силните грејачи. Токму димензиите на овие елементи и нивниот специфичен облик ги натерале конструкторите летачките крила да ги префрлат на горниот дел на ракетата. На овој начин позицијата на крилата не ја попречува работата на грејачите на ракетата и не ги нарушува параметрите на нејзината аеродинамика.
Значајното зголемување на габаритот на „Буревесник“ во однос на ракетата Х-101 кое е последица на вградувањето нуклеарен реактор, но и на одделот со силни и истовремено масивни грејачи, изрази сомнеж за способноста на стратешкиот бомбардер Ту-160 и Ту-95МС да ја носи и да ја користи оваа ракета. Постои можност дека за лансирање на овие ракети ќе биде неопходна пренамена на тешките воено-транспортни авиони Ан-124 или на бомбардерите Ил-76. Но, оваа претпоставка веќе се наоѓа во доменот на научна фантастика.
Според сè, „Буревесник“ во својот обил најверојатно ќе се лансира од копнени борбени платформи. Не е исклучено дека транспортно-лансирниот контејнер со крстосувачката ракета „Буревесник“ ќе биде инсталиран на тешка камионска платформа.
Колку е веројатно дека ракетата „Буревесник“ во текот на својот лет зад себе ќе остава радиоактивна трага?
Да тргнеме по ред, чекор по чекор. Врелиот воздух кој излегува од моторот, прво поминува низ грејачите кои се наоѓаат на ракетата. Значи, постои можност во мошне ограничен временски период да се оствари контакт со радиоактивните елементи кои се наоѓаат во нуклеарниот реактор. Но, постои и голема веројатност дека руските конструктори имаат пронајдено начин за радикално да ја намалат (или во целост да ја неутрализираат) контаминацијата од издувниот воздух.
Во својот говор рускиот претседател В.В. Путин рече дека новата крстосувачка ракета опремена со нуклеарен реактор ќе може временски долго да патролира низ зададените реони. Таа по добивањето на извршната команда молскавично може да го промени својот модус и да се насочи кон целта. Според ова, услов за сите услови за нејзината конечна ефикасност е степенот на маскирање и на невидливост што оваа ракета мора да ги поседува во совршен облик.
Врз основа на овој елемент кој е витално важен за успешноста на дејството на крстосувачката ракета „Буревесник“ доаѓаме до заклучок дека таа не смее за време на својот лет да емитува никаква радиоактивна трага која мошне лесно се детектира.
Во спротивно, по откривањето на радиоактивната трага непријателот може во зоната на неговата детекција да испрати авион кој е опремен со радар со голем дострел (АВАКС). Доколку „Буревесник“ е конципиран подолго време да патролира во определена зона, тој во текот на својот лет ќе направи „пајакова мрежа“ составена од вакви траги, врз основа на која мошне лесно ќе биде пронајден и неутрализиран.
Значи, неговиот прв услов кој се базира на ненадеен удар нема да биде исполнет доколку ракетата во кој било обем испушта радиоактивна трага. Тоа значи дека руските конструктори сепак нашле решение кое токму од оваа причина летот на ваквата ракета ќе го направат еколошки прифатлив.
Во светот одамна е позната технологијата на изградба на малогабаритни нуклеарни реактори. „Буревесник“ ќе носи мошне компактен модел на нуклеарен погон. Покрај него, тука ќе се наоѓа и систем за управување при навигацијата кој, се чини, е и најголем проблем кај оружјето од ваков тип. Да продолжиме понатаму...
Едно од најважните прашања кое се наметнува пред проектот за развојот на ракетата „Буревесник“ е како таа може точно да ја пронајде својата цел ако се знае дека таа во воздух ќе останува со денови?
Погрешно се смета дека современите крстосувачки ракети од типот Х-555, Х-101 „Калибр-НК“, Томахавк летаат исклучиво со помош на ГПС/ГЛОНАСС навигација. Всушност сателитскиот навигациски систем само ја зголемува прецизноста при ударот на ракетата во целта. Покрај сателитските снимки, мошне важни се и другите системи за навигација. Тие овозможуваат без сателитско читање преку ГПС/ГЛОНАСС (оваа врска лесно може да биде компромитирана со помош на средствата за ПЕБ), крстосувачката ракета мошне лесно да дојде до својата цел и прецизно да ја уништи.
Имено, кај современите модели крстосувачки ракети се користи корекција која се пресметува врз основа на највпечатливите релјефни точки (планини, речни корита и слично) кои се наоѓаат на нејзината проектирана патека. Во компјутерскиот блок на ракетите за чување информации се вчитани мошне детални објекти-ориентири кои ракетата ќе ги детектира за време на летот и врз основа на нив ќе го продолжи своето движење до конечното одредиште – целта.
Во точно определен момент, кога ракетата конечно ќе се приближи на својата цел, таа врши карактеристично полетување каде се искачува на висина од неколку стотина метри, каде со помош на силна оптичко-електронска сензорика го набљудува теренот. Истовремено навигацискиот систем со брз процесот ги пребарува сите објекти што ракетата ги гледа во тој момент. Со слика во реално време се споредуваат податоците кои се чуваат во ракетата кои во целост мора да се поклопуваат за време на дефинитивното одредување на целта.
Исто така, на овој начин ракетата може да се врати на својата патека, ако за време на летот отстапи од својот зададен курс.
Сличен принцип е, секако, применет и кај крстосувачката ракета „Буревесник“. Современата воздухопловно-конструкторска технологија овозможува интеграција на компактните и на силните компјутери во специјалните оддели на ракетата, како и системи за чување на информации. Во денешно време благодарение на ултрасофистицираните сателити не е тешко да се направи прилично детална тродимензионална мапа на целиот свет која е мошне употреблива за ваквите системи.
Но, ваквите системи имаат и свои недостатоци. Конкретно, што се случува кога ракетата лета над водна површина, како што се на пример океаните? Тука сè е еднообразно, монотоно. Нема никакви планини, ридови или мостови. Значи не постојат никакви ориентири.
За време на летот преку големи водни површини ракетата мора да пролета низ таканареченото „прво окно“. Поточно, ракетата треба пред влегувањето во воздушната зона над морето или океанот да го коригира својот лет врз основа на копнените ориентири кои се наоѓаат на излезниот брег, да пролета низ нив и на некој начин да го „заклучи“ својот правец на лет, сè дури не дојде до брегот кој се наоѓа на другата страна од хоризонтот.
Но, тука доаѓаме до нов проблем. Имено, за време на претставувањето на оваа ракета повеќе од очигледно е дека таа голем број работни часови, па и денови, ќе помине над водна површина. Како врз основа претходно изнесениот текст ќе знае каде треба да оди? Тешко дека во тој случај ќе ни помогнат податоците од ГПС/ГЛОНАСС.
Проблемите на „финото прилагодување“ на навигациските системи и на системите за управување е меѓу најтешките кога станува збор за проектирање на крстосувачките ракети. Доволно е да се сетиме на развојот на советската суперсонична крстосувачка ракета 3М25 „Метеорит“. Работата на овој проект се вршеше кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Дури и во овој момент, технологијата која е употребена за креирање на оваа ракета во многу работи е ненадмината сè до денешен ден. Веќе во првата фаза од тестирањето, конструкторите до совршенство ги доведоа речиси сите ракетни компоненти и успешно ги лансираа „Метеоритите“ од авионска платформа и од нуклеарна подморница. Кога станува збор за летно-тактичките карактеристики на ракетата, сè функционираше беспрекорно. Работеше дури и единствениот плазма екран кој успешно го криеше уводникот на воздух во ракетата, давајќи ѝ карактеристики на радарска невидливост – стелтност.
На крајот на оваа опширна анализа доаѓаме до заклучок дека крстосувачката ракета „Буревесник“ која ќе ја движи минијатурен нуклеарен реактор, не е мит, ниту претставува опасност за екосистемот. Ракетата постои и може да лета. Значи летачката платформа е во целина заокружена.
Она што сигурно ги мачи руските конструктори е создавање совршен навигациско-управувачки систем кој ќе мора технички да ги поддржи нејзините исклучителни барања кои се поврзани за уникатните летачки карактеристики на ракетата.
Токму решавањето на овој сложен проблем и ќе го определи датумот на воведување на оваа ракета во оперативното вооружување на руската армија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче